Промовирајте го вашиот нов производ ексклузивно на Facebook

Иако Ford овој тип на промоција го искористи уште во јули 2010-та година за претставувањето на редизајнираниот Ford Explorer, се чини дека беше потребно време и останатите компании да сфатат колку Facebook фановите сакаат да се чувствуваат посебно, и колкави ефекти може да се постигнат доколку на корисниците им се даде нешто ексклузивно за возврат за нивното драгоцено Like.

Неодамнешен пример на прифаќање Facebook ексклузивите, е случајот на светски познатиот моден бренд Oscar de la Renta. Компанијата го искористи токму Facebook за претставување на својот најнов парфем Esprit D’Oscar, најпрво со креирање на посебна секција (нов таб) на страницата на Oscar de la Renta со најава за парфемот. Таа секција потоа постојано се надградуваше со фотографии, интервјуа со модели, видеа кои прикажуваа како се прави парфемот, за по некое време парфемот да ја доживее и својата официјална промоција токму на Facebook. Парфемот за прв пат се појави на оваа друштвена мрежа, а потоа беше претставен преку сите други комуникациски канали на Oscar de la Renta.

Магазинот The New Yorker пак, одлучи на своите фанови да им овозможи толкав ексклузивитет, што им дозволи за ограничен временски период да пристапуваат до статии наменети исклучиво за Facebook фановите. Притоа го искористи reveal tab-от како начин на криење на статиите од Facebook корисниците кои не се фанови на магазинот. Само со кликање Like на официјалната страница, корисниците се здобиваа со право на бесплатни содржини на The New Yorker.

Резултатите од овој начин на презентација на производите не само што придонесоа за информирање на целната публика и ширење на комуникација за производите пред нивното официјално лансирање, туку и директно влијаеа на продажбата на производите по лансирањето, бидејќи интересот за пробување на нештата за кои толку многу се зборува беше огромен.

Во Македонија сѐ уште не сме доживеале некоја Facebook ексклузива кога се работи за презентирање на производ,  се надевам дека наскоро и кај нас компаниите ќе посакаат нивните фанови да се чувствуваат посебно, па полека ќе започнат да го прифаќаат и овој тренд за промовирање преку социјални медиуми.

5 коментари на “Промовирајте го вашиот нов производ ексклузивно на Facebook

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии