Прв поглед на Coolpad 7298D; можеби не сте чуле за брендот, но ова е солиден телефон за евтини пари

(Гостинската рецензија е првично објавена на форумот на It.com.mk од Olikomerc. За дискусија, други детали, повеќе слики и прашања, повелете на форумот.)
_____________________________________________________________________________________________

Во оваа мала рецензија на кратко ќе се потрудам да го претставам и да ве запознаам со Coolpad 7298D, 5,5 инчен паметен телефон. Како прво нешто што вреди да се спомене за пофалба е дека овој телефон има преинсталирано македонско мени, што е редок случај со уредите кои ни доаѓаат од далечниот исток, поточно од Кина каде Coolpad е третиот најголем производител на телефони зад Huawei, Xiaomi и ZTE. Телефонот доаѓа добро спакуван во елегантна амбалажа, а со него доаѓа полнач, кабел, батерија и microSIM адаптер.

(Фотографијата, и сите следни фотографии, се дело на Оливер Јосимовски)

Технички спецификации:

  • Оперативен систем: Android OS 4.2.2 (Jelly Bean)
  • Chipset: Mediatek MT6589
  • CPU: Quad-core 1.2 GHz Cortex-A7
  • GPU: PowerVR SGX 544MP
  • Дисплеј: 5.5″ HD 1280×720 pixels, IPS capacitive
  • Меморија: ROM 4GB / RAM 1GB
  • SIM картички: Dual SIM Card Dual Standby
  • Камера: 5MP со LED FlashLight
  • Предна камера: 2MP
  • Батерија: Li-ion 2500mAh
  • Димензии: 149.7x77x7.9mm
  • WiFi: 802.11 b/g/n
  • Bluetooth: Bluetooth 4.0
  • GPS: GPS, AGPS
  • Видео формати: MP4/ 3GPP/ H.264
  • Цена: ~ 8.500 денари.

Дизајн

На прв поглед Coolpad 7298D делува квалитетно парче хардвер, изгледот му е коцкаст, а од страните има алуминиумска рамка, што му дава уште поинтересен и атрактивен изглед. Дебелината му е 7,9 милиметри така што е доста тенок и лесен за држење во раце. На горната страна се 3,5 мм излезот за слушалки, од предната горна страна логото на производителот, како и слушалката, предната камера и сензорот. Од левата страна горе е дугмето за регулирање на јачината на тонот, а од десната страна е Power копчето. Најдолу се трите копчиња како и влезот за полнење на уредот и микрофонот.

Хардвер и софтвер

Хардверски е добро поткован со новите 4-јадрени Mediatek процесори, MT6589, кои покрај добрите перформанси се и доста штедливи на батерија. Заедно со 1GB RAM меморија е сосема доволно за солидно и мазно работење без никакви успорувања, лагирања и слично. Графичкиот чип е PowerVR SGX 544MP. Камерата на овој телефон е 5MP задната и 2MP предната, кои се доволни за правење фотки со среден квалитет. IPS eкранот од 5.5 инчи делува импресивно, резолуцијата е HD 1280×720, боите се доста јаки и живи, нешто како кај Samsung моделите со AMOLED екрани. Екранот на допир функционира прецизно.

Батеријата на мобилниов е 2500 mAh, што му овозможува работа и од 2 до 3 дена без полнење. Првиот пат штом го наполнив до крај го користев активно 2 дена и некој саат, скоро по цел ден уклучено WiFi и со една SIM картичка, заедно со доста малтретирање, инсталирање на разни апликации, пробување на GPS-от, правење слики и слично. Што значи дека кој не сака да се замара со често полнење како кај повеќето паметни телефони, Coolpad 7298D може да му биде добар избор. Најмногу што издржа е околу 7 дена, но без посебно користење, само по 2-3 повици дневно и чат-пат користење WiFi.

За најглавната работа за која е и наменат секој телефон – телефонијата, Coolpad 7298D се покажа супер без никакви маани. Телефонирањето е одлично, нормално како и кај поголемите брендови, соговорникот се слуша многу добро, а исто и од другата страна ме слушаат добро без никаков проблем. Двете SIM картички работеа без проблем, првата поддржува WCDMA 900/2100MHz, а втората GSM 900/1800/1900MHz тип на мрежи. Интересно е што во call log на пропуштените повици го покажува времето колку секунди некој ви ѕвонел, пример Beeped 4s или 50s, дали некој само ви титнал или ѕвонел подолго до крај.

Телефонот доаѓа со Android 4.2.2 JellyBean оперативен систем. Ланчерот кој го користи по дифолт се викa MiHome, а и самиот изглед на интерфејсот и менито потсеќа на Xiaomi телефоните, иако сум немал искуство досега со нив.

Камера

Задната камера на телефонот е 5MP со LED флеш, додека предната е 2MP. Камерите вадат просечни слики, ништо спектакуларно, колку да се најдат во некои ситуации.

Тестирање

Во прилог еве и неколку тестови од најчестите програми за тестирање, колку да се види и спореди со други модели.

Заклучок

Се на се, се работи за сосема солиден и добар телефон, нe можев да му најдам некои посериозни забелешки за овие 10-ина дена користење. Има одличен дизајн, нормално тука е и прашање на вкусови; голем и убав дисплеј со живи бои, како и автоматска регулација на осветленост на екранот. Уште еден плус е и LED диодата за известувања, која е изоставена дури и кај многу попознати и поскапи паметни телефони. За работење со телефонот, движењето низ менито, отварањето апликации и слично, се се одвива брзо и инстантно, без лагирања и кочења. Камерата му е послаба страна, сликите се со доста просечен квалитет, но ако камерата не ви е најважното нешто тогаш нема што толку да се секирате.

Секако кога ќе се земе во предвид ниската цена на овој телефон а со вакви перформанси, би било нефер да имаме преголеми очекувања.

Голема благодарност до Anhoch за отстапениот модел на тестирање.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии