Прв поглед на Doogee DG900 Turbo2, позитивно изненадување од средната класа

(Гостинската рецензија е првично објавена на форумот на It.com.mk од Сашко Димитријевиќ. За дискусија, слики и прашања, повелете на форумот.)
_____________________________________________________________________________________________
Иако е релативно непознат, Doоgee, кинескиот бренд на паметни телефони, може лесно да го најдете на македонскиот пазар. Веќе имавме неколку рецензии на форумот за неговите телефони, a овој пат го имаме популарниот DG900 Turbo2 на тест. Станува збор за 5 инчен телефон управуван од најновите 8 јадрени процесори. Со рецензијата сакаме да видиме дали навистина телефонот е толку добар и по изгледот и по цената по која се нуди на нашиот пазар?

(Фотографиите во текстот на Сашко Димитријевиќ)

Tехнички спецификации

  • Дисплеј: 5 инчен IPSHD 1920*1080 екран со Corning Gorilla Glass III заштита
  • Мрежа: GSM 850/900/1800/1900MHz WCDMA 900/2100MHz
  • Процесор: MTK6592, Cortex-A7 Octa core,1.7GHz
  • Камера: 18MP задна камера + 8MP предна камера
  • Меморија: 2GB RAM + 16GB ROM
  • Оперативен Систем: Android 4.4
  • GPU: Mali 450
  • Слот за мемориска картичка: Поддржува до 64 Gb
  • Wifi: 802.11 b/g/n
  • Bluetooth: Bluetooth 4.0
  • Gravity Sensor: Да
  • Конектор за слушалки: 3.5mm
  • Data трансфер: USB/Bluetooth
  • Подржани аудио формати: MP3/WAV/AMR/AWB
  • Подржани видео формати: H.265, 3GP/MPEG4- FM
  • Радио: Да
  • Димензии: 153 x 76 x 6,9 милиметри
  • Тежина: 134,4 грама
  • Цена: ~15.000 денари

Дизајн

DG900 Turbo2 е спакуван во кутија со стандарден изглед, во која има полнач, USB кабелче, заштитни фолии за предната и задната страна на телефонот, слушалки, упатство за употреба и игличка за вадење на лежиштето во кое се сместуваат SIM картичките и мемориската картичка.

Телефонот е прекрасно дизајниран и изработен. Тенок е само 6,9 милиметри и со своите сјајни површини навистина изгледа привлечно. Држењето и лежењето во рака е навистина добро. Рамката му дава одлична цврстина, а сјајните и кристални завршетоци му даваат елеганција. Дури и рамката на самиот дисплеј е тотално тенка и незабележителна. Телефонот се изработува во две бои, бела и црна. Ние го имавме црниот модел на тест.

На горната страна на телефонот е сместен конекторот за слушалки, а на долниот дел е сместен микро USB конекторот за полнење и поврзување со компјутер и микрофонот. Од левата страна се сместени тастерите за зголемување и намалување на звукот, а на десната страна се наоѓа слотот за две SIM картички, или пак за една SIM картичка и една micro SD картичка.

Хардвер и софтвер

DoogeeDG900 е телефон кој приредува големо изненадување и со неговиот хардвер. Тој е опремен со 5 инчен IPS екран со HD резолуција од 1920х1080 пиксели и Corning Gorilla Glass III заштита. Тоа всушност значи дека стаклото е 3 пати повеќе отпорно на гребење од вообичаеното. Густината од 441ppi на пикселите ни овозможува кристално јасен приказ на слика со одличен агол на гледање и живописен приказ на бои. Управуван е од новиот 8 јадрен процесор MTK6592 1.7 GHz Octa core, а за графиката се грижи добро познатиот графички процесор Mali 450. Телефонот располага со 16 гигабајти корисничка меморија, 2 гигабајти RAM меморија со која се обезбедува непречена работа и извршување на системските операции. Но дали е тоа навистина така?

При тестирањето на телефонот, поточно со гледање на класични видео материјали и видео материјали превземени од YouTube немавме никакви проблеми. Нo на моменти при гледање на Full HD содржини можеше да се забележи мало засецкување. При играње на Full HD резолуција се случуваше понекогаш да имаме пад на фрејмови. Mислам дека генерално тоа не е никаков проблем и можеме да заклучиме дека во тој поглед целокупната слика е задоволувачка и позитивна.

За време траење на играњето и гледање на видео содржини, кога процесорот работи со максимално оптеретување, во задниот дел од телефонот се осеќа загревање кое е прифатливо и не е алармантно. Сепак имаме релативно моќен хардвер спакуван во мало куќиште на кој му е потребно добро ладење, а со дизајнот, односно стаклените површини од предната и задната страна тоа е малку отежнато.

При телефонирањето немавме никакви проблеми. Соговорникот одлично не слушаше како што и ние него го слушавме.

Doogee DG900 Turbo2 е опремен со најпопуларниот оперативен систем – Android. Истиот ќе ви овозможи едноставна употреба и инсталација на многу апликации преку маркетот. Опции кои се интегрирани се и интелигентните гестикулации, опции кои ни овозможуваат автоматско одговарање на повици со доближување до увото, двојно допирање на екранот за будење на телефонот, поддршка за преку 40 јазици, swipe поддршка итн.

Во целата рецензија не смееме, а да не ја споменеме и батеријата со која е опремен телефонот. Имено станува збор за батерија од 2500mAh која што го опслужува телефонот опремен со 5 инчен екран. За секојдневна употреба и нормално користење, батеријата ќе може да го опслужува телефонот и до 24 часа. Траењето на батеријата ќе биде во зависност од тоа колку време ке користите Data Transfer 3G, WiFi, сурфате или играте игри.

Доколку телефонот го користите само како телефон и за праќање на SMS, можете да го полните и на два до три дена. Наше мислење е дека можеби за телефон со толку моќен хардвер и големина на екран, Doogee би можеле да стават малку помоќна батерија, и со тоа да ја заокружат целата хардверска слика за чиста 5-ка. Сепак од друг аспект во однос на цена перформанси, добиваме еден одличен уред.

Тестирање

Тестовите на Antutu бенчмаркот покажаа добри но променливи резултати кои можете да ги видите на сликите.

Камера

Овој пат имаме телефон кој е опремен со 18 мегапикселна задна камера. Големо изненадување кај овој модел на телефон е SonyIMX35 сензорот кој навистина ни приреди олично искуство. Сликите кои ги добивме во потполно автоматизиран мод ги надминаа нашите очекувања и слободно можеме да кажеме дека покрај одличниот екран, хардвер и дизајн на телефонот, камерата може да биде главниот адут на DoogeeDG900 Turbo2.

Снимките направени во HD резолуција се со исто така одличен квалитет што може да се види од видеото. Навистина тука телефонот добива чиста 5-ка од нас кога ке направиме споредба во класата и конкуренцијата.

Заклучок

Doogee DG900 Turbo2 навистина претставуваше едно позитивно изненадување за нас. Одличен дизајн, добро и цврсто куќиште, кристално јасен, остар и динамичен приказ на сликата и камера со Sony сензор ја заокружија целокупната слика на овој уред.

Благодарност до Anhoch за отстапениот модел на тестирање.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии