Пронајдете си точак во Амстердам со новата апликација на Горјан Јовановски

Bike Seeker – Rent bikes in Amsterdam е апликација која им овозможува на сите во Амстердам да го пронајдат велосипедот кој најмногу им  одговора. Ова можеби и не е некоја вест, ако креатор на апликацијата не беше Горјан Јовановски, автор на апликацијата МојВоздух.

„Тоа што работам во Booking.com ми ги отвори очите за какви се проблеми се соочуваат туристи низ светот. Кога тоа го споив со фактот дека живеам во Амстердам, светската престолнина на велосипедите, се роди идејата за BikeSeeker. Сервис кој му помага на секој турист да ги спореди опциите за изнајмување велосипеди, и да пресмета однапред колку ќе го чини, без да се плаши дека ќе има скриени трошоци, манипулирани цени или други далавери што им се случуваат на туристи“, вели креаторот на апликацијата Горјан Јовановски.

Сервисот им помага на сите да ги добијат одговорите на прашањата уште пред да стигнат до станицата за рентање. Така, корисникот ќе знае колку чини изнајмувањето, колкав е депозитот кој треба да се остави и каде да пронајде велосипед.

Апликацијата им овозможува на сите во Амстердам да го пронајдат превозното средство по кое градот е препознатлив. Апликацијата нуди можност за пронаоѓање на велосипед од над 30 локации. Има над 50 различни велосипеди кои се изнајмуваат за различни суми. BikeSeeker има детален опис не само за велосипедите, туку и за додатоците. Така заинтересираните може да видат дали велосипедот има: ѕвонче, брава за заклучување, светло, повеќе од една брзина и слично.

Засега нема најава за iOS верзија, но г. Јовановски не исклучува развој на апликација во иднина. Секако за ова најпрво сервисот треба да ги пронајде своите корисници.

„Многу од моите проекти започнуваат на Android/Web, зошто тие платформи лично ги владеам. Чим докажам дека има пазар и користеност преку Android апликацијата, ќе пронајдам partner in crime за iOS верзијата (или ќе се натерам да научам да кодирам јас Swift од инает хаха). Сепак, на овој пазар не може да си доминантен ако си достапен само на една од двете големи платформи.“

Велосипедите во Амстердам, па и во Холандија се дел од фолклорот. Речиси не може да замислиме посета на овие центри без традиционалните велосипеди. Го прашавме Горјан што смета дека треба да направи Скопје за да биде попријателски за велосипедистите.

„Скопје многу полека лази кон тоа да стане вело-град. Има напредок, секој пат кога доаѓам на посета, забележувам нови велосипедски патеки, или стари кои што се заградени со столпчиња. Голем дел од тие успеси се благодарение на НаТочак дечките и девојките, кои неуморно се залагаат за Скопје. Знаеме дека профитот носи промени, и за жал, автомобилите се поголем профит во моментов. Но, ако е потребен профит, можеби апликација како BikeSeeker ќе почне да помага во тој дел, и да покаже дека може да се заработува и преку промоција на зелено и здраво превозно средство!“