PS5 рецензија: Aragami 2 е 2 чекори напред, 1 чекор назад за овој серијал

Првата Aragami игра излезе во 2016 година и успеа да добие култно следење благодарение на уникатните механики за прикрадување во преубави околини. Првата игра, меѓутоа, не беше без проблеми и бргу ги втурнуваше повеќето играчи во еден монотон грајнд каде се правеа едни исти работи одново и одново. Aragami 2 вложува напори да го подобри искуството, но некако не успева да ги надмине болките кои беа пропратни со единицата.

Различно, а сепак исто

Aragami 2 е сместена сто години по настаните во првата игра, а луѓето од Rashomon Valley можат да бидат спасени само со помошта на три елитни Aragami духови. Во поголемиот дел од играта, гејмплеј механиките не се премногу разликуваат од првата игра. Играјќи со воинот, скокате од сенка до сенка, се прикрадувате и трпеливо ја чекате вистинската прилика за брутална елиминација или онесвестување на непријателите.

До саканата дестинација доаѓате преку задоволителна телепортација, а за подобар преглед на теренот, можете да ги следите непријателите преку ѕидови. Оваа телепортација е добредојден новитет во Aragami 2 и отвора можности за поголема слобода при движењето. Телепортирањето, меѓутоа, е директно врзано со вашата кондиција и нема да можете постојано да скокате од една до друга точка. Во ситуација да бидете детектирани, можете да си ги пробате силите со директни пресметки, но целата ваква интеракција се сведува на тешко и несмасно искуство и секогаш е подобро да одите со прикрадување, а дирекните пресметки да ги користите како последно средство.

Различните и преубави локации допринесуваат до свежо искуство, одлично надополнето од маестралната звучна поддршка. Кампањата, меѓутоа, нѝ остави впечаток како да е вештачки развлечена до 15 часа. Наместо интригантна приказна достојна на вашите епски моќи и возбудливи егзотични локали, играта ви сервира мисии за одење од точка до точка, крадење нешто или елиминирање некого. Ова се чини пласирано во море од едни исти непријатели со слаба вештачка интелигенција и болно предвидливи тактики и правци на движење. На крајот од секоја мисија добивате искуствени поени, злато и оценка во зависност од начинот на кој сте го решиле квестот. За возврат, отклучувате пасивни и активни способности, како и корисна опрема.

Работите се значително поинтересни кога ќе ви се приклучи пријател и започнете возбудлива синхронизација на вашите движења, демнеење различни пленови и нивна паралелна елиминација. Со уште едно лице, играта навистина сјае и повеќе од очигледно е дека Aragami 2 е замислена да се игра со придружба, особено кога ќе се земе во предвид начинот на кој се дизајнирани мапите и распространети непријателите. Иако играта е позабавна во ко-оп, тоа не ја менува, напротив, само ја одложува реализацијата дека повеќето квестови во Aragami 2 се темелат на монотона, празна и не наградувачка основа.

Назад во сенките

Не сакаме погрешно да бидеме разберени; Lince Works има интересна игра и, по искоренување на (најпроблематичните) багови сигурни сме дека и двојката ќе најде соодветна публика која апсолутно ќе ја обожава играта. Графиката е одлична, музичката подлога – исто така, а телепортирањето и елиминирањето непријатели е крајно задоволително. Но, за чистокрвен продолжеток во овој серијал, тимот, сметаме, требало да биде похрабар во експериментирањето, а не првенствено да се фокусира на нудење уште повеќе од веќе виденото. Потенцијалите за нешто значително подобро и поинтересно се тука, но никако не го имаат достигнато врвот. Она што останува е солидна игра со прикрадување која би требало до некаде да ги задоволи најзагрижените фанови на овој жанр.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии