Прв поглед на електронскиот читач PocketBook Touch LUX3

(Ова е гостинска рецензија објавена на форумот на It.mk од Сашко Димитријевиќ. За дискусија, слики и прашања, повелете на форумот.)


За прв пат благодарение на Anhoch ќе имам можност да тестирам еден нов уред, верувам интересен за сите оние љубители на книгите. Имено станува збор за електронски читач, поточно PocketBook Touch LUX3. PocketBook е европска компанија и е една од неколкуте водечки фирми кои произведуваат електронски читачи базирани на E-Ink (paper white) технологијата.

Спецификации

Конкретниот модел кој имаме можност да го тестираме е Touch Lux 3. Да направиме еден краток осврт на спецификацијата на уредот:

    • Димензии: 114,6 х 174,4 х 8,3 mm
    • Дисплеј: 6 инчи E Ink Carta HD10
    • Позадинско осветлување: Да
    • Материјал од кој е изработен екранот: Стакло
    • Нивоа на сиво: 16
    • Боја: Темно сива – се изработува и во бела и црна
    • Батерија: Li-ion, 3,7 V ; 1500mAh декларирани за 8000 страници без осветлување
    • Процесор: 1 GHz
    • Оперативна меморија: 256 Mb
    • Вградена меморија: 4 Gb (Слободната меморија зависи од софтверот и конфигурацијата на самиот уред)
    • Мемориски слот: SD картичка до 32Gb
    • USB конекција: Микро USB
    • Аудио излез: Не е поддржан
    • Формати на електронски книги: PDF, PDF (DRM), EPUB, EPUB(DRM), DJVU, FB2, FB2.ZIP, DOC, DOCX, RTF, PRC, TCR, TXT, CHM, HTM, HTML, MOBI, ACSM, JPEG, BMP, PNG, TIFF
    • Тежина: 208g
    • Екран на допир: Капацитивен мулти-сензорски со резолуција 1024х758
    • Безжично поврзување: Wi-Fi 802.11 b/g/n
    • Останати функции: Dropbox, Send-to-PocketBook, PocketBook Sync, ReadRate, PocketNews, Scribble ,Browser, PocketBook Gallery, Notes, Book Store, Calculator, Calendar & Clock, Dictionary, Klondike, Sudoku, Chess
    • Речник: Webster’s_1913(Eng-Eng), Eng-Rus (Korolev)
    • Материјал на изработка: Пластика “Soft touch”.

Цена: ~ 8.000 денари.

Пакување

Уредот е спакуван во одлично изработена кутија. Во пакувањето можеме да ги најдеме следните работи: Touch LUX3, USB кабел, упатство за употреба и гарантен лист. Во пакувањето недостасува полнач – очигледно производот е наменет да се полни преку USB порта на компјутер или пак било кој друг USB полнач што го поседувате.

QUcKgMe

Дизајн и приклучоци

Првиот впечаток и чувството во вашата рака говори дека станува збор за убаво изработен уред. Пластиката е цврста, добро изработена, но имате чувство дека е мека на допир. Фините линии и заоблениот облик го прават едноставен за држење. Предните копчиња се изработени од мека гума и лесно реагираат и на меко притискање. На горната страна се наоѓаат две мали лежишта за поставување на додатоци. На долниот дел се наоѓа копчето за вклучување/исклучување, слотот за micro SD картичката и micro USB приклучокот за полнење.

Користење, опции и можности

Навикнати на користење на таблетите, на прв поглед читачот ни дојде малку чуден, необичен и спор. Но, секако има зошто е тоа така. Најголемата улога овде игра секако екранот. Тој е тотално различен од оние кои се користат кај таблетите и телефоните. Практично кај електронските читачи е потребно екраните да ја имаат бојата на хартијата. Кај овој уред се вградува 6 инчен екран попознат како Е Ink Paper white HD кој по боја е многу близок на хартијата. Со дополнителното вградено позадинско светло се овозможува удобно читање и во услови на намалена светлина. Вистинските благодети на електронските читачи можете да ги почувствувате тогаш кога ќе одвоите најмалку 1 час вистинско читање на истите.

uHjNqNN

По вклучувањето треба да се извршат основните подесувања за да читачот биде спремен за употреба. Се среќаваме со почетното мени на кое можеме да ги избереме книгите кои сакаме да ги читаме. Симнувањето на книгите оди многу едноставно. Бидејќи уредот е опремен со Wi-Fi можеме да пристапиме директно на некој од сајтовите, или пак ние да ги внесеме преку екстерна меморија. Нормално со снимање на СД картичка.

Постои и можност директно да се поврземе на Dropbox или преку инсталираните апликации од производителот да вршиме размена на книги со нашите пријатели. Доколку едноставно сакаме да направиме пауза и да сурфаме по интернет тоа нема да ни биде никаков проблем. Ќе можете да го видите интернетот во црно бел свет, малку необично, но интересно. За библиотеката со книги има безброј опции. Можеме да создаваме фолдери, да ги редиме по азбучен ред, да креираме сопствена библиотека итн.

SGp58Qp

За вистинските љубители на книгите, читањето ќе претставува вистинско задоволство. Со самото отварање на првата страна имаме можност да правиме многу подесувања. Почнувајќи од големината и типот на фонтот, позадинското осветлување, ротирање на екранот, додавање на белешки, користење на речник, користење на веб речник, навистина многу опции. Листањето на страните може да се прават преку екранот на допир или користење на нормалните тастери. Истото важи и за сите останати опции.

pW7X5Fq

Оној другиот дел од менито изгледа како класичен Android оперативен систем се разбира во многу поедноставена верзија. Тука може да се најдат сите подесувања за електронскиот читач. Меѓу другото читачот има опција да се користи и на македонски јазик.

Впечатоци

Кога ќе ги сумираме впечатоците добиваме една позитивна слика за целиот читач. Едноставен за употреба, релативно лесен со своите 208 грама, солиден екран, едноставен за користење и квалитетно изработен. Можеби ќе имате впечаток дека е малку спор, но сепак, да не заборавиме дека зборуваме за уред наменет за читање а не за сурфање и играње. Нема да го изоставиме и фактот дека многу добро се снаоѓа и во темни простории. Јачината на позадинското осветлување имаме можност да ја менуваме а униформноста е солидна.

NMg7fzI

Нема да ја заборавиме и батеријата. Едноставно после само едно полнење имавме можност да го користиме неколку дена без никаков проблем. Слободно можам да кажам дека батеријата ќе имате потреба да ја полните после три или четири прочитани книги од по 200 страни. Она што малку ни пречеше беше начинот за промена на фонт за кој треба малку да се потрудите во менито. Доколку сакате да читате во послабо осветлена просторија, во тој случај при вклучено позадинско осветлување ќе треба да одберете ниво кое најмногу ви одговара. Но, при најмалку осветлен екран, на пример 10%, може да се случи екранот да добие нијанса на сиво и да имате впечаток како да читате без да има осветлување. Со читање на сонце и нормално осветлени простории нема да имате никаков проблем. Со еден збор многу интересен уред кој може да го најдете во продажните салони на Anhoch.