Прв поглед на врвната графичка картичка Sapphire Radeon R9 Fury Tri-X

(Гостинската рецензија е првично објавена на форумот на It.com.mk од Сашко Димитријевиќ. За дискусија, слики и прашања, повелете на форумот.)
________________________________________________________________________________

Кон крајот на јуни, AMD конечно по две години го представи својот нов графички процесор Fiji. Благодарение на Anhoch имаме можност први да ја добиеме првите графички картички со овој процесор и да видиме како ке се справува со добро познатите програми за тестирање. Kартичката Sapphire Radeon R9 Fury Tri-X e опремена со новите мемориски HBМ чипови задолжени за резолуцијата од 3840х2160 пиксели, за разлика од GDDR5 која ни овозможува резолуција од 2560х1440. Графичкиот процесор работи на 1000 MHz, а картичката има Tri-X воздушно ладење со три вентилатори и слободно можеме да кажеме дека ова е едно од најдобрите ладења кај графичките картички. Важно е да спомнеме дека е потребно истата да се вгради во куќиште кое ќе и обезбеди непречено и правилно циркулирање на воздухот.

Tехнички спецификации

Ако ги разгледаме техничките спецификации ке видиме дека картичката има дисипација од 275W што е бројка која треба сериозно да се сфати. Тој податок ни укажува на фактот дека за конфигурација во која би била вклучена оваа карта е потребно да имаме солидно и проверено напојување. Ние одбравме тоа да биде напојување V750 од Cooler Master.

Дизајн

Картичката во својата кутија е спакувана со неколку пропратни елементи: HDMI кабел, Display Port to DVI конектор, CD драјвери, гарантен лист и кратко упатство. Ако ја разгледаме картичката ке забележиме неколку интересни работи. Вградено е поприлично алуминиум и бакар во неа. Сето тоа е поткрепено со одличните 90мм вентилатори со лагери кои се релативно тивки и при максимално оптеретување кога постигнуваат и најголем број на вртежи. Матичната плоча на самата картичка е пократка во споредба со ладењето кое е масивно и долго. За да ја инсталирате картичката во куќиштето, сметајте дека ќе ви завземе скоро три слота.

Сепак Sapphire одлучиле да стават толку големо и масивно ладење, не само за да обезбедат квалитетно ладење при максимално оптеретување, туку и да обезбедат доволно ладење и при минимално оптеретување на графичкиот процесор. Поточно, кога картичката се користи минимално, или пак е во состојба на мирување, контролата на вентилаторите автоматски ги гасне доколку температурата е во граници на дозволеното. Ова е таканаречена „Zero Fan Speed” опција имплементирана од производителот.

Кога температурата расте над 53 степени, вентилаторите почнуваат да вртат со поголема брзина, се до 44 степени каде што повторно брзината се намалува и температурата се одржува на некое константно ниво. Како горна граница Sapphire одлучиле тоа да биде 75 степени, па не ретко при играње или користење на програми кај кои се потребни графичките ресурси, температурата знае да биде повисока. Забележавме дека при нормална работа фабричкото подесување е вентилаторите да работат со 19%. Доколку сакате да играте игри, препорачуваме капацитетот да се зголеми од 55% до 60% каде што температурата во тој режим на работа на ладењето не поминува 45 степени, дури и при максимално оптеретување. Сето тоа е резултат на моќното воздушно ладење кое го има картичката. Овие вредности се добиени при амбиентална температура од 25 степени во просторијата каде што беше инсталирана конфигурацијата. Картичката има и 8 LED диоди кои со својата активност ни укажуваат колкаво е оптеретувањето на графичкиот процесор.

Ако го разгледаме комплетниот дел за ладење ќе заблежиме дека тој има бакарна плочка која обезбедува ладење на графичкиот процесор, а низ неа поминуваат бакарни цевчиња кои се протегаат долж алуминиумските решетки и доаѓаат до малата бакарна плочка која лежи на делот за напојување на графичката карта, односно обезбедува ладење на MOSFET секцијата.

Доколку некој се одлучи да прави било каква модификација, или пак да го извади ладилникот од картата, мора многу да внимава при нејзината повторна монтажа. Инаку еве и приказ како е изработена картичката и каде се наоѓаат нејзините клучни секции:

Самата картичка има два 8 пински приклучоци за напојување кои се наоѓаат на горната страна. На задниот дел од картичката се наоѓаат 4 приклучоци за монитор. Три од нив се Display Port приклучоци и еден HDMI приклучок. Во самото пакување е вклучен и еден адаптер однодно DP to DVI со што се обезбедува поврзување на картичката и со постарите монитори, а не се прават дополнителни трошоци на кои би се изложил крајниот корисник. Негативно е тоа што картичката нема поддршка за VGA приклучок, односно старите монитори нема да има можност да се приклучат.

Тестирање

Тестовите на графичката карта се одвиваа на следната конфигурација: Матична плоча – GIGABYTE Z97X-Gaming GT; Процесор – Intel Core i7-4790 (Haswell 8M Cash); Ладење – фабрички кулер (Intel); Меморија – 16Gb; 2x8Gb DDR3 Kingston Hyper X; Графичка карта – SAPPHIRE Radeon R9 FURY Tri-X; Хард-диск – TOSHIBA DT01ACA100 1Tb; Напојување – Cooler Master V750; Монитор – ASUS MW221U 1680×1050; Оперативен систем – Windows Pro 8.1.

Доколку се одлучите за оваква или слична конфигурација, би ви препорачале истата да ја вградите во добро куќиште кое има обезбедено непречено циркулирање и струење на воздухот, можеби и потпомогнато со дополнителни вентилатори.

Тестирањето беше направено неколку пати со различни сетирања и подесувања. Се тоа со цел да се увериме во прецизноста и работата на автоматскиот систем на ладење, а во другиот случај со мануелно подесување на капацитетот на вентилаторите. И во двата случаи се постигнаа импресивни резултати. Единствено во модот каде што брзината е автоматски регулирана, картата постигнува повисоки температури, најверојатно заради самата температурна регулација. Кога подесувањето беше мануелно, бучавата која што беше предизвикана од брзината на вртење на вентилаторите беше релативно ниска и не пречеше. За жал во моментот немавме инструмент со кој би можеле да ја измериме бучавата во dB. Но, доколку се послужиме со податоци кои можат да се најдат по интернет, таа се движи некаде околу 46dB за брзина при 50% ангажирани вентилатори.

Со цел да бидеме објективни, ќе се задржиме само на добиените резултати при фабрички подесувања на картичката без никакви промени во параметрите односно оверклокување. Добиените резултати се следниве:

Заклучок

Генерално картичката остави позитивен впечаток во секој поглед. Но, дали цената oд 38.990 денари е оправдана? Картичката и при тестирањето и при играњето без никаков проблем ги прикажуваше сите детали во максимална резолуција. Врвниот дизајн на имплементираното ладење и ниското ниво на бучва кај вентилаторите, играњето го прават вистинско задоволство. Sapphire исто така доста работеле и на самиот дизајн на картичката и со тоа допринеле таа да изгледа фантастично.

Можеби како негативна карактеристика би ја навеле нејзината големина заради која зафаќа повеќе место од останатите картички во нејзин ранг. Неможноста да се врши корекција во напонската секција за мемориските чипови, односно на еден начин се лимитира оверклокувањето на истата исто така можеме да го земеме како една негативност кај ентузијастите и оверклокерите. Евентуално актуелната цена по која се нуди на пазарот е превисока иако картата е нова, имплементирана е најнова технологија и најнови електронски компоненти. И како што рековме, кога ке ги сумираме сите позитивни и негативни работи, доаѓаме до заклучок дека AMD излегуваат на пазарот со фантастично добра гејминг графичка карта. Сите оние љубители на добра и квалитетна игра, нема да зажалат доколку оваа карта биде нивниот избор.

Благодарност до Anhoch за отстапениот модел на тестирање.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии