Рецензија: Fallout 4 Nuka-World

Nuka-World е последното проширување за Fallout 4 и воведува новитети во скоро сите аспекти од играта. Нови главни и споредни задачи, нови непријатели, оружја и костими и, можеби најважното од сè, нови и надградени елементи во гејмплејот.  Но, дали ваквиот коктел е доволно освежителен, а со самото тоа и способен да ја згасне жедта на фановите?

По 160 часа поминати во основната игра и последователните додатоци, нетрпеливо ја започнавме потрагата по Nuka Cola станицата и не можевме да ја сокриеме возбудата од енергичниот почеток. Nuka Cola инстантно ве зграпчува за рацете и ви вреска во лице со нова територија која се претставува како оаза за немоќните, а е всушност замка за наивните. Со нетолерантни банди чиј лидер ги дави водечките способности во хаос од немилосрдност. Со адреналинско поминување низ лавиринт од замки, легендарно соочување и ваше неминовно поставување на тронот. Nuka-World, помисливме, дефинитивно ќе го надмине атмосферското блаженство од Far Harbor. Nuka-World, заклучивме, дефинитивно нема да ги игнорира тврдокорните инсинуации за незаборавна приказна и нема да понуди антиклиматично искуство. Она што не знаевме во моментот е дека, како и бројните NPC несреќници кои паднаа жртви во Nuka-World, така и ние бевме лулнати во лажно верување.

slika-1

Нема никакво сомневање дека Nuka-World се претставува како солиден додаток, но колку повеќе играте толку повеќе доаѓате до заклучок дека проширувањето страда од криза на идентитет. Приказната почнува јако, а потоа целосно исчезнува и ве остава со часови и часови да лутате низ пустелијата од тематските паркови, да истражувате, убивате неброени непријатели и, во поголемиот случај, сами да создадете приказна. Нема ништо лошо во ваквиот „гејмплеј“, но давање толкав приоритет на пресметки никогаш не било ниту препознатливо ниту пак ценето за серијалот Fallout. Секој од парковите обработува одредена тема, како вестерн или сафари, сѐ е маестрално дизајнирано и пополнето со непријатели кои се уникатни за одредена локација. Како резултат на ова, Nuka-World е една од најдобрите постапокалиптични олицетворенија.

slika-2

Локации без силен RPG двигател се недоволна утеха за оние кои поминаа стотици часови во оригиналот. Поголемиот дел се сведува на едноставна формула: парковите ги чистите од непријателско-настроените жители и потоа ја предавате контролата на една од три банди. Тоа е тоа. Каде се последиците од таквите психолошки конфликти? Можете да предадете сѐ на една банда, а да не страдате од преголеми последици од другите две. Можете да ги убиете сите три банди и да ја вратите слободата на робовите, но освен мали козметички разлики, нема нешто што би можело да ве турка низ играта. Ваквото чувство е уште поголемо доколку, како нас, навлезете со лик чиј lvl е 80. Бројните пресметки, кои на секој чекор се форсираат, воопшто не се предизвикувачки дури и на најтешкото ниво. Земајќи го сево ова во предвид, се доаѓа до најголемиот проблем со Nuka-World – бесцелност. Барате исполнителна приказна, а наоѓате трошки од неа, барате акција, а сте соочени со истиот неинспиративен, монотон систем кој веќе има впиено часови и часови од вашето време. Барате предизвик, а наоѓате бели знаменца каде и да се свртите.

slika-3

Гејмплејот е проширен со неколку нови елементи и, во моментот кога ќе го освоите паркот, можете да започнете со негување на вашите бандитски аспирации. Па така, бројните населби во Commonwealth стануваат ранливи за ваши напади, а населението за тоталитарно потчинување. На почетокот, ваквото нешто делува интересно и ви отвора нови можности за интеракција со населбите, кои не мора да се сведуваат на борби туку и на преговарање, заканување или поткупување. Исто така, во поглед на храна и вода ќе мора да потчинувате и присилувате други населби да испраќаат намирници накај вас. Концепт кој дури и на хартија не звучи многу интересно и, поради недостаток на каква било длабочина, прети да биде изеден од монотоната повторливост.

slika-4

Nuka-World e проширување во преубава постапокалиптична околина која преколнува да биде истражена. За жал, фокусот на пресметките и површински надополнувања во гејмплејот само ја гушат таквата убавина. Последното DLC се чини како еден чекор назад за Fallout серијалот и е навистина штета што развивачите решија на овој начин да го затворат кругот. Како што кажавме на почетокот, Nuka-World не е лош додаток, но зрачи од потенцијал кој, дали поради временски или финансиски ограничувања, тоне со секое ваше напредување.

Повеќе детали за играта

  • Произведува: Bethesda Game Studios
  • Издава: Bethesda Softworks
  • Жанр: Action role-playing
  • Платформа: Microsoft Windows, PlayStation 4, Xbox One

Оценка

  • Вкупна оценка: 7.5
  • Приказна: 6
  • Гејмплеј: 7
  • Графика: 8
  • Звук и музика: 9

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии