Пристигнаa новитe Apple Watch, Apple TV, iPhone и iPhone X

Десет години по првиот iPhone кој што го промени изгледот на телефоните, Apple ја одржи првата конференција во Steve Jobs Theater. Салата е во новата зграда на Apple, популарно наречена вселенски брод. Вообичаено Apple Keynote не е само настан на кој се претставува технологија. Компанијата од претставувањето на телефоните направи гламурозна претстава.

Почетокот на настанот беше потсетник на легендарниот основач на компанијата Стив Џобс. Дополнително, добар дел од настанот беше наменет за претставување на новиот објект на Apple.

Вообичаено компанијата претставува дел од своите нови продавници. Денес најавите беа за реставрација на продавниците во Њујорк, Париз и Милано, но и новата продавница во Чикаго.

Apple Watch

Компанијата објави дека откако минатата година Apple Watch беше втор најпродаван часовник, оваа година се едно место погоре. Apple Watch сега е најпродаваниот часовник во светот.

Часовникот останува фитнес додаток, но овој пат малку е пофокусиран и на здравјето. Часовникот сега може да регистрира побрза работа на срцете и веднаш го известува корисникот. Чекор понатаму, часовникот ќе детектира и ќе помогне со анализа на аритмија. Истражувањето е во соработка со Стенфорд.

За сите на кои им се допаѓа Apple Watch добра вест е дека компанијата ја најави Series 3 верзијата на часовникот. Најголемата надградба на часовникот е можност за поврзување на мобилната мрежа. Како што беше објавено и претходно, бројот на часовникот е ист со оној на телефонот.

Неколку нови апликации доаѓаат на Apple Watch. Apple Music и Beats ќе ја донесат библиотеката на Apple директно на часовникот. Дополнително надградбата на Siri овозможува новa поедноставна функционалност.

Дисплејот е прилагоден и истовремено е и антена, а дополнително, компанијата изработи и интегрирана SIM картичка која е помала од сите останати. Ова овозможи иако има мобилна мрежа, новиот часовник да остане со иста димензија како и Series 2.

Нарачките започнуваат од септември 15, а доставата започнува септември 22. Цената на верзијата со поддршка за мобилна мрежа е 400 долари.

Apple TV

Една од презентациите кои и не се премногу интересни е токму онаа на Apple TV. Најголемата надградба е во резолуцијата, па Apple TV сега е 4К и HDR 10. Ова е овозможено од новиот A10X чип, кој компанијата за прв пат го користи во Apple TV.

Новитет е и пристигнувањето на спортски содржини на Apple TV, ама со оглед на тоа дека оваа содржина не е достапна во Македонија, најверојатно нема да ве импресионира.

Новитет се и видеоигрите на Apple TV кои може да се играат единствено со делечинскиот управувач.

 iPhone 8 и iPhone 8 Plus

Најверојатно презентацијата која сите најмногу ја очекуваа. Секако, нема да ве изненадиме ако ви кажеме дека: „И овој iPhone е најдобриот досега“. Презентацијата започна со историјатот на iPhone и напредокот кој го поттикна телефонот.

Новиот iPhone 8 е изработен од стакло. Ова важи за предната и задната страна кои се заштитетни со алуминиумска рамка. Телефонот доаѓа со новиот процесор на Apple, 64-битен A11 Bionic. Процесорот доаѓа со 6 јадра, а за прв пат доаѓа и графичкиот процесор од Аpple.

Компанијата најави два уреди со 5.5-инчи и 4.7-инчен екран, iPhone 8 и iPhone 8 Plus. Во екранот повторно е скриен 3Д-тач.

Телефонот доаѓа со 12MP дуал камера, но можностите на новиот A11 Bionic чип помагаат за подобра фотографија. Телефонот може да креира длабочинска мапа на сликата која овозможува понатамошно уредување на сликата. Камерата овозможува и снимање на видео, а се чини и дека границите на професионлани апарати и камерите во флагшип телефоните полека исчезнуваат.

Проширена реалност е една од технологиите кои Apple ги најавуваше најгласно пред конференцијата. Презентацијата на проширената реалност на Apple е една од најдобрите. Компанијата претстави неколку апликации. Едната овозможува следење на спортистите на спортските натпревари со сликичка и статистика на екранот каде што се наоѓа играчот. Другата е своевидна мапа на небото на која корисниците на екранот може да им презентира податоци за небеските тела.

The Machines е првата игра која е наменета за играње исклучиво во проширената реалност. Во играта, играчите ќе може да ги користат тактичките предности на теренот во околината во која се движат за да го надмудрат противникот.

Новитет е бежичното полнење кое сега ќе биде достапно за iPhone. Компанијата за овој проект работи со повеќе производители.

Цената на iPhone 8 e 700 долари, a iPhone 8 Plus доаѓа за 800 долари. Цените важат за почетните модели со 64GB простор. Нарачките започнуваат на 15 септември, а испораката на 22 септември. Надградбата на iOS 11 започнува на 19 септември.

„One more thing“ iPhone X

Иако не беше изненадување, најавата со легендарните „уште само една работа“ беше вистински погодок. Ако се мислевте кое е името, името на телефонот не е „икс“ туку iPhone 10.

Телефонот е со импресивен екран од едниот до другиот крај на екранот. iPhone X е непропусен за вода и прашина. Дисплејот е 5.8-инчен Super Retina со 458 ppi, повеќе од било кој дисплеј во iPhone досега. Новитет е отстранувањето на „home“ копче кое сега е заменето со гестикулации.

Телефонот доаѓа со Face ID, технологија која овозможува заштита на телефонот. iPhone X останува заклучен се додека корисникот не го погледне  и телефонот не го препознае корисникот. Ова е овозможено со помош на „Neural engine“ сместен во телефонот. Телефонот периоднично проверува кој го користи и останува или не останува отклучен. Опасноста за случајно отклучување на телефонот е 1 : 1.000.000.

Face ID ќе ги заштитува и Apple Pay исплатите, па дури и можностите за заклучување на апликациите. Една од дополнителните можности на Face ID е можноста за креирање на анимирани емотикони. Технологијата препознава гримаси кои потоа се пренесуваат и на емотиконите.

Како и iPhone 8, и iPhone X доаѓа со дуал камера. Камерите на iPhone и досега беа помеѓу најдобрите ако не и најдобри, па тука нема некои огромни промени. Заеднички за двата телефони е и новиот A11 Bionic процесор кој е искористен и во iPhone X.

Мало дополнување на бежичното полнење. Полначот кој го презентираше Apple може да полни повеќе уреди истовремено. AirPower може да ги полни телефоните, часовниците, слушалките и iPod. Лоша вест е што сè уште не постои, а Apple го најавува за следната година.

Телефонот доаѓа во две верзии 64 GB и 256 GB, цената започнува од 1000 долари, а уредот започнува со продажба од 3 ноември.

Повторно нема надградби на компјутерите

Иако не може да бидеме незадоволни од настанот, и оваа презентација остана без надградба на компјутерите. Новиот телефон iPhone X е навистина убав и хардверот најверојатно ќе биде неверојатен. Иако сигурно ќе бевме поимресионирани ако не чинеше 1.000 долари и ако истата конфигурација на дисплеј не ја видовме на Essential Phone.

Сепак, првата презентација во Стив Џобс салата е една од позабавните и најимпресивните во последниве години.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии