PS5 Рецензија: The Forgotten City е историско патување во една од најдобрите приказни со временски јамки

Salve, friend!

Претпоставуваме дека доколку не живеевте под камен последнава деценија, тогаш сигурно имате слушнато за Skyrim илјадници пати, колку и што излегоа верзии за самата игра. Популарноста на оваа игра воопшто не изненадува, не само поради комплексните механики кои пружаат огромна имерзивност, туку и поради флексибилноста на самиот енџин, кој дозволува интеграција со бројни и крајно уникатни модови кои можат да стојат раме-до-раме со наративната моќ на чедото на Bethesda. Еден таков мод се вика The Forgotten City. Модот се презема 3 милиони пати и ја доби престижната награда Writers’ Guild Award. Ова се покажа дека е сосема доволно за да го охрабри човекот кој стои зад модот, Ник Пирс, да расчисти со десетгодишна правна кариера, да формира студио и целосно да се посвети на исфрлање чистокрвна игра.

Salve, friend!

Skyrim е акциона RPG игра, но The Forgotten City е далеку од тоа и забавата почнува во моментот кога ќе ѝ прилепите етикета на мистериозна авантура со истражување и извлекување заклучоци. Во The Forgotten City патувате 2000 години во минатото и ги поминувате последните денови во еден проколнат римски град. Градот има мал број граѓани, но доколку само еден од нив направи грев – сите умираат.

На почетокот на играта, еден од ликовите, кој бил легионер во римската легија, нѝ објаснува за тоа како функционира децимација. Имено, доколку се сомневало на бунт од страна на легионерите, секој од десетте легионери влечат сламка, а оној кој ја имал најкратката бил убиван од останатите девет членови. На овој начин, повеќето плаќаат за гревовите на еден, а секое идно востание ефикасно се задушува пред и да се појави.

Легионерот не нè остава правилно да го процесираме хоророр од децимацијата и објаснува дека работите во овој град, како што и самите наскоро ќе дознаеме, се десеткратно полоши. Не чекавме долго за тоа. По неполна минута, откако наидовме на еден ковчег со пари, истренирани од стотици поминати часови во Skyrim, решивме да ги „позајмиме“. Тоа излезе дека е исклучително лоша работа.

Salve, friend!

Најголемиот забавен фактор во The Forgotten City е токму во приказната и во ваше самостојно напредување низ неа. Битките се фрлени во десетти план и она што се бара од вас, за да извлечете жива глава од градот, е да стапувате во интеракција со ликовите, да разговарате со нив, да ги поставите вистинските прашања, да ги дадете правилните одговори и да пробате да откриете кој планира да направи грев и да ја запечати судбината на сите жители. The Forgotten City е игра која наградува будно водење разговори, внимателно истражување и паметно разрешување загатки. Во зависност од тоа колку религиозно им се посветите на овие елементи, ќе доживеете еден од четири можни краеви. Сево ова е исткаено во маестрални временски јамки кои пружат уникатни гејмплеј механики и одлична вредност за свеж старт доколку работите појдат наопаку.

Како што и авторот нѝ објасни, врвот се достигнува само доколку успеете да го отклучите четвртиот крај.

Приказната и актерските способности во The Forgotten City ги заслужуваат сите можни награди. Ова е една од ретките игри во кои се има размислено на апсолутно сè и финалниот продукт е маестрално наративно дело кое целосно ја окупира вашата потсвест. Како што ликот нема да може лесно да излезе од заборавениот град, така и вие нема да можете лесно да го извлечете градот од вашите мисли. Има одредена моќ во The Forgotten City, привлечна сила чиј интензитет станува поголем со секој поминат чекор, со секој разговор и со секоја разрешена загатка. Луѓето се непредвидливи, мотивирани од нивни себични цели и често се наоѓате во ситуации каде патот до вистината е поплочан со бројни бели лаги.

На PS5, The Forgotten City нуди преубаво, апсолутно флуидно искуство во цела 4К слава и 60 фрејмови во секунда. Времето на вчитување беше инстантно и при нашето прво преигрување на наидовме на никакви технички проблеми, со исклучок на одредени несогласувања со усните и невообичаени анимации на ликовите кои пркосеа на физичките закони. Играта паметно користи одредени можности на dualsense контролерот и, како резултат, имерзивноста при одредени интеракции е уште поголема.

Salve, friend!

The Forgotten City успеја да нè освои долго пред да го искусиме крајот и да направи да се чуствуваме како дете кое по прв пат гледа преку калеидоскоп. Како огромни љубители на историјата, пријатно се изненадивме секојпат кога наидовме на докази на автентична и античка римска уметност, архитектура, костими или обичаи. Приказната во The Forgotten City можеби се заснова на временски јамки и натприродни сили, но градот и жителите не би можеле да бидат пореални.

Уште многу работи би можеле да кажеме за The Forgotten City, особено околу тие временски јамки и силите кои стојат за нив, но секое дополнително излагање на таа тема само се заканува да го намали интензитетот и да го загрози вашето самостојно навлегување во играта. Токму поради тоа, ова е одличен момент да се скрши кругот и да се направи следното непредвидливо нешто.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии