Reef.finance – DeFi стартап создаден и развиван од македонски девелопери

Reef.finance е стартап кој работи во делот на децентрализирани финансии (DeFi) – поле кое произлезе од популаризацијата и можностите кои блокчејн технологијата и криптовалутите ги понудија на светот.

Што е тоа DeFi?

Децентрализираните финансии – DeFi – се финансии базирани на блокчејн и не зависат од централизирани финансиски играчи како брокери, берзи или банки за да понудат финансиски инструменти, наместо традиционалниот начин на работење, DeFi ги искористува паметните, автоматизирани договори (smart contracts) кои се базираат на блокчејн мрежа за да функционира. Практично, во DeFi просторот софтверот запишан и валидиран на блокчејн сам ги извршува договорните обврски помеѓу купувачот и продавачот, или доверителот и должникот, на кои се сложиле.

Голем океан со многу риби…

Според DefiPulse.com – сајт кој обработува бројки во DeFi полето и ги следи едни од најпопуларните DeFi апликации и протоколи, во децентрализираните финансии досега глобално се инвестирани повеќе од 54.84 милијарди USD долари. (Да, бројката е точна, проверивме три пати…) Трите најголеми играчи во DeFi-то засега се компании кои извршуваат позајмици преку DeFi протоколи – Compound, Maker, Aave, следени од децентрализираните берзи како Uniswap, Curve Finance, SushiSwap (форк на Uniswap)…

Во големиот DeFi океан со многу риби, се забележува и еден гребен (pun intended) – Reef.finance кој е создаден од Денко Манчевски, девелопер кој студирал и работи во Љубљана, Словенија. Тимот на Reef.finance е предводен од Денко, меѓутоа во тимот има и други македонци како нашиот соговорник Филип Бараковски, кој ја игра улогата на Lead Frontend Architect во Reef.finance.

Кажете ни на кратко што претставува Reef Finance?

Reef Finance се стреми да ги направи децентрализираните финансии (DeFi) и апстрактниот концепт на блокчејн достапни за сите, со тоа што ги оптимизираме приносите, ги агрегираме DeFi протоколите и ликвидноста. Со други зборови, се обидуваме да ја отстраниме техничката бариера која е потребна за еден корисник да влезе во светот на децентрализирани финансии и крипто валути со „сè во едно“ решение.

Кога и како започна овој проект?

Идејата за Reef се оформи околу јануари 2020, од страна на нашиот CEO Денко Манчески. Како што ги воочувавме проблемите кои се повторуваа во различни индустрии, комплексноста и бариерите кои го попречуваат влезот во светот на крипто, идејата дојде прилично природно. Имаше многу дискусии и итерирања околу Reef и која е главната цел која се обидуваме да ја постигнеме. Во септември 2020, имавме seed funding, на кој во Reef беа инвестирани 3.9 милиони USD долари од неколку инвеститори.

Колкав и кој е тимот? Колку девелопери се од Македонија?

Моментално броиме околу дваесетина од кои 8 програмери, но бројката се зголемува. Сите девелопери имаат огромно искуство, особено со финансии и/или блокчејн, и бидејќи сме стартап сите сме версатилни околу технологиите кои ги работиме. Моментално имаме двајца девелопери од Македонија, вклучувајќи го нашиот CEO, Денко Манчески (кој сега веќе има и други обврски освен програмирање :)), и јас како Архитект.

Голем дел од нас работевме заедно во Словенија во еден период од кариерата, па Денко имаше идеја и се споивме пак :).

Кои се предизвиците на развој на сопствен блокчејн?

Мислам дека најголемиот предизвик во моменталниот циклус на маркетот е наоѓањето на вистинските луѓе. Сите кои се добро потковани околу развивање сопствен блокчејн се веќе зафатени со други проекти. Тимот којшто работи треба да биде свесен за огромниот број безбедносни ризици инволвирани на повеќе нивоа, така што нема простор за грешки.

Од кориснички аспект, треба да овозможиме лесна интеграција за нашите корисниците во паралела со моменталниот блокчејн екосистем.

За што се може да се користи Reef?

Reef има многу употреби, од сопствен блокчејн, до своја децентрализирана апликација. Последната функционалност која ја извадивме на крајот на март е можноста да се инвестира во неколку протоколи како Uniswap, Balancer, Mooniswap и голем број на крипто валути директно од нашата платформа, без да треба инвеститорот да води сметка за сите инвестиции на сите различни веб-страни и апликации.

Притоа, нудиме преглед на историскиот профит на одбраните протоколи и валути за по сигурно инвестирање. Имаме уште многу интересни работи, а за повеќе ѕирнете на http://reef.finance/ и нашата децентрализирана апликација http://stake.reef.finance/.

Кои се плановите за иднина? Кои се приоритети на тимот во моментов?

Само што ги завршивме сите ветени функционалности за првиот квартал од 2021 година, излеговме со наш blockchain (testnet); документации околу истиот; наш block explorer; и уште многу други работи. За вториот квартал имаме планирано многу нови и интересни нешта, како нашата дебитна картичка, browser екстензија на Reef, нативно заверување на REEF токенот на нашиот блокчејн,  купување на крипто валути со картичка од нашата платформа…

Целиот roadmap го има на нашата веб страна :) Воглавно, приоритет ни е нашиот блокчејн, и со тек на време сите работи кои ги развиваме ќе ги качиме директно таму.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии