Продолжуваат неволјите за Доналд Трамп и неговите поддржувачи

Дејан Соколоски

во Вести

Речиси една недела по немирите во САД и влезот на толпата поддржувачи на Доналд Трамп во Конгресот, расплетот и последиците од овој настан продолжуваат и понатаму. Настаните уште се актуелни и нов развој, и нови вести, има речиси постојано.

Европските лидери не се согласуваат со отстранувањето на Доналд Трамп од Facebook и Twitter

Викендот заврши со отстранување на г. Трамп од друштвените мрежи, но и дел од неговите критичари не се воодушевени од оваа вест. Критики за отстранувањето, неочекувано дојдоа од германската канцеларка Ангела Меркел  и француската влада.

„Канцеларката смета дека отстранувањето на профил на избран претседател е проблематично. Правата како слобода на говор може да бидат ограничени, но според законот, и строго во законски дефинирана рамка – не според одлука на корпорација“, вели портпаролот на г-ѓа Меркел.

Со оглед на тоа дека Франција од поодамна се обидува да наметне некакви ограничувања за големите технички компании, поддршката од властите во Франција можеби е помало изненадување.

„Потребна е јавна регулација на големите онлајн платформи. Наместо ова да биде оставено на дигитални олигарси, потребно е државно регулирање на овие платформи“, вели францускиот министер за финансии Бруно Лемер за Bloomberg. Големите технички компании се помеѓу најголемите опасности за демократија, додава г. Лемер.

Покрај Facebook и Twitter кој несомнено се најголемите платформи од кои г. Трамп е отстранет, во различен капацитет отстранети или ограничени се способностите за комуникација на различни платформи.

На пример: Reddit го избриша r/DonaldTramp; Twitch го отстрани каналот на Доналд Трамп; Shopify отстрани две продавници филијали на г. Трамп; Snapchat го исклучи профилот на Доналд Трамп.

Еден од најголемите удари доаѓа од Stripe. Платформата нема да овозможува трансакции за кампањата за претседателот Трамп.

Проблеми и за Parler

Друштвената мрежа која доби стотици илјади нови корисници минатата недела, сега се чини дека има сериозни проблеми. Откако Google и Apple ги отстранија апликациите од своите продавници, и Amazon ја отстрани платформата од своите сервери.

Parler требаше да биде платформа која на своите корисници им гарантира дека нема да бидат отстранети поради своите размислувања и ставови. Сепак поради постови и пораки кои јасно охрабруваат и поттикнуваат насилство, Parler е отстранета секаде.

Причината за отстранувањето се правилата за користење кои ги има секоја од платформите. Овие правила не се за да се наруши слободата на говор, туку поради стравувањето на платформите кои хостираат дека можат да бидат одговорни за содржината која се поставува на нив.

Сепак отстранувањето на Parler од AWS е контроверзно од барем две причини. Amazon како сервис нуди инфраструктура, а не можност за изразување. Дополнително, ова е широк блок за сите корисници на платформата, не само за оние кои ги прекршуваат правилата, иако такви има многу.

Parler сега го тужи Amazon поради прекинот на услугите, и веројатно наскоро нема да има разрешување на овие настани.

Конечно ова не е крај за проблемите на дел од корисниците на Parler. Сите постови објавени и избришани сега се зачувани и архивирани. Корисникот @donk_enbi креираше архива на сите постови на Parler со мета-податоци од кои дел се и локациите на луѓето кои ги објавиле. Во архивираните податоци има и видеа и GPS координати.

Во архивата се зачувани 99,9 отсто од сите податоци од Parler вклучувајќи и видеа од немирите.

Facebook се подготвува за инаугурација на претседателот Џо Бајден

Од друга страна, Facebook се подготвува за инаугурација на претседателот Џо Бајден. Компанијата објави дека ако следните две недели сакате да ја користите фразата „stop the steal“ (запрете ја кражбата) ова ќе треба да го правите на друго место.

Сите постови со оваа фраза кои ќе бидат објавени во било каква содржина и наслови на групи ќе бидат отстранети.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии