PS5 рецензија: Bonfire Peaks e релаксирачка игра со креативни загатки

Bonfire Peaks се темели на едноставен концепт: да се искачите на врвот на една мистериозна рушевина и да ги запалите вашите работи кои ги носите во кутија. Таквото нешто, меѓутоа, воопшто нема да биде лесно и потребно е да внимавате како ја носите кутијата и како стапувате во интеракција со други кутии за да можете да надминете најразлични препреки. Bonfire Peaks излегува утре, а ние сме тука да одговориме на прашањето дали го заслужува вашето внимание, или не!

За да започнете со некоја загатка, потребно е да седнете пред логорски оган. Таквата постапка ве преселува во изолирана мапа во која го започнувате искачувањето, водејќи сметка на тоа како се движите. На пример, во една мапа нема да можете да поминете помеѓу две стебла носејќи ја кутијата, туку е потребно да ја оставите кутијата помеѓу двете стебла, да се прекачите преку неа и да ја земете од другата страна. Во една друга ситуација, имате две кутии една-врз-друга, но тие се премногу високи за да можете за да можете да ги користите за качување и потребно е да земете трета кутија со која ќе ја гурнете горната кутија и ќе ги разделите една од друга, па потоа, да ги наместите во правилен редослед. Вакви комбинации се бројни и се оставаат на вас да ги откриете.

Bonfire Peaks не ве држи за рака и става огромен акцент на експериментирање со работите кои ви се сервирани. Верувале или не, две копчиња од контролерот (кругот и коцката) се за враќање неколку чекори напред, односно назад (функционираат како undo и redo), а едно копче е за целосно ресетирање на загатката (тријаголникот). Никако не помага нѝ фактот што е потребно многу време да научите како да го управувате лицето со кое играте. На почетокот скоро невозможно е да го управувате само со R3, туку е потребна паралелна употреба и на стрелките од контролерот. Како и да е, откако конечно ќе успеете да се искачите на врвот и да ги запалите вашите работи, се враќате на главната мапа, пред огнот до кој магично се има создадено уште една кутија. Стратешко поставување на овие кутии ви дозволува полека, но сигурно да се искачите на врвот. Како напредувате низ играта, така треба да внимавате на целосно неочекувани, но изненадувачки механики и правилно да се прилагодувате на нив. Зборуваме за одредени ситуации каде може да се случи подот да се руши откако ќе стапнете на него, или стрела да биде испукана доколку се најдете во одредено поле.

Во Bonfire Peaks имате над 200 логорски огнови, а со тоа и над 200 загатки, а сите од нив се внимателно дизајнирани од само едно лице. Кога се присетува на развивањето на играта, девелоперот Кори Мартин објаснува како, првично, имало многу повеќе загатки, но за да се понуди флуидно и пријатно искуство, тој и уште тројцата соработници морале да ги засукаат ракавите и да започнат со агресивно, но методично намалување и фино-дотерување на загатките. Како резултат, на располагање имате динамична voxel art авантура со едноставен гејмплеј кој е тежок за совладување. Кога сме кај ова, загатките се на тој начин пласирани да апсолутно не морате сите да ги решите за да ја завршите играта. На пример, во одреден дел од вашето искачување, наидувате на пет логорски огнови, но не мора сите пет загатки да ги решите туку за да напредувате понатаму доволно е да решите само два од нив. Така да, доколку одредена загатка ви е премногу тешка, можете да ја целосно прескокнете и да си ја пробате среќата пред некој друг оган.

Кори Мартин не само што ги има дизајнирано загатките, туку се има целосно посветено да направи една од најрелаксирачките музички подлоги. Како резултат, станувате дел од едно пријатно зен искуство каде времето и механиките се секогаш на ваша страна и вие сте во целосна контрола. Токму оваа релаксирачка музика, заедно со примарната цел за искачување и горење на работите кои ги поседувате дозволува играта да се рекламира и како наслов кој ќе ви помогне да се опуштите и помирите со одредени животни недоумици. Авторот на овој текст не е преголем фан на игри со загатки, но апсолутно уживаше постојано да се навраќа на играта, само поради тој психолошки ефект кој навистина се чувствува по долг и исцрпувачки ден. А, во случај да некаде заглавите, на располагање имате бројни видеа кои ги прикажуваат сите загатки чекор-по-чекор. Ова се нуди инстантно и директно од играта, но е ексклузивно за сите PS5 сопственици кои имаат и PlayStation Plus претплата.

Кога ќе се земе сè во предвид, Bonfire Peaks е преубава авантура која ќе ве забави, замисли, но и релаксира. За ваквиот фикс, нити можеме нити пак сакаме сите вистински да се качуваме на планини и да си ги палиме работите, па како побезбедна опција дефинитивно се препорачува играта на Кори.

1 коментар на “PS5 рецензија: Bonfire Peaks e релаксирачка игра со креативни загатки

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии