Retromk – Историјата на македонскиот дизајн на едно место

Ентузијазмот и желбата за пронаоѓање и зачувување на историја на графички дизајн во Македонија го мотивираа Небојша Гелевски – Бане пред 6 години да започне огромен проект. Retromk бил замислен како краудсoрсинг платформа, но реално не заживеал како таква, вели г. Гелевски. За многу, ама навистина многу повеќе содржини од историјата на графичкиот дизајн во Македонија, посетете го Retromk!

Можеш да ни раскажеш повеќе за Ретро.мк. Колку време постои? Чиjа е идејата? Колку луѓе учествуваа на почетокот?

Ретро.мк го започнав 2012 година, во времето на втората блог „револуција“, кога се стартуваше blogirame.mk. Целта на блогот ми беше да го пополни вакумот на веб страници и да понуди содржина која не беше застапена до тогаш, а според мене многу важна – историјата на графичкиот дизајн во Македонија. Сакав на едно место да соберам дизајнирани материјали како: логоа, постери, амбалажи, значки, фотографии, плочи, касети, реклами, итн. Замислата беше да функционира како краудсорсинг платформа, да ги мотивирам луѓето да создадеме некој вид дата база на дизајни, која ќе има и едукативен карактер и ќе го зачува ова творештво за идните генерации.

Како се филтрираат содржините, дали има некој избори или кој сака може да прикачува слика?

Ентузијастите може да испраќаат материјали преку формата за пријавување на Ретромк. Има симпатизери на Ретромк кои носеа сочувани постери, весници… за да ги скенираме во висока резолуција. Би сакал да ги има повеќе, но има и луѓе кои знаат за Ретромк, па ме тагираат, пингуваат, пишуваат кога ќе им се појави некој интересен ретро дизајн. Потоа јас го средувам и објавувам на Ретромк. :) Како основач на Ретромк, самиот сум админ и одлучувам дали се исполнуваат основните критериуми за материјалите кои ќе се објават. 

Најголемиот дел од материјалите ги фотографирам и скенирам од библиотеките во Скопје. Во последниве 2 години сè повеќе материјали се собираат од новата краудсоринг платформа која ја стартуваме заедно со Немања Трајковиќ и Александар Гижаровски. Функционира како Facebook група – „Логомотива“. Групата нема премногу членови, но сепак функционира како краудсорсинг за ретро графички материјали. Имам огромна благодарност до човекот кој придонесе со најмногу ретро материјали на Логомотива – Златко Ангелески.

Имате ли некоја претстава колку ретро материјали се закачени на Ретромк, колку корисници ги споделиле овие содржини?

Блогот има околу 300 постови, но дел од постовите имаат поголем број на прилози и фотографии, некаде преку 800 фото прилози. Главен принцип е да се наведе информацијата за првото појавување на дизајнот, да го наведеме авторот, изворот… доколку ни се познати.

Оттаму, оваа „провокација“ е пример дека Ретромк може да биде референца каде сме биле и каде одиме, не само во рамките на дизајнот.

Блогот беше најпопуларен 2015 година, имаше пикови од речиси 5000 посети дневно, но тоа траеше кусо. Голем интерес предизвика објавувањето на буквите од Бушавата азбука, по повод 30-годишнината од првото емитување на оваа култна емисија. Статијата ја преземаа многу портали и имаше бројни споделувања на социјалните мрежи. На овој начин, се одаде почит кон тимот на Бушавата Азбука за придонесот кој го имаа во образовниот процес на бројни генерации, но исто така испровоцира дебата за непостоењето на креативни и едукативни содржини на јавниот сервис, но и на другите телевизии. Оттаму, оваа „провокација“ е пример дека Ретромк може да биде референца каде сме биле и каде одиме, не само во рамките на дизајнот.

Со големиот бум на социјалните мражи Facebook и Twitter, сè помалку корисници споделуваат линкови до блогот, почесто се случува да ги преземаат и објавуваат без наведување на извор, често среќавам наши „ексклузивни“ материјали како се „шетаат“ по социјалниве мрежи.

Ова го кажувам само како показател дека во нашето општество сè уште постои непознавање на културата да се наведе изворот, авторот на делото. На ова би морале да поработиме повеќе сите заедно.

Дали имате некакви планови за иднина и што со собраните материјали?

Иако поретко постирам на Ретромк, мојата пасија за собирање на ретро материјали не заврши. Имам огромна колекција од илјадници ретромк материјали. Мојата фирма работи и на векторизација на стари логоа од Македонија. Планирам да издадеме и книга со најдобрите македонски логоа, а можна е и книга со Ретромк материјали. 🙂

Приказната не завршува со Ретромк, менува форми, собирањето продолжува, ги поканувам сите ваши читатели да споделат материјали за блогот РетроМК (на овој линк) или пак за новата платформа Логомотива.

#ретроМК и #retroMK се „официјалните“ хаштагови на социјалните мрежи. Во златното време на блогот, заедно со еден друг популарен хаштаг беа трендинг на Tвитер.

Иако беше замислен како краудосринг платформа, реално не заживеа како таква, но тоа може да се промени. Ако сакате уметност и дизајн, и ако имате ретро содржини, испратете ги на некој од претходните линкови.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии