Прв поглед на Acer Iconia One 7, поевтин таблет компјутер за сурфање и забава

(Доколку сакате да дискутирaте за рецензијата, приклучите се на форумот на IT.com.mk. Претходните рецензии од Сашко Димитријевиќ може да ги најдете тука. Сите фотографии во текстот се дело на Сашко.)

Овој пат правиме рецензија на таблет компјутер од таканаречената „low budget” класа, односно поевтин уред кој очекуваме да е спакуван со релативно добар хардвер споредено со цената. Се работи за Acer Iconia One 7 B1-730HD таблет компјутер кој е опремен со Intel двојадрен Z2560 процесор и PowerVR SGX544 графички чип.

Технички Спецификации:

  • Оперативен систем: Android OS 4.2.2
  • Chipset: Intel Atom Z2560
  • CPU: Dual-core 1.6 GHz
  • GPU: PowerVR SGX544
  • Дисплеј: 7″ IPS, 800 x 1280 pixels WXGA
  • Димензии: 119.00 x 198.00 x 10.16 / 320g (со батерија)
  • Батерија: Li-Polymer 3700mAh
  • Меморија: ROM 8GB / RAM 1GB
  • Надворешна меморија: поддржува до 32 GB
  • Wi-Fi: 802.11 b/g/n
  • Bluetooth: Bluetooth 3.0
  • GPS: GPS, AGPS
  • Видео формати: MP4/ 3GPP/ H.264
  • Камера: 2MP
  • Предна камера: 0,3 MP
  • Сензори: Accelerometer
  • Цена: 4.980 денари

Пакување и дизајн

Acer Iconia One 7 е спакуван во фолија која наликува на заштитна футрола, полнач, USB кабелче и упатство за ракување. Од почеток можеме да забележиме дека станува збор за пониска класа на таблет бидејќи ни недостасуваат и слушалки. Но верувам дека тоа не е некој голем проблем бидејќи скоро сите имаме вишок на слушалки кои ни стојат во фиока, па можеме да ги искористиме доколку имаме потреба.

Таблетот има стандардни димензии за 7 инчен уред и е во класа со Asus Memopad 7 или Google Nexus 7. Поради својата големина можете да го држите со една рака. Изработката е добра во однос на цената. Задниот капак се изработува во неколку бои, бела, црвена, црна, жолта, зелена, розева, портокалова и две нијанси на сина. За жал задниот капак нема можност да го менувате. Тој е изработен како текстура и на уредот му дава модерен изглед. Но и покрај тоа што тој е неменлив дел, се забележуваше одредено крцкање на пластиката. Предната рамка е во сјајна црна боја, карактеристична за скоро сите овакви уреди.

Во горниот дел на предната рамка  е сместена предната камера со VGA квалитет, а во долниот дел логото на Acer. Стандардно сместен 3,5 милиметарскиот конектор за слушалки, одма до него се наоѓа и USB приклучокот во горниот дел на таблетот. На десната страна се наоѓаат функциските тастери за глас, тастерот за вклучување/исклучување, а некаде на средина се наоѓа и слотот за мемориска картичка, преку кој што може да се прошири внатрешната меморија до 32 гигабајти.

Таблетот доаѓа со внатрешна меморија од 8 гигабајти, но од нив слободни се само 3,2 по првото вклучување на системот. Останатите се зафатени од оперативниот систем и инсталираните апликации од страна на производителот.

Како една одлична и доста позитивна работа мора да се спомне тоа што овој таблет е опремен со два звучника (не е стерео), така што слушањето на музика или гледањето на видео спотови и филмови, како и играњето на игри навистина ќе биде проследено со чист и јак звук.

На задниот лев агол е сместена и задната камера со 2 мегапиксели. Може да се каже дека ова не е камера со која ќе можете да правите квалитетни фотографии, но ќе ви се најде во даден момент. Задниот капак покрај текстурата го красат логото на производителот и налепницата на вградениот Intel процесор.

Користење

По првото вклучување на таблетот можеме да забележиме дека на него има инсталирано Android OS 4.2.2, но со првото поврзување на интернет добиваме порака дека има софтверска надградба, која секако ја прифаќаме. По неколку минути софтверот ни е апдејтиран на верзија 4.4.2. И додека се инсталираше апдејтот забележавме дека таблетот е опремен со екран кој има добар агол на гледање, за да подоцна дојдеме до сознание дека истиот е со IPS матрица. На бела позадина може да се забележи нијанса на ладно калибриран дисплеј, со мала зеленкаста нијанса, а при гледање на видео материјали се забележува и приказ со помалку детали. Резолуција која е стандардна за оваа класа на таблети е 1280х800 пиксели со густина од 216 ppi. Не треба да заборавиме дека станува збор за супер ефтин таблет, така да овие недостатоци нема да ги земеме како негативности.

Екранот има доволна осветленост за работа во нормални услови, но кога станува збор за користење на „отворено небо” во тој случај осветленоста е недоволна и ќе треба малку да се помачиме доколку треба да го користиме.

Како што претходно кажавме, софтверот е Аndroid на кој производителот има инсталирано свој апликации, дел од нив доста корисни, пример Acer Cloud на кој по регистрација можеме да закачиме разни материјали, Booking апликација, McAfee Security итн.

Сурфањето и прегледот на веб страници не претставува никаков проблем. Сепак уредот поседува солиден Intel процесор кој одлично се справува со сите апликации. Единствени лагирања и сецкања се осеќаат доколку имаме потреба да вчитаме некоја поголема апликација или некоја поголема игра. При играње на веб игри, гледање на мултимедијални содржини, видеа, музика, тој проблем нема да го забележиме. Системот за време на тестирањето беше стабилен без никакви проблеми.

Траењето на батерија, во услови кога е вклучено Wi-Fi-то, се гледаат видео материјали или пак се сурфа без престан, може да биде и до 7 часа или пак помалку. Времетраењето покрај вклучените дополнителни опции е директно поврзано и со нивото на осветленост на екранот. Така да ова е доста релативен податок.

Квалитетот на фотографиите направени со задната камера :

Бообичаено правивме неколку тестови со бенчмарк програми. Резултатите кои ги добивме се солидни земајќи во предвид за која класа на уред станува збор.

Заклучок

Кога ќе ги сумираме резултатите всушност доаѓаме до позитивен заклучок. Уред со пристојна цена, солиден хардвер и изработка, привлечен и атрактивен изглед. Можеме слободно да кажеме дека ова е таблет за сите оние кои не сакаат да потрошат поголема сума на пари, а ќе можат да го користат за сурфање, гледање на мултимедијални содржини и забава.

Голема благодарност до Anhoch што ни го отстапија Acer Iconia One 7 на тестирање.


Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии