Доколку сакате да дискутирaте за рецензијата, да прашате или споделите искуство, слободно приклучите се на форумот на IT.com.mk)

До сега имавме можност да рецензираме телефони во таканаречената буџетска класа, но за првпат можеме да кажеме со сигурност дека Gigabyte GSmart Guru G1 моделот остави комплетно позитивен впечаток на нас. Спецификациите кои се дадени за овој модел на прв поглед изгледаат впечатливо и доста моќно. Телефонот има четири јадрен процесор, 2 гигабајти работна меморија со која отскокнува од своите конкуренти и 32 гигабајти внатрешна меморија, што го сместува во високата класа, гледано во однос на хардверот, а згора на тоа опремен со 5” IPS екран. Но, бројките не кажуваат ништо, тоа што е важно е како овој телефон функционира при секојдневно користење.

Спецификации

  • Оперативен систем: Android 4.2 (Jelly Bean)
  • CPU: 1.5GHz Quad-Core
  • Дисплеј: 5″ IPS, 1920 x 1080 pixels (Full HD) 480dpi
  • Димензии:147 x 72.1 x 7.2 mm / 158 грама вклучувајќи ја и батеријата
  • Батерија: LiPolymer 2500mAh
  • Меморија: ROM 32GB/ RAM 2GB
  • Надворешна меморија: Не е поддржана
  • Wi-Fi: 802.11 b/g/n
  • Bluetooth: Bluetooth 4.0
  • Мрежа: HSPA+/ WCDMA/ EDGE/ GPRS/ GSM
  • GPS: GPS, AGPS
  • Видео формати: MP4/ 3GPP/ H.264
  • Камера: 13MP со AF & LED FlashLight
  • Предна камера: 5MP
  • Сензори: LightSensor, ProximitySensor, G-sensor, E-Compass
  • Останато: FM радио, SMS, MMS, E-mail,

Што има во кутијата?

Со телефонот во пакет ни доаѓа полнач, USB кабел, слушалки, упатство за употреба, гарантен лист, заштитна фолија за екранот и игличка која ќе ни послужи за ставање на SIM картичката. За разлика од останатите телефони кај кој ставањето на SIM картичката оди класично, прво со вадење на задниот поклопец на телефонот, кај G1 тоа не е случај. Имено кај G1 ставањето на картичката наликува на тоа на iPhone. Важно е да се каже дека не можеме да ја вадиме или ставаме батеријата, односно со еден збор корисникот нема можност да ја менува сам. Но, ова ни влева одредена доверба на сигурност, дека уредот е квалитетно изработен со тоа што нема да има потреба да се интервенира на него, односно најчесто тоа е замена на батерија заради нејзин квалитет.

Дизајн

На прв поглед можеме да забележиме дека предниот дел на телефонот изгледа доста елегантно. Црната сјајна рамка и квалитетниот дисплеј кој не двои со својата боја од предното стакло ни го привлекува вниманието и ни кажува дека се работи за доста квалитетен уред. Во средината на горниот дел се наоѓа звучникот, десно од него се наоѓа предната камера од 5 MP. Кога ќе го погледнеме телефонот од задната страна можеме да ги забележиме камерата од 13 мегапиксели, LED блицот, а во долниот дел и звучникот од телефонот. Алуминиумските детали од куќиштето зборуваат за квалитетот на изработка. При нормална употреба не забележавме никакви необични звуци на крцкање на пластика. Со еден збор, надворешно телефонот изгледа одлично без никаква замерка, можеби и најдобро во неговата класа во која што припаѓа.

Со своите 7,2 мм дебелина, G1 се сврстува во најтенките телефони на пазарот а тоа му дава голема елеганција. И покрај големиот 5-инчен екран, кој на еден начин е крајна граница за паметните телефони, и одлично лежи во дланка. Единствено како мала замерка може да му се додели должината од 147 мм. Делува малку предолг.

Од левата страна на куќиштето се сместени основните копчиња за глас (+, -) а веднаш под нив е сместено и копчето за вклучување и исклучување. Првично малку чудно делува поставеноста на копчињата и при користење може да ви прави одредени проблеми, се додека не ја навикнете нивната местоположба. Од десната страна се наоѓа слотот за SIM картичка, кој со помош на алатката (иглицата) која доаѓа во пакетот ја вадите надвор. Веројатно и заради поставеноста на лежиштето за сим, копчето за вклучување и исклучување е поставено од другата страна. На горниот дел се наоѓаат 3,5 мм џек за слушалки и микроUSB конекторот.

Хардвер и користење

Да видиме дали вградениот хардвер во овој компактен телефон ќе ги задоволи потребите на корисниците. Како што веќе рековме за работата и брзината се грижи четворо-јадрениот процесор МТ6589Т со 4 Cortex-A7 јадра кои работат на 1,5 GHz. Задолжението за опслужување на игрите му е доделено на графичкиот чип PowerVR SGX544, а 2 GB меморијата му овозможува без никаков проблем да се справува со мултитаскингот. Веќе при првото вклучување се забележува квалитетот на вградениот IPS Full HD дисплеј, приказот на боите и аголот на гледање.

Почнувајќи од големиот и квалитетен 5” екран, брзината на вчитување на апликациите, сурфањето, играњето и гледањето на видеа, се чини дека G1 е вистинскиот телефон. При работењето нема да забележите никакво сецкање, никакво кочење или лагирање. Екранот на допир реагираше прецизно и со одличен одзив за цело време на тестирањето. Дури и вчитувањето и репродукцијата на големи фајлови со висок квалитет како што се .avi и .mkv нема да му претставуваат и ќе бидат извршени без никаков проблем. Како што беше и претходно спомнато, аголот на гледање е 178/178 степени. Ова е една од карактеристиките на IPS панелите покрај квалитетниот приказ на боите.

За да бидеме 100% сигурни во квалитетот, а и за да се увериме во она што го рековме за вградениот дисплеј на самиот почеток, решивме да видиме каков ќе биде приказот на дневна и на директна сончева светлина, баш таму каде што и најголемите и најсупериорните брендови потклекнуваат. Заклучокот ќе ве оставиме да го донесете сами гледајќи ги фотографиите.

При гледање на филмови нема да бидеме запоставени ниту со звукот. Звучникот кој е поставен на задниот дел од телефонот дава солиден звук. Доколку сакаме стерео звук, ќе ги искористиме слушалките кои доаѓаат во пакет со телефонот.

На располагање имаме и вградена меморија, декларирана како 32 гигабајти, но расположливи околу 25, во кои може да сместиме музика, филмови, игри, слики итн.

Како чест проблем кај телефоните од оваа класа може да се јават проблеми при телефонирањето. Кај G1 тоа не е случај. Звукот од соговорникот при телефонските разговори е јасен, чист како при минимална така и при максимална јачина. Ова е еден од побитните податоци кои мене како потенцијален купувач на некој телефонски апарат би ме интересирале.
Не смееме, а да не го спомнеме и вградениот GPS приемник. За големо изненадување, брзината на пронаоѓање и конектирање на сателити е за не повеќе од 5 до 10 секунди. Од тука можеме да заклучиме дека е вграден квалитетен приемник и добра GPS антена. Немојте да заборавите дека користењето на GPS навигацијата забрзано ја троши батеријата на телефонот. Затоа е добро да имате можност за полнење во вашиот автомобил, и покрај тоа што телефонот е опремен со 2500mAh батерија. Во нормален режим на работа батеријата трае задоволително. Со нормални телефонски разговори во времетраење од 1 час, сурфање на 3G и Wi-Fi, батеријата може да издржи без никаков проблем 36 часа.

Доколку сте љубител на игри и поинтензивно сурфање, телефонот ќе треба да го ставите на полнач во вечерните часови. Сепак станува збор за уред кој има 5” дисплеј. За цело време на тестирањето сигналот на приемот на Wi-Fi беше стабилен без никакви падови, варијации и проблеми, за разлика од некој други тестирани модели во исти услови. Ако телефонот го користите за разговори и пораки, полначот ќе го користите по два и повеќе денови. Претпоставувам дека тимот на Gigabyte добро поработел на Sleep модот на уредот кога нема никакви активности освен тоа што е поврзан на мрежа и многу добро го оптимизирал.

Како еден релевантен податок за целокупната работа на мобилните уреди ни е резултатот добиен со Antutu бенчмаркот.

Еве ги резултати од CPU-Z:

За да можеме да ја заокружиме целокупната слика на G1, нема да го изоставиме и тестот на 13 мегапикселната камера. Ако се задлабочиме со подесувањата на камерата, можеме да извлечеме сосема солидни слики. Но доколку го користиме автоматскиот режим на работа кој што најчесто се користи, ќе забележиме неколку недостатоци кои се приметуваат во ноќен режим на работа на камерата каде што има намалена осветленост. Во тие случаи сликите знаат да бидат со поголемо ниво на шум и погрешно измерено и одредено ниво на бело. Но, сепак ова е буџет телефон и е вградена просечна камера. Во услови на дневна светлина сликите се со задоволителен квалитет. Предната камера од 5 MP е вистинска реткост кај телефон од средна буџет класа, така да ќе биде од корист доколку користиме Skype или пак ја користиме за да се фотографираме самите себе.

Телефонот има можност да снима во Full HD резолуција со висок bitrate, околу 25 Mbps. И покрај тоа, мислам дека нема да може да им парира на конкурентите од повисоката класа кои имаат камери декларирани со ист број мегапиксели. Квалитетот на видео записот можете да го погледнете на следниот клип:

[youtube]ezi_5SV2hAU[/youtube]

Заклучок

Генерално можеме да донесеме заклучок дека G1 во потполност ги оправдува средствата. Моќен хардвер, ултра тенка квалитетна изработка, прекрасен 5-инчен IPS екран, голема работна и внатрешна меморија и пред се ниска цена, се само дел од позитивните особини со кои се карактеризира овој паметен телефон. Доколку сакаме да ги наброиме негативните карактеристики ќе треба навистина да се помачиме, но еве тука може да ја ставиме камерата и сликањето во ноќен режим, и евентуално неможноста за промена на батерија. Доколку се двоумите помеѓу телефони во овој ценовен опсег од околу 240 – 280 евра, да, дефинитивно би ги препорачале GSmart Guru G1 без никакво двоумење.

Голема благодарност до Anhoch што ни овозможија и ни го одстапија G1 на тестирање.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии