Зошто да го одберете Chrome?

Благодарение на се поострата борба помеѓу главните играчи во оваа дејност (Microsoft – Internet Explorer, Mozilla – Firefox, Apple – Safari, Opera и некои помалку познати), корисниците со секоја верзија на секој прелистувач добиваа повеќе и со нетрпение очекуваа што ќе понуди конкуренцијата и не дали, туку што ќе биде подобро. Сите споменати се трудат да се подобрат во неколку главни аспекти: изглед, брзина, сигурност, приватност, а во последно време и со екстензии и разни додатоци. Во некоја друга прилика ќе направaм подетална споредба помеѓу најпознатите интернет прелистувачи за секој од овие аспекти, но сега само ќе кажам дека Google Chrome 10, не само што е одличен од секој агол, туку во повеќето категории е и лидер.

Изгледот е минималистички и предност имаат содржините на страните наспроти непотребните ленти со алатки и менија, a благодарение на интегрираните технологии за брзо процесирање на JavaScript и искористувањето на хардверската графика за брзо и реално прикажување на секој вид мултимедија, страните се отвораат инстантно во сиот свој раскош, без некои проблеми. Од аспект на сигурност, Google Chrome 10 и досега можеше да се пофали како еден од посигурните пред се поради начинот на кој ги процесира сите акции, но сега со ставањето на интегрираниот Flash прегледувач во „сигурната зона“, сето тоа е подобрено. Разните додатоци и опции за надградба, претставени преку Chrome Web Store, само го надополнуваат и онака позитивното корисничко искуство.

При тестирањето за оваа рецензија, искрено не можев да најдам некои недостатоци кои што би ги загрижиле потенцијалните нови корисни. На Веб прочитав дека параноидните корисници може нема да го користат од страв Google да не им ги собере нивните приватни информации и да им ги следи навиките за сурфање, но ако се тргне тоа на страна, како прелистувач за Google Chrome 10, можеме да кажеме дека едноставно нема некоја голема причина зошто да не го користите. Мали пропусти и нелагодности има, но кој е совршен? Во продолжение малку подетално за се што е ново и подобрено во новата верзија на Google Chrome.

Инсталација

Како и кај претходните верзии, доволно е да отидете на официјалната страна, да кликнете на копчето за преземање и за неколку минути (во зависност од интернет конекцијата и машината на која инсталирате) вие веќе ќе ја имате најновата верзија инсталирано. Доколку користите некоја од постарите верзии, надградбата е автоматска, еден рестарт на прелистувачот и можете да продолжите да работите во сосема нов и надграден прелистувач.

Изглед, нови функции и подобрувања

Прво со што ќе се соочите при средбата со Google Chrome 10, се разбира, е интерфејсот. Оние кои за прв пат го користат може на почеток ќе се збунат од тоа што практично и да нема некои менија, икони и ленти со алатки. Останатите пак скоро и да нема да забележат некоја разлика. Изгледот на Google Chrome е една од ретките работи која претрпе многу мали измени во овие две и пол години. Уште на почеток неговите креатори започна со ултра-минималистички дизајн и останаа доследни во секоја нова верзија. Дека ја направиле вистинската работа, говори и фактот што после нив и другите веб прелистувачи започнаа да ја следат оваа логика и да се ослободуваат од натрупаните командни менија и toolbar-ови.

Во Google Chrome 10 најгоре се сместени табовите кои повторно се целосно нагодливи, гледано и од страна на корисникот, но и од страна на системот. Со обично влечење лево и десно се разместуваат, а со влечење и оставање во таскбар-от на оперативниот систем, табот станува нов прозорец. Од системска страна пак, секој таб (како и во останатите верзии) е посебен процес кој преку Task Manager-от на прелистувачот (наједноставно се стартува со Shift+Esc) може да се прегледа и ако прави проблеми да се исклучи само тој, без притоа да се ресетира целиот прелистувач.

Под нив, во еден ред, се сместени и останатите видливи елементи. Најпрвин се командите за навигација и повторно вчитување (Reload) на страницата, а во продолжение е комбинираната лента за адреси која тука се нарекува Omnibox. Ова поле и не може да се нарече само лента за адреси поради неколку причини. Овде доволно е да почнете да го пишувате поимот што ве интересира и во продолжение веднаш се појавуваат адреси кои соодејствуваат со него, кои сте ги означиле како омилени или кои претходно сте ги посетиле. Почнувајќи од претходната верзија 9, тука е применете и технологијата на инстантно пребарување (instant search) која Google неодамна ја додаде во пребарувањето преку неговиот search engine. Но, за разлика од таму, не добивате резултати туку доколку страната била посетена неколку пати таа автоматски започнува да се вчитува. На овој начин, страната ќе се прикаже уште пред да ја допишете адресата. Колку повеќе пати е посетена, толку помалку пишување за вас. Оваа лента завршува со иконата која води до опциите за нагодување и контрола на Google Chrome. Во оваа верзија, покрај претходно познатите и присутни опции, наидов на уште една промена и тоа во опцијата Options. За разлика од претходните верзии, сега опциите се отвораат во посебен таб, разделени се во три главни секции, од кои повеќето се или нови или подобрени и надополнети со пребарувач со чија помош веднаш ќе може да ја лоцирате бараната опција или нагодување. Така, во основните опции (Basics) може да ја вклучите или исклучите опцијата за автоматско вчитување на страната, додека пак во т.н. лични или персонални опции наидовме на можноста за синхронизација која е приказна само за себе. Сега доволно е да се најавите со вашата Gmail корисницка сметка и од тој момент сите ваши омилени страни, апликации, екстензии, па дури и теми се снимаат и доколку го инсталирате Google Chrome 10 на друга машина, и се најавите со истите генералии, тој го добива потполно истиот изглед и функционалност. Зад третата секција Under the Hood се кријат опциите кои се однесуваат на приватноста, сигурноста, вградениот downloader и низ интересни како Google Cloud Print.

Перформанси и брзина

Гледано од аспект на перформанси, Google Chrome 10 навистина има што да покаже и да понуди. Со вградените прегледувачи на PDF документи и Flash содржини ќе заборавите на инсталација на дополнителни plugin-и за да може брзо и едноставно да го погледнете она што е дел од се поголем број на веб страници. За зголемената брзина, како што спомнавме погоре, се грижи и новиот V8 JavaScript engine кој што, во споредба со верзијата 9, за 66% побрзо ќе ги процесира ваквите програмски делови кои се се поприсутни во сајтовите, веб апликациите и слично. Кога станува збор за репродукција на видео во Google Chrome 10 имаме две забележителни измени. Првата е изостанувањето на поддршката за лиценцираниот H.264 кодек. Тоа се компензира со предефиниран видео кодек од отворен тип (open source) кој доаѓа со прелистувачот, поддржан од вториот новитет а тоа е имплементацијата на WebGL (Web-based Graphic Library) со која за прв пат можевме да се запознаеме во верзијата 9. WebGL му овозможува на прелистувачот да прикажува комплексни графички и видео материјали во самиот прелистувач со користење на моќта на графичкиот адаптер од самиот компјутер. Оваа технологија сеуште е во бета фаза, но она што можеше да се види од експериментите креирани за таа намена навистина ветува многу.

Стабилност и сигурност

Стабилноста отсекогаш била една од силните страни на Google Chrome. Тоа што секој таб е посебен процес овозможува стабилност во работењето, дури и ако настане проблем во прикажувањето на некоја страна или веб елемент. Со тоа што, уште од кога се појави Google Chrome, целата негова интерна архитектура е во т.н. „песочен часовник – sandbox“ може да изјавиме дека се се работи за еден од посигурните прелистувачи (најсигурен е тежок збор, нема да го користиме, иако според она што можевме да го забележиме а и прочитаме, новата верзија може да се закити со овој епитет). За оние помалку упатените, само накратко да објасниме како тоа Chrome работи во песочен часовник. Sandbox е всушност интерен дел од самиот прелистувач каде што се извршуваат сите JavaScript делови, plugin-и и другите делови од веб сајтовите или екстензии кои може да се искористат за вметнување на злонамерен код во системот. Со тоа што овој виртуелен дел, практично е одделен од чувствителните делови на оперативниот систем, драстично се намалуваат шансите да „закачите“ нешто што не сте го барале.

Од верзијата 10 и Flash plugin-от кој од претходната верзија е дел од самиот прелистувач е во тој sandbox. Имајќи предвид колку овој додаток е популарен и поради тоа еднакво интересен и за крајните корисници, но и за оние кои сакаат да креираат малициозен софтвер (читај: проблеми) тогаш навистина може да се заклучи дека голем дел од вратите преку кои доаѓаа вирусите, тројанците и другите „штеточини“ сега се затворени. Сите овие подобрување не се замена за добра системска сигурносна алатка, но секако се за поздравување.

За крај

Како што кажавме и на почеток има многу причини зошто Google Chrome 10 да биде вашиот предефиниран прелистувач. Мал е, екстремно брз, со нови функции и поддршка за новите технологии (HTML5 на пример), а благодарение на усовршениот процес на синхронизација, може да го наречеме и мобилен. Двата негови најголеми конкуренти кои го држат главниот дел од пазарот (иако Chrome се доближи на 15%), Mozilla Firefox и Internet Explorer се спремаат за издавање на нова верзија па останува да видиме како тие ќе одговорат на новитетите и подобрувањата кои ги опишавме погоре. Дотогаш, нема да ве чини ни денар да го преземете и тестирате Google Chrome 10. Ако не ви се допадне, во секој момент можете да се вратите на она што и сега го користите.

6 коментари на “Рецензија на Chrome 10

  1. Mene licno Chrome ne mi se dopaga mnogu mi koci na youtube i zema resursi. Jas go Koristam IE9 i e super. Drugite verzii na IE(8,7) ne nikakvi no ovaa e mn podobrena vo nekoi raboti duri i od Chrome :)

  2. Мене ми смета што неможам да го копирам линкот од веб страната никаде ми го нема =/ мора да го бараш некако преку HTML кодовите ,знае некој чаре како да го опраам тоа ?

  3. СЅЅ3: text-shadow не го работи баш најдобро, за разлика од тоа како изгледа истиот текст кај другите прелистувачи.

  4. Она што мене не ми се допаѓа а и што може да се прочита како чест коментар во поглед на безбедност + дизајн на chrome, е не прикажувањето на целото URL на mouse-over во долниот дел. Имено, се крати URL-то и се додаваат 3 точки.
    http://img33.imageshack.us/img33/8056/chromeu.png

    Секако после некоја секунда (мислам дека се 2) се прикажува целото URL, но барем мене ова ми троши плус 3 секунди на (2 чекање + 1 анализирање) на поголем дел од линковите кои што ги кликам. Ова очигледно е неприфатливо :)

    Во поглед на дизјанот кој што го воведоа, Opera веднаш го прифати и го почна да го следи што за мене како Opera корисник беше одлично! :)

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии