Пронајдете нешто вкусно за јадење со македонскиот сервис „Ми се јаде“

Ми се јаде е македонски агрегатор  наменет за луѓето кои сакаат да експерименитраат со јадењето. Апликацијата е одлична, едноставна за користење и ќе ви помогне кога не ви се готви, а не знаете што да јадете. Веќе сме виделе неколку вакви локални сервиси, но ниту еден не е ниту блиску до Ми се јаде. Одговори на прашањата кои ги имавме за сервисот ни ги понуди Владимир Василевски, кој е и UI/UX дизајнер на ова решение.

Можеш ли да споделиш со нас некои податоци за идејата и технологијата која ја користите за сервисот? Кој го изработи решението?

Идејата за misejade.mk се роди како логично решение на она што на сите ни губеше најмногу време додека работиме – одговорот на прашањето: “Што ќе се јаде?”. Без разлика дали сум работел во група или сам, на фриленс проект или на работа, секогаш, ама СЕКОГАШ ова ми претставувало повеќе оптоварување отколку задоволство (пошто нели, храната треба да е задоволство). Решивме да си помогнеме најпрво себеси, а потоа и на сите кои го имаат истиот проблем… И би misejade.mk! :)
Технологијата што ја користиме за овој сервис е Anngular 4 со serverless backend. Misejade.mk е производ на две девојки Кристина и Ирена и двајца дечки јас(Владимир) и Марио, од дизајн и IT индустријата.  

Сервисот сугерира каде и што да јадете, доколку веќе немате план. Јадењето е поделено во категории. Тука тоа е направено помалку духовито, но нема да биде потребно премногу напор за да ги препознаете категориите. Изборот на храна помеѓу Пере Ждере, Морнарот Климе и Јанка Вегетаријанка на пример, би требало да е јасен. Без разлика на категоријата корисникот може да одбере дали ќе бара храна во својата близина или во некоја од скопските општини.

Како сервисот одредува кои од рестораните се блиску до корисникот?

„Оброците, односно рестораните, се геоиндексирани, па откако ќе ја добиеме локацијата на корисникот (доколку ни одобри) правиме пребарување врз основа на овој индекс. Секако, ги земавме во предвид и оние потаинствени типчиња кои не сакаат да ја споделат својата локација, па им дадовме можност сами да си одберат населено место“.

„Ми се јаде„ доаѓа со можност корисниците да ја оценат вкусноста на храната и цената која се плаќа за јадењето. Ова овозможува апликацијата да биде подобра колку што корисниците учествуваат во оценување на рестораните.

Како функционира делот со оценување на храната за вкус и цена, корисниците го прават тоа или за цената има некој алгоритам?

„Алгоритамот не ја зема во предвид цената, тоа го прават самите корисници, затоа што не за секого е скапо ХХХден по оброк. Паметниот алгоритам зема просек од одговорите на корисниците. Од тука, критериумот за колку често некој оброк ќе биде прикажан зависи од корисниците. Секоја постапка на корисниците се зема во предвид од паметниот алгоритам, кој според тоа креира вредност на посакување за одредена храна. Дел од параметрите кои се зимаат во предвид се: кликови на оброк, нивото за вкусност и скапоќа на истиот“.

Она што можеби е најдобро е начинот на кој се вметнати рекламите во сервисот. Наместо стандардни банери, „Ми се јадe“ ги користи карактерите на Морнарот Климе или Јанка Вегетаријанка ненаметливо да ви ги претстави спонзорираните содржини. Единствената забелешка е е презентирањето на реклами за скара или хамбургер кога пребарувате вегетаријанско јадење. Ова секако е барање влакно во јајце.

Дали „советниците” како Пере Ждере кога се појавуваат во понудени резултати се спонзорирани содржина?

„Советниците, или како што ние милуваме да ги викаме – експертите, знаат да се појават со специфичен оброк, акција или себе промоција во понудените резултати. Овие содржини се резултат на соработка со дадениот лик или даден угостител. На пример, Марио Фит не само што ќе ви препорача фит оброк, туку ќе ви даде и некој совет за фит начин на живот преку правилно вежбање“, вели Владимир Василевски. 

Сервисот не овозможува директна нарачка, туку единствено е совет. Ова ќе продолжи и во иднина. Ми се јаде нема да овозможува нарачки туку едноставно ќе биде агрегатор за јадење. Податоците од секој ресторан како: адресата; телефонските броеви; како и податоци за тоа дали вршат испораки се достапни во картичката за секое јадење.

За жал „Ми се јаде„ е достапно единствено за локации во Скопје. Но, ако има интерес од останатите градови, од „Ми се јаде“ ветуваат дека сè што е потребно е да го пријавите омилениот ресторан од вашиот град.

 

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии