Проширена реалност, создаваме нов свет или илузија?

Милош Ристоски

во Вести

Ова е гостински текст од агенцијата за маркетинг и адвертајзинг squareONE, кој е дел од IT.mk серијалот тeкстови на тема маркетинг и дигитални медиуми.


Во свет кој бележи огромна динамика на развој на технологијата и иновациите, сведоци сме на намалување на границата помеѓу научната фантастика и реалноста.

Во новата ера во која проширената реалност ја искористи моќта на корисничкото искуство, воодушевува синергијата помеѓу технологијата и маркетинг индустријата. Според досегашните истражувања, светскиот пазар на проширената реалност се предвидува да достигне вредност од 70 милијарди американски долари до 2023 година. Во изминатите неколку години, инвестициите продолжуваат стабилно да се зголемуваат, а од неодамна технологијата генерираше масовен интерес и употреба во светски рамки. Но што претставува проширена реалност?

Проширената реалност претставува комбинација на дигитални интерактивни визуелни елементи и сензорни проекции преточени во реалниот свет. На овој начин преку користење на слики, графики, звуци и текст, дигиталниот свет се соединува со реалноста и создава уникатно корисничко искуство. Оваа технологија ни овозможува да создадеме содржина што вклучува нови модели на контекст, значење и емоција. Ваквите искуства креираат мост за презентирање на автентичноста, иновативноста и креативната визија на компаниите. Ние како корисници, секој ден споделуваме различни делови од животот со останатите. Она што ние избираме да го искажеме може да има различни форми, но основната желба да споделиме и да покажеме како се перципираме себеси и светот околу нас е силна, а аугментативната реалност дополнително го воздигнува и збогатува ова искуство за споделување.

Од призмата на маркетинг, проширената реалност изгради платформа која им овозможува на брендовите да понудат уникатни и подостапни дигитални искуства, обезбедувајќи незаборавни моменти кај потрошувачите. Една од главните причини што малопродажните брендови инвестираат токму во развојот на оваа технологијата лежи во идејата да им овозможат на потрошувачите да донесат подобри и поинформативни одлуки за производите.

Светскиот моден симбол Gucci е најновиот луксузен бренд што го следеше примерот, имплементирајќи ја аугментативната реалност во својата апликација. Преку неа потрошувачите може да ги пробаат најновите модели на обувки пред да ја реализираат нивната одлука. Апликацијата овозможува корисниците да фотографираат и да го документираат своето искуство од визуелната претстава за тоа како производот ќе изгледа во реалниот живот. Револуционерно, зар не?

Листата на брендови кои го избираат светот на проширената реалност е голема и сè уште расте, вклучувајќи ги Facebook, Apple, Toyota, Amazon, Adidas, Sephora, IKEA и многу други.

Ваквиот тренд со сигурност ќе продолжи со брз интензитет и во годините кои следуваат. Истражувањата го потврдуваат фактот дека, оваа технологија го привлекува вниманието на луѓето за повеќе од 85 секунди и ги зголемува стапките на интеракција за 20 проценти без оглед на квалитетот на кампањата. Ова е доволен статистички доказ дека конкурентноста во оваа технологија ќе ги помести границите на класичните маркетинг стратегии и пристапи.

Напредокот на технолошката инфраструктура со сигурност е двигател на новата маркетинг ера, но моќта на аугментативната реалност е многу повеќе од иновативен маркетинг концепт. Проширената реалност претставува и психолошка тактика за сублиминално отстранување на бариерата на фантазијата и реалноста кај потрошувачите.

На овој начин,  се зголемуваат веројатностите за успешно купување на производите и постигнување на целта на е-трговијата, која драстично ќе се подобрува кога потенцијалниот купувач ќе го персонализира своето искуство со производот. Тука се поставува прашањето, што понатаму?

Паралелно со збогатувањето на маркетингот со моќта на аугментативната реалност, потрошувачите најверојатно ќе ги напуштат работните компјутери и лаптопите. Ова е надежна вест за бизнисите што сакаат да се позиционираат на пазарот и да ги користат платформите на социјални медиуми како алатка за привлекување на својата целна публика. Замислете, очила базирани на аугментативна реалност за време на нашите деловни средби, имајќи можност да имаме повеќе информации за присутните. Ние би ги знаеле нивните имиња, занимања и други корисни информации.

Брендовите кои ќе ги осознаат ваквите можности ќе направат голем исчекор во својот маркетинг пристап. Останува да видиме колку далеку ќе отплови бродот на функционалната практичност, иновативната визија и комуникацискиот бран кои токму оваа технологија ги отслика денес.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии