Nexus Оne e првиот телефон на Google со кој гигантот директно  навлезе на пазарот на мобилни телефони. Благодарение на фактот дека телефонот е брендиран со логото на Google, Nexus One инстантно го доби вниманието на голем број медиуми и интернет корисници.

Паметниот телефон е изработен од тајванскиот производител HTC и очекувано доаѓа со мобилниот оперативен систем на Google, Android, кој во последно време зазема се позначителна улога на глобалниот пазар надминувајќи 20.000 апликации и над 65.000 нови корисници дневно, со што станува директен конкурент на iPhone-от.

Дизајн

На прв поглед Nexus One со својот 3.7 инчен екран на допир, централно копче (ротационо топче) на долниот дел од предната страна и тенок дизајн делува како копија на iPhone-от со само додадени 4 копчиња на долниот дел од екранот. Но мислењето за телефонот со димензии 59.8 мм х 119 мм, тенок само 11.5 мм, се менува од моментот кога ќе биде остварен првиот допир и кога ќе го почувствувате материјалот од кој е изработен.

Nexus One има заоблени краеви, предната страна на телефонот е изработена од метал, додека позадинскиот дел кој ја покрива батеријата е изработен од цврст текстурен материјал, комбинација на гума и пластика кој делува пријатно во рака. Телефонот со своите 130 грама исто така е и полесен од iPhone 3GS, а за да го персонализира искуството на корисниците, Google нуди можност и бесплатно да го изгравирате телефонот на задната страна. На горниот дел од телефонот се наоѓа стандардниот 3.5 мм џек, а на левата страна, слично како кај iPhone, се наоѓа копче со кое се регулира звукот.

Google Nexus One

Перформанси

Google Nexus One е доста моќен Android телефон, со SnapDragon процесор од 1 GHz и RAM меморија од 512 MB. 3.7 инчниот екран на допир има AMOLED (active-matrix organic light-emitting diode) дисплеј со 16.7 милиони бои и 800х480 резолуција и претставува една од најдобрите работи кај овој мобилен уред.

На позадинскиот дел од телефонот се наоѓа 5 мега пиксели камера со вграден блиц, која за жал не го нуди оној квалитет кој би требало и фотографиите/видеата некогаш изгледаат доста “сиромашно”. Во продолжение следуваат две фотографии и едно видео снимени со телефонот на дневно светло:

Nexus One се разликува од останатите мобилни со тоа што има два микрофони, еден на долниот преден дел, а другиот лоциран на задната страна, микрофоните се активираат зависно од средината во која се наоѓате додека зборувате и значајно придонесуваат за поквалитетни разговори.

Што се однесува до меморијата, Nexus One има слот за microSD картичка кој се наоѓа во внатрешниот дел, кај самата батерија, и преку кој има можност да се внесе картичка до 32 GB. (Google го испорачува со 4 GB microSD картичка вклучена во цената.)

Google Nexus One

Li-ion батеријата има капацитет од 1400 mAh и според производителот нуди разговор од 420 минути (7 часа) што е сосема во ред. Потребата од поголем “живот” на телефонот може да ја задоволите  со купување на дополнителна батеријa која може едноставно да ја замените, нешто што кај iPhone-от претставува проблем.

Заклучок

Google Nexus One, кога ќе ја земеме во предвид слободата која ја овозможува оперативниот систем Android и доста сличниот хардвер кој го има со Apple-овиот модел, слободно може да се нарече “iPhone за гикови”. :)

Телефонот е брз и корисен, бара постојана интернет конекција која може да ја овозможите преку Wi-Fi или конекција преку оператор и зависен е од Google апликациите, при што одлично се синхронизира со Google календар и Gmail, а овозможува и подесување на сопствен и-мејл преку POP3 и IMAP4 протоколи. Благодарение на големиот број апликации достапни преку Android Market, телефонот може да се искористи за мал милион активности.

По цена од околу 26,950 денари (550 US долари), Nexus One е телефон кој дефинитивно има што да понуди и вреди да се поседува.

7 коментари на “Рецензија на Google Nexus One

  1. Ах тој Android ОС!!!
    Кога ќе дојде во Македонија, најверојато ќе земе T-Mobile да го продава со некои бош пакети.
    Еве предлог до нив:
    1 пакет: претплата 1000 ден, мин разговор 15 ден, мин интерент 20 ден.
    2 пакет: претплата 2000 ден, мин разговор 10 ден, мин интерент 15 ден.
    3 пакет: претплата 3000 ден, мин разговор 5 ден, мин интерент 5 ден.
    Ај со среќа…
    Тоа е МК стварност. Имаме најскапа телевизија, интернет и мобилна телефонија како една од најсиромашните држави во Европа!!!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии