Qualcomm го обвини Apple за крадење деловни тајни

Дејан Соколоски

во Вести

Не е тајна дека најголемиот производител на процесори за паметни телефони, Qualcomm е во тивка војна со Apple. Досега дел од проблемите беа скриени, но веќе не. Qualcomm го обвини Apple дека ги споделувал податоците од нивните процесори со Intel. Двете компании наскоро ќе се појават пред Врховниот суд во Калифорнија, јави CNBC.

Според судскиот документ, Qualcomm тврди дека Apple го прекршил главниот договор кој го потпишале уште пред 10 години. Компанијата обвинува дека Apple го украл сорс кодот и алатките за да му помогне на Intel да ги подобри перформансите на својот чип на iPhone. Компанијата вели дека ова биле доверливи информации, и се надева дека или судот ќе донесе одлука со која Apple ќе биде осуден, или Apple ќе бара спогодба.

Qualcomm со години е снабдувач на чипови за iPhone и iPad. Последниве неколку години откако Qualcomm започна да бара повеќе пари од продажбата на секој телефон компаниите се во непријателски односи.

„Незаконското користење на трговските тајни на Qualcomm и обидот да им се помогне на директните конкуренти да се доближат ни предизвикува непоправлива штета и не смее да продолжи“, вели Доналд Розенберг, директор на Qualcomm.

Засега компанијата не приложила докази за своето тврдење. Спорот би можел да започне најрано во април следната година, ако двете компании не се договорат за вонсудска спогодба пред ова.