Qpick – нова македонска апликација која ќе ви го олесни купувањето

Пред кратко време се појави нова апликација која се претстави како првата паметна апликација за паметен шопинг. Станува збор за Qpick, дигитална платформа која на корисниците им овозможува наоѓање на промоции и попусти преку мобилна апликација, а на бизнисите кои ја користат ќе им овозможи рекламирање и промоција. Преку Qpick всушност дистрибуирате дигитални флаери до корисниците на апликацијата.

За приказната зад Qpick, од идејата, па до самата реализација, до технологијата позади апликацијата зборувавме со дечките од Qpick.

Кажете ни повеќе за Qpick. Што точно е Qpick? Како функционира?
Qpick е мобилна апликација која на потрошувачите им овозможува лесно и едноставно да ги прелистаат сите локални флаери односно промoции, да ги зачуваат во својот телефон и со помош на GPS технологија да стигнат до локациите каде што се достапни. Ова е нашата прва верзија која е достапна за Android, но позади идејата има нешто повеќе, мисијата на оваа компанија е поголема. Во 2016 година бевме дел од GES+ 2016 во Сан Франциско, каде што имавме можност да презентираме дел од нашите иновативни решенија и да претставиме идеја за шопинг што всушност беше само пола страна текст. На неколку од професорите од Стенфорд каде што се одвиваше самитот, многу им се допадна и не советуваа да почнеме да работиме на истата, бидејќи и самиот сектор на продажбата и шопингот има потреба од многу иновација.

Апликацијата е едноставна, со самото вклучување ја детектира вашата локација и со помош на GPS технологија ви ги покажува сите локални флаери. Исто како на тиндер, со лизгање на лево ја отфрлате промоцијата што не ви се допаѓа, со лизгање на десно ја зачувувате во кошничка и со клик на истата може да видите повеќе за бизнисот кој ја направил достапна. Има алатка која ви дозволува да пребарувате локации, да користите навигација до локациите и секако во овој период спремаме и многу други изненадувања од гледна точка на функции.

Од друга страна во позадина спремаме софтвер за бизнисите кои ќе им овозможи лесно и ефикасно да креираат кампањи со точни координати до правите потрошувачи. Софтверот ќе биде достапен наскоро и официјално ќе ве известиме за лансирањето.

Кој стои зад развојот и решението на апликацијата?
Qpick како идеја е започната од основачите Зоран Настески и Дамјан Димитриоски кои деноноќно во изминатата година работеа на развој на идејата, бизнисот и софтверот под менторство од Дарко Маџоски, кој е наш консултант и најголем подржувач уште од самиот почетокот. Благодарение на сите оние кои не поддржаа во текот на фазата на идеја и тестирање на истата, денеска апликацијата има потенцијал да го освои светот на шопингот и да го смени начинот на кој потрошувачите купуваат.

Денеска тимот на Qpick брои 11 членови, креативци и маркетинг професионалци кои го живеат Qpick деноноќно. Од сабајле до вечер тимот не познава работно време, размислува како да се подобри производот, како да се освои поголема публика и како да не примети светот и да ја препознае нашата иновација. Благодарение на нашиот тим, Qpick се движи со динамика која не мотивира дополнително.

За кого е наменет Qpick? Кои се неговите предности?
Пред се, Qpick е софтверска апликација која им овозможува на потрошувачите лесно да ги прелистаат најновите и најактуелни промоции базирани на локација, да стигнат лесно до локацијата каде што се достапни и како и обичните флаери, наместо да чувате хартија, Qpick ги чува флаерите во вашиот телефон и ве алармира кога сте во близина на продавницата. Со ова им овозможуваме на потрошувачите да заштедат на време и пари, да не се губат во пребарување на интернет и да се ослободат од секојдневни меилови со илјадници промоции. Во позадина се развива и систем кој точно ќе одговара на преференците на потрошувачот и ќе биде пријателски подесен да не досаѓа, да ве води и да ве информира. Се работи на систем со вештачка интелегенција што ќе им служи на потрошувачите како личен шопинг асистент.

