Можеби приказните за „exit“ звучат како мит во младата македонска стартап сцена, но постојат стартапи што успеале да го продадат својот сервис. Една таква успешна приказна доаѓа од Струмица, домот на дигиталното креативно студио Работилница, основано од Ванчо Стојков, Мери Доневска-Костуранова, Крум Ѓоргиев, Ване Костуранов и Сашко Николовски. Тимот има фантастичен уметнички и дизајнерски талент кој го користат за интересни сервиси со веб икони. Нивното првенче DryIcons беше купено од американска компанија во 2014-та година, што им овозможи целосно да се посветат на новиот Iconcrafts, алатка преку која може да си персонализирате икони.

„DryIcons за неполни две години стана една од најпопуларните веб страници за веб икони и векторски графици. Квалитетот на нашата работа беше забележан од многу големи компании. На пример, едни од првите клиенти за креирање на custom икони ни беа Adobe и Salesforce. Понатаму лиценци за иконите кои беа достапни на нашата веб страница купуваа компании како Siemens, NASA, BNP Paribas, Mölnlycke Health care, Oriflame и многу други. Уживавме во целото тоа искуство, но после 8 години посветена работа на Dryicons решивме дека дојде моментот да се разделиме и да го предадеме во други раце, бидејќи веќе неколку години развивавме една идеја да направиме веб апликација за прилагодување на иконите според потребите на корисниците, односно тие сами да може да менуваат боја, стил, позадина и слично“, вели Ване Костуранов, уметничкиот директор во Работилница.

Тимот на Работилница го запознав на неодамнешен стартап настан во Скопје, и првото нешто за кое што разговаравме беше далечината помеѓу Скопје и Струмица. Јас сум од Куманово, и ми е познат проблемот што го имаат стартапите од други градови да се вклучат во заедницата. Повеќето, ако не и сите, стартап настани и конференции се случуваат во Скопје. Но, Ване е горд на Струмица бидејќи за Работилница пазарот не е Македонија, туку светот. „Тоа го спомнав во смисла на дружење со стартап заедницата во Македонија, бидејќи сите настани се случуваат во Скопје. Нашите проекти се наменети за светскиот пазар и сеедно ни е дали ќе работиме во Струмица или во Скопје. Иако според начинот на живот ја преферирам Струмица“, вели Ване.

Приказната за DryIcons е еден од ретките позитивни примери во Македонија. Но, не е онаа идеална приказна во која стартап за една-две години успева да стигне до посакуваниот „exit“. DryIcons е стартуван пред девет години, во 2007-ма, и на почетокот дечките од Работилница работеа на други проекти за да го одржат својот стартап во живот. „Во тоа време понудата на глобално ниво за веб икони беше мала и со слаб квалитет, па мислевме дека имаме добри шанси со висок квалитет да се пробиеме на светскиот пазар. Првата година додека да го разработиме сајтот работевме и на надворешни проекти, колку да можеме да си ги платиме сметките и серверите, но веднаш штом почнавме да заработуваме од Dryicons целосно се посветивме на него“, вели Ване.

Напорната работа се исплатеше. Добија понуда за DryIcons од Pinwhale Media LLC, и по шестмесечни преговори, во декември 2014-та година, се сретнаа со купувачот на Web Summit во Даблин. Можеби од Работилница сакаа да продолжат да работат на два стартапи, но тоа беше преголем предизвик. Избраа продажба чија сума останува тајна, за да можат целосно да му се посветат на својот нов проект – IconCrafts. Го стартуваа пред неполна година, во јуни 2015-та година и веќе имаат 1.000 корисници, од кои помал дел се претплатници.

„Досега имаме околу 1.000 корисници кои на различни начини дознаваат за нас, претежно преку growth hacking и герила маркетинг. Кога си стартап и немаш многу пари за маркетинг наоѓаш навистина креативни начини да дојдеш до своите корисници“, вели Ване.

Од Струмица до Шведска и назад?

IconCrafts е сервис за креирање веб икони, наменет за веб дизајнери, програмери за веб или мобилни апликации и било кој друг. Не мора да бидете експерт во дизајн за да си направите персонализирани икони. Или како што Мери го објасни во претходно интервју на IT.mk, „IconCrafts е како ресторан во кој секој може сам да си ја зготви храната, ние ги снабдуваме корисниците со потребните производи и алатки, а тие самите си ги приготвуваат иконките кои им се потребни“.

Најголемата поддршка за IconCrafts ја добија од шведскиот акцелератор Think, кој ги покани на три месечна програма во Хелсингборг. Тоа што ги привлече е што програмата се базираше на lean startup методологија. Поддршката од странство, и пристапот до поголем пазар на крај не можеше да се одбие. „Отворивме и фирма таму бидејќи придобивките од тоа да имате фирма во Европската Унија се големи. Целиот престој во Хелсингборг за нас беше одлично искуство, а пред самиот крај успеавме и да направиме MVP (minimum viable product) и кон крајот на јуни Iconcrafts.com стана достапен за корисниците“, вели Ване.

Тимот на Работилница го претставија Iconcrafts на Web Summit во Даблин.

Тимот на Работилница го претставија Iconcrafts на Web Summit во Даблин.

Сега се назад во Струмица и со искуството од DryIcons, подготвени се да работат напорно на својот нов продукт. Идејата е секогаш да се реши некој проблем – овој пат да им се одговори на потребите на дизајнерите. На Iconcrafts работат веќе една година, и тимот засега има пет луѓе. Проектот сами го финансираат, но бараат и потенцијални инвеститори кои ќе им помогнат со развојот и промоција на платформата за икони.

„Мислам дека ако размислувате на продажба уште на самиот почеток на проектот тој проект уште од старт е осуден на неуспех. Ние го работиме ова бидејќи мислиме дека ќе направиме револуција во начинот на правење икони. Моментот е идеален и потребата за нашиот продукт е огромна. Го работиме ова бидејќи мислиме дека со нашата апликација ќе решиме еден сериозен проблем на девелоперите и дизајнерите, а во исто време со нашите икони ќе ги разубавиме проектите на кои работат, како што се мобилни апликации, веб страници, софтвери итн“, вели Ване, кој покрај Работилница е познат и како реномиран уметник. За него, „Работилница е еден вид мецена на мојата уметност“.