Производителите ќе мора да го почитуваат правото на поправка

Производителите ќе мораат да им овозможат на купувачите да одберат каде ќе ги сервисираат своите уреди. Претседателот на САД, г. Џон Бајден ја овласти Федералната комисија за трговија да состави закон кој ќе ги оневозможи производителите да го ограничат поправањето во независни сервиси. Промените ќе влијаат на дел од технолошките компании, кои имаа влијание за сервисерите кои може да ги поправаат уредите.

Дел од компаниите наметнуваат сериозни препреки со кои ги оневозможуваат сопствениците сами да ја поправат опремата која ја купиле. Главна причина која е наведена за ова е нарушување на безбедноста на уредите и оптималната работа.

Производителите го отежнуваат или сосем оневозможуваат неовластеното сервисирање на неколку начини. Првиот е преку ограничување на пристап до резервни делови за независните сервисери. Вториот е преку ограничување на алатките за сервис и дијагностика. Во алатките за сервис спаѓа различен алат, од различни специјализирани шрафцигери и клучеви, до пософистициран алат.

Секако во последно време дел од алатките за сервисирање е и софтверот кој се користи за паметните уреди. Поголемиот број на нови паметни уреди значително влијае на сервисирање, па се почесто е потребна измена или надградба на софтверот при сервисирањето. Конечно тука е и самиот софтвер за дијагностика кој не е достапен на сервисерите. Овие ограничувања не се во согласност со слободниот пазар.

Што подразбира „право на поправка“

Право на поправка треба на сопствениците на уредите да им овозможи самите да ги поправат, но и да експериментираат со уредите кои ги поседуваат. Ова значи дека производителот треба да издаде алатки за сервис и дијагностика, како и упатства за сервисирање. Едно од проширувањата на правото за поправка кое го заговара iFixit е дека сопственикот треба да може да го отклучи софтверот, па и да направи „jailbrake“на својот уред.

Придобивка од промените ќе биде полесен пристап до сервис, дури и на локации во кои нема овластен сервис. Ова се однесува на помалите градови во кои понекогаш има еден сервисер кој поправа сè од телефони до фрижидери. Олеснување на пристап до упатства, алат и резервни делови значително ќе го олесни сервисирањето. Oва ќе биде подобро и за купувачите.

Дел од поддржувачите на „правото на поправка“ ги обвинуваат производителите дека со затворање на сервисот помагаат за контролирано и планирано застарување на уредите. Отворањето на сервисите би требало да овозможи подолготрајно користење на уредите. Со тоа би се намалило полнењето на депониите со електроника. Дополнително во случајот на iPhone најголем дел од загадувањето во производствениот процес и животниот век на еден телефон се прави при копањето на руда и производството на материјали. Намалувањето на загадувањето на животната средина е една од заложбите на Apple, но замерките се дека со ограничувањето на сервис се зголемува загадувањето.

Зошто производителите не сакаат да дозволат отворен сервис

Очекувано најголеми противници на „правото на сервисирање“ се компаниите кои ја произведуваат опремата која се сервисира. Apple и Microsoft се дел од овие компании, но и производители на автомобили, на пример Tesla; земјоделски машини, John Deere; и производители на медицински апарати, не сакаат да дозволат независни сервиси.

Безбедносните ризици и злоупотреби се најчесто употребувани причини поради кои производителите не го поддржуваат „правото на поправка“. Овие ризици се однесуваат на повреди на сервисерите кои ќе ги поправаат уредите, но и на и на сопствениците на овие уреди.

Тука е и се поголемиот број на уреди кои се постојано поврзани на интернет и отворањето на податоците може да претставува значителен ризик. Ова е една од причините кои ги наведуваат производителите на автомобили, од Tesla, па се до Ford. Засега софтверот за авто-пилот не е дел од коментарите, но без сомневање во иднина би можел да биде пречка.

Интелектуалната сопственост е уште една од причините кои се наведуваат како потенцијална препрека. Сепак Федералната комисија за трговија смета дека интелектуалната сопственост нема да биде нарушена со сервисирањето.

Поддршка и од ко-основачот на Apple

Eден од најгласните поддржувачите на овозможувањето на поедноставен сервис и поголем избор за сервис за потрошувачите e iFixit.

„Малите претпријатија се крвотокот на американската економија, но големите компании прават сè што можат да ги уништат малите сервиси за поправка. Ова е голем исчекор од администрацијата на Бајден за заштита на локалните претпријатија и потрошувачите“, вели директорот на iFixit, Кајл Виенс

Поддршка дојде и од ко-основачот на Apple Стив Вознијак. Тој потсети дека отворениот начин на работа е една од причините поради кои постои Apple. Без можностите самиот да научи електроника од различни шеми кои во минатото доаѓаа со уредите, немаше да постои ниту првиот Apple компјутер.

„Немаше да го имаме Apple да не израснав во свет во кој технологијата беше отворена. Свет во кој електрониката беше отворена. Во минатото кога ќе купевте уред телевизор или радио, секој дел од електричните кола и дизајн, беше вклучен на хартија“, вели г. Вознијак.

Промени и во Европа

Иако производителите самите велат дека работат на поголема долготрајност бројот на држави кои законски го решаваат овој проблем е во пораст. Во Европската Унија производителите мора да обезбедат сервис во траење од 10 години. Целта е да се намали загадувањето кое е предизвикано од зголемената продуктивност во производството.

Веќе има и неколку интересни идеи кои веројатно нема да се реализираат, но се интересни да се споменат. Една таква е поставување на оценка за можноста за поправка до цената на уредот или број на години кој купувачот може да очекува да го користи апаратот пред да треба да го замени.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии