Ретроспектива на работата Асоцијацијата за е-трговија на Македонија во изминатата година

Изминатава недела Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ) во присуство на своите членови, соработници и партнери во духот на предновогодишното расположение, ја одбележа годишнината од нејзиното формирање. Во текот на годината асоцијацијата активно работеше на нејзино спознавање од засегнатите страни и нивно зачленување, со цел здружено делување кон подобрување и раст на е-трговијата.

“Започнавме со голем ентузијазам благодарение на довербата која ни ја укажаа сите компании, организации, владини институции и индивидуалци кои се приклучија здружено да делуваме кон подобро утре за е-трговијата во земјава. Ja aнализиравме состојбата на е-трговијата во Република Македонија каде ги мапиравме проблемите и креиравме препораки за надминување на истите и го објавивме и промовиравме сеопфатниот извештај. Организиравме повеќе едукативни настани кои произлегоа од мапирањето на состојбата и потпишавме бројни меморандуми за соработка со институции и организации засегнати од проблематиката. Ја приклучивме асоцијацијацијата кон европските асоцијации за е-трговија и земавме учество на првиот глобален состанок на асоцијации за е-трговија кој се одржа во Април во Обединетите нации во Женева. Ја организиравме првата конференција за е-трговија во Македонија, преку која заеднички покажавме дека Македонија има расположение за промени и раст на е-трговијата.” – вели Д-р Нина Ангеловкса, претседател на АЕТМ.

Во продолжение е ретроспектива на организираните настани и активности почнувајќи од последниот настан – предновогодишната прослава.

#12 Една година АЕТМ & Предновогодишна прослава [Декември]

Прослава во предноводишно расположение заедно со сите членови, соработници и партнери по повод една година од постоењето на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

#11 Меморандум за соработка со МАСИТ [Декември]

Потпишавме меморандум за соработка со MASIT ICT Chamber of Commerce, со цел заедничко залагање за прогрес и подигнување на целокупното ниво на дигитални вештини и компјутерска писменост на населението и бизнисите.

#10 Меморандум со Економски Факултет, при УКИМ [Ноември]

Со поптпишување на меморандум за соработка со Економски факултет – Скопје ја зголемуваме соработката со високо образовните институции, со цел да ја зголемиме инволвираноста на професорите, а особено и на студентите како носечка алка за забрзување на развојот на е-трговијата и придонес кон поголеми знаења од оваа област како интегрален дел од процесот на дигитализацијата.

#9 Прва годишна конференција за е-трговија во Македонија [Октомври]

Македонија ја доби својата прва конференција за е-трговија! Темата на конференцијата беше “Е-трговија: Е-иднината за Е-Македонија!”, инспирирана од нашето силно уверување дека иднината за подобра Македонија лежи во дигитална држава и паметно општество, а е-трговијата е составен дел од таквото општество.

#8 Меморандум со ФИНКИ [Септември]

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ потпишаа меморандум за соработка со цел заеднички да придонесат кон развојот на е-трговијата и развивањето на способностите, дигиталната писменост и градењето капацитети во секторот за е-трговија во Македонија.

#7 Информативна работилница за преку-гранична е-трговија со Царинска Управа и DHL [Септември]

Асоцијација за е-трговија на Македонија, во соработка со Царинската Управа и DHL организираше едукативен настан каде што е-трговците имаа можност да слушнат за поедноставените царински постапки директно од претставници од Царинската управа, како и за важноста на доставата за е-трговијата и процесот на испорака.

#6 Меморандум со Царинска Управа на Република Македонија [Јуни/Јули]

Потпишавме Меморандум за соработка со Царинска управа на Р.М., кој воедно претставува и зачленување на Царинската Управа на Р.М како почесен член во АЕТМ.

#5 Промоција на Извештајот од анализата за е-трговија на Република Македонија [Jуни]

После петмесечна напорна работа и интензивно истражување, на 21 јуни го објавивме и промовиравме Извештајот од сеопфатната анализа за е-трговија со назив: “Подготвеност, потенцијал, фактичка состојба, бариери и препораки за развој на е-трговијата во Р. Македонија”.

#4 UNCTAD Ecommerce Week [Aприл]

Претседателот на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Д-р Нина Ангеловска ја претставуваше Македонија на првиот глобален собир на Асоцијации за е-трговија на eCommerce Week. Лидерите на асоцијациите ги дискутираа предизвиците со кои се соочуваат нивните држави, разменија искуства и споделија најдобри практики.

#3 Градење капацитети: “Ladies in E-commerce” [Април]

“Ladies in eCommerce” беше дводневен едукативен настан кој се состоеше од тренинзи и работилници во полето на е-трговијата. Главната цел беше да се обезбеди знаење за е-трговијата што ќе придонесе кон зголемување на капацитетите и конкурентноста во ММСП, земајќи ја во предвид родовата димензија.

#2 Прес-конференција – Launch & Brunch [Март]

Основањето на асоцијацијата беше претставено во март за време на прес-конференцијата каде што на јавноста и беа презентирани мисијата, визијата и програмата на АЕТМ. Министерот на Информатичко Општество и Администрација, г-дин Дамјан Манчевски, Гувернерот на НБРМ, г-дин Димитар Богов и регионалната директорка на Mastercard г-ца Вања Манова се обратија пред присутните изразувајќи ја својата поддршка кон е-трговијата во Македонија. Амбасадорт на Обединето Кралство, H.E. Mr. Charles Garrett и Амбасадорот на Кралството Холандија, H.E. Mr. Wouter Plomp беа помеѓу истакнатите гости во публиката кои ја дадоа својата поддршка и признание.

#1 Годишно собрание [март]

На годишното Собрание кое се одржа во Хотел Порта, присуствуваа дваесет и три претставници од компаниите – членки на АЕТМ каде се разменија идеи, коментари и предлози што се однесуваат на предизвиците на е-трговијата во различни индустрии.