Дополнително, за бизнисите Qpick развива серверска технологија која лесно и ефикасно ќе им овозможи да стигнат до правата публика, да им даде точни и едноставни статистики, и лесно да ги постигнат своите таргети. Со едноставно прикачување на дизајнот на веб и неколку клика до телефонот на потрошувачите.

Qpick како компанија е фокусирана на подобрување на искуството на потрошувачите а воедно и олеснување на маркетинг процесите на бизнисите преку технологија.

Како ќе ги мотивирате корисниците да ја инсталираат апликацијата?
Она што ние им го овозможуваме на потрошувачите е ексклузивни промоции од бизнисите регистирани кај нас, поклони, а и дополнително до крајот на годината ќе можат лесно и ефикасно да купат од својот телефон, да добијат поени за купувањето и да ги споделат промоциите со пријателите. Со Qpick, потрошувачите ќе штедат и на време и на пари, а и ќе се забавуваат додека го прават тоа.

Колку време го развивавте продуктот?
Од Јули 2016 до Јули 2017 се работеше деноноќно на развивање на бизнис модел што ќе одговара на софтверското решеније, на дизајни, на прототипи и на бизнис план. Конечно во Септември одлучивме да излеземе од дома и да почнеме со тестирање и финално лансиравме на 14ти февруари.  Добивањето на наградата за најиновативна бизнис идеја на Охридска Банка Социете Генерал ни беше дополнителен поттик да работиме уште понапорно за да креираме нови шопинг искуства за нашите корисници.

Објаснете ни го technology stack-от позади алатката и објаснете ни зошто токму тие технологии ги избравте?
Qpick е склоп на неколку технологии а генерално е базирана на WEB, ANDROID, GPS технологии. Користиме Python / Django како Web Framework кој ни нуди API за сите сервиси кои ги даваме. Дополнително, Python ни нуди rapid prototyping на било кои замисли, и е прилично стабилен и лесен за одржување.

Изборот беше меѓу следниве технологии: Php vs Python vs Node.js vs Ruby.

Python бидејќи ни нуди machine learning out of the box беше главен кандидат. За предниот дел на WEB развојот користиме Angular.JS, а сега за сега мобилната апликација е достапна само на Android.

Како ќе се монетизира сервисот?
Нашиот бизнис модел е отворен за сите со тоа што за потрошувачите апликацијата ќе биде секогаш достапна бесплатно, но исто така и за бизнисите регистрацијата и основниот пакет од 500 дигитални флаери (импресии) е достапна бесплатно секој месец. Доколку бизнисите забележат раст, имаат можност да преминат во некој од нашите бизнис пакети за да можат да стигнат до повеќе публика на регионално и интернационално ниво.

Имате ли веќе некои клиенти? Како се одвиваат првите тестови? Кои се реакциите на првите корисници?
Уште пред да лансираме на Qpick се регистрираа повеќе од 200 бизниси и истата бројка се зголемува секој ден. Генерално првичните реакции на бизнисите се одлични, во моментов сме повеќе фокусирани да стигнеме до повеќе потрошувачи и од истите да добиеме повратни информации за искуството со апликацијата. Активно слушаме што имаат да ни кажат корисниците и деноноќно работиме на подобрување на функциите, поправање на багови и креирање на нови функции. Бројката на downloads расте секојдневно, така што со сигурност можеме да потврдиме дема сме на добар пат  :)

Што е следно што може да го очекуваме од Qpick и вашиот тим?
Qpick има стратегија за иновативни решенија во наредни 5 години но првично ќе се фокусираме на мобилната апликација. Стратегијата вклучува и хардвер како тач излози, гемификација на шопинг искуството, трговски центри базирани на VR, AR и секако AI шопинг асистент. Во наредни 5 години Qpick има план да се вклучи во глобалната стратегија за развој на иновативни решенија за дигитална трговија и маркетинг, за подобрување на искуството на потрошувачите и подобрување на бизнисите преку технологија за да бидат по конкурентни на глобалниот пазар.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии