Разочарувачка Е3 „конференција“ од Square Enix

Јапонскиот издавач реши нивната конференција да биде монтажа од видео материјали и ништо повеќе од тоа. Дојде скромно, прикажа неколку тизери, трејлери и демо прикази и се повлече додека поголемиот дел од публиката разменуваа погледи и се прашуваа дали таквото нешто навистина се случува. Нема никакви изненадувања од овој издавач и она што веќе го знаевме само дополнително се потврди. Во продолжение, го истакнуваме прикажаното.

Shadow of the Tomb Raider има проширени можности за прикрадување и болно многу ликвидирања. Како некои што ја играа уште од самиот почеток, некако бевме згрозени од ладнокрвното прикрадување и, на моменти, перверзно лично ликвидирање. Гејмплејот е супер, но ова не е онаа Лара што ја знаеме од првите игри и филмови. Се здобивме со впечаток дека луѓето се добиток, а Лара – ултимативниот предатор, што, повторуваме, не мора да значи дека е лоша работа.

The Awesome Adventures Of Captain Spirit ќе биде поврзан со втората сезона од Life is Strange. Оваа бесплатна игра е замислена да ја пополни празнината помеѓу двете сезони, а одлуките кои ќе ги донесете со момчето ќе бидат префрлени во Life is Strange 2. Со оглед на непостоечката цена, претпоставуваме дека се работи за само една епизода во времетраење од неполн час. Иако виденото зборува за релаксирачка невина игра на детенце, нешто ни кажува дека играчите ќе бидат преплавени и од трогателно-носталгични бранови, тактика по која е добро-познато студиото Dontnod.

Babylon’s Fall е нова игра од Platinum и можеби единственото пријатно изненадување кое крена неколку веѓи. Можеби не знаеме онолку работи колку што би сакале да знаеме за Babylon’s Fall, но студиото зад нив е повеќе од познато и реди ремек дела како Bayonetta, Vanquish и, секако, Nier: Automata,

Just Cause 4 ја потврди главниот маркетиншки елемент – времето. Хаосот зазема нови димензии и се проширува со бројни виулици, песочни бури, молњи и торнада. Ваквото екстремно временско шамарање директно ќе влијае на гејмплејот и наметнува дополнителни предизвици, како во управување со бројните возила, така и во поглед на пресметките и непресушниот извор од експериментирања.

The Quiet Man е игра која се најави со еден од најлошите трејлери во Е3. Она што можеше да се извлече од трејлерот е дека главниот лик е глув и не сака ништо повеќе од тепање, а официјалниот опис ветува игра со филмска акција и акција во живо од висока продукција. Таквото нешто нам не нѝ беше очигледно, но со нетрпение очекуваме да нѝ го докажат спротивното.

За крај вреди да се спомене и дека Final Fantasy XIV ќе добие ново надополнување кои се вика Under the Moonlight, а Monster Hunter: World има интересен хибрид помеѓу Monster Hunter x Final Fantasy. За крај, погледнете го и најновиот трејлер за Dragon Quest XI или Octopath Traveler.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии