Qualcomm со нов процесор за паметни часовници

Кај паметните часовници навидум има една едноставна поделба – или е Apple Watch, или не е. Моделите на Apple убедливо го доминираат пазарот, често не оставајќи простор за конкурентите. И иако кај Android корисниците најпопуларни се паметните часовници на Samsung, и покрај фактот што не користат Android оперативен систем, сепак не треба да се заборави и опцијата на Google – Wear OS. Овој оперативен систем, кој во моментов сеуште заостанува зад другите со функционалности, ќе го најдете на многу паметни часовници, како на пример на моделите на Fossil.

Со оглед на тоа дека Google не се откажува од Wear OS, Qualcomm неодамна најави два нови процесори за истиот. Се работи за Snapdragon Wear 4100 и Snapdragon Wear 4100 Plus, кои се првите значителни надградби кај достапните процесори од 2018. Од Qualcomm велат дека новите процесори ќе имаат значително подобрена брзина, и големи скокови во меморијата, камерата, и траењето на батеријата.

Иако ова се прилично големи ветувања, било кој познавател на паметни часовници ќе се сложи дека ваквите работи и се потребни на платформата. Претходниот пат кога имаше голема најава на проецсори беше Snapdragon Wear 3100, кој не беше ништо повеќе од минимална надградба споредено со Snapdragon Wear 2100, процесор што излезе во 2016. Ако земеме во предвид дека главното процесорско јадро кај 2100 и 3100 е всушност исто, Snapdragon Wear 4100 всушност е првиот нов процесор со големи подобрувања после четири години.

Што е ново?

За почеток, архитектурата на самиот процесор. Од 28nm процес, овојпат доаѓаме на 12nm процес. A7 јадрата кои работеа на 1.1GHz се заменети со четири A53 Јадра, кои сега работат на 1.7GHz. Според Qualcomm, со ова практично ќе се добие 85% подобрување во брзина. Имаме и промена кај графичкиот процесор, кој овојпат е Adreno A504, и е до два и пол пати побрз од претходникот, а побрза е и меморијата.

Уште една голема промена кај процесорите е што Qualcomm овојпат ќе нуди два процесори, додека претходно нудеа само еден. Заедно со Snapdragon Wear 3100, Qualcomm го најави и QCC1110 копроцесорот, за always on функционалности, па Snapdragon Wear 4100 Plus ќе доаѓа со подобрена верзија од истиот. Обичниот, Snapdragon Wear 4100 процесор, ќе доаѓа само со SDM429w SoC и го изоставува овој копроцесор.

Кога велиме дека копроцесорот е подобрен, зборуваме за големи подобрувања кои се очигледни за корисниците. Најголема е можноста дисплејот да прикаже до 64 илјади бои, споредено со само 16 бои кај претходникот, како и можноста да гледате работи како мерење на чекори, континуирано мерење на пулс, аларми, индикатор за батерија, и други работи кои во претходните генерации зависеа од главниот процесор.

За крај, самата промена на архитектура, заедно со некои други мали промени во самото јадро на процесорот, би требало да доведат до значителни подобрувања во батеријата, а од Qualcomm тврдат дека тоа ќе е до 25 проценти.

Кога ќе ги видиме новите процесори?

Од Qualcomm велат дека новите процесори веќе се на пат до производителите на паметни часовници, а првите уреди кои ќе ги користат ќе бидат најавени во наредните неколку месеци. Од Mobvoi најавија дека новиот TicWatch Pro 3 ќе биде првиот паметен часовник кој ќе го користи Snapdragon Wear 4100.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии