Приказната на Microsoft – како двајца пријатели од детството го освоија софтверот

Во 1975 година Пол Ален му го покажал првото издание на Popular Electronics на Бил Гејтс. Една од статиите се однесувала на микро-компјутерот Altair 8800. Речиси веднаш г. Гејтс го забележал потенцијалот за имплементација на BASIC за оваа машина.

Г. Ален и г. Гејтс кои биле другари уште од детството, за компјутерот го креираа BASIC. Ова успеале да го направат иако воопшто и немале Altair 8800 кога го правеле интерпретаторот.

Процесорот кој ги инспирира Бил Гејтс и Пол Ален, Intel 4004 By Thomas Nguyen – Own work, CC BY-SA 4.0

Во овој период двајцата биле во Бостон, г. Ален работел за Honeywell, а г. Гејтс ги имал започнато своите студии на Харвард. Сепак наскоро двајцата ќе направат голема промена,  г. Гејтс ги прекинал правните студии, а Ален својата работа и се префрлиле во Албакерки. Сепак пред да ги напушти студиите, Бил Гејтс го сретнал Стив Балмер. Во ноември 1976 година во Ново Мексико го основале Microsoft. Името е спој од micro(computer) и soft(ware).

Сепак г. Ален и г. Гејтс биле пријатели уште пред да бидат партнери. Уште додека биле на училиште го хакирале училишниот компјутер. Наместо казна добиле „награда“ – неограничено време со компјутерот во замена за подобрување на перформансите. Уште пред Microsoft, заедно со Пол Гилберт, имале малечка компанија Traf-O-Data. Оваа компанија на градот Сиетл му продала прилагоден компјутер кој можел да отчитува податоци од сообраќајот и интерпретирани да им ги испраќа на сообраќајните инженери. Успехот на компанијата бил скромен, но искуството од оваа компанија било клучно за креирањето на Microsoft.

„Настанот со кој започна сѐ кога е во прашање бизнисот беше кога Пол во 1971 година пронајде напис во списание за електроника, на страна 73 или така нешто, кој беше за Intel 4004 – првиот микропроцесор на светот. Пол стана и рече “Уау“ и објасни дека микропроцесорот ќе биде подобар и подобар. Секако, година подоцна Intel го претстави 8008 и беше многу подобар“, раскажува г. Гејтс.

„Без нашата инвестиција во Traf-O-Data… веројатно може да кажете дека Microsoft немаше да се случи… Поуката тука е дека има многу малку слепи улици во технологијата и претприемништвото“ – Пол Ален.

Малку подоцна, во 1978 година Microsoft ја отвора првата канцеларија надвор од САД, ASCII Microsoft, канцеларија која денес е Microsoft Japan. Малку подоцна на компанијата и се приклучил Стив Балмер.

Во почетокот Microsoft заработувал од продажба на Microsoft BASIC за Apple II и за Commodore 64. Компанијата го обезбеди BASIC и за првите IBM PC.

Во 1980 година излезе верзија на Unix која Microsoft ja прилагоди на своите потреби. Го нарекоа оперативниот систем Xenix и на него беше достапен еден од производите по кои компанијата е препознатлива и денес – текст едиторот Microsoft Word.

И иако Word е сè уште жив и неподзаборавен, софтверот кој го донесе најголемиот успех дојде малку подоцна. Оперативниот систем кој веројатно денес е и подзаборавен, DOS е софтверот на кој е базиран понатамошниот напредок на Microsoft.

Во 1981 година IBM му предложи на Microsoft да изработи верзија на CP/M оперативниот систем. Оперативниот систем  ќе се користи во компјутерите на IBM. Компанијата основната верзија на IBM PC DOS ја купи од Тим Патерсон за помалку од 100 000 долари. Компјутерите на IBM доаѓаа со CP/M и PC DOS, но пoради разликата во цената 240 долари и 40 долари, Microsoft и DOS преовладаа.

„Бизнис планот ни беше цената да биде толку ниска што производителите на компјутери нема да можат самите да го развијат толку евтино. Еден од првите поголеми договори ни беше со Texas Instruments, понудивме 99 000 за да обезбедиме програмски јазици за домашните компјутери кои ги планираа. Ја избравме оваа сума бидејќи ни беше срам да предложиме шест цифри. Подоцна сфативме дека беа подготвени да платат многу повеќе, и си рековме: Веројатно ова го прават големите – бараат поголеми суми“.

Компанијата веќе не мораше да се грижи за својата иднина и започна да разгледува инвестиции во повеќе сектори. Microsoft го претстави првиот компјутер MSX. Наскоро IBM не беше единствената компанија која произведуваше домашни компјутери, Microsoft започна со сопствена верзија на DOS, MS-DOS.

Набрзо излезе и компјутерското глувче на Microsoft, а и издавачкиот оддел, Microsoft Press.

Иако се чинеше дека компанијата ништо не може да ја запре, наскоро пристигнаа лоши вести. Пол Ален боледуваше од хоџкинс лимофома. Во 1982 година Пол Ален ја напушти компанијата.

Windows, Office и Редмонд

Иако изгледа како помеѓу DOS и Windows да има поминато многу време, всушност стануваше збор за неколку години. Во 1985 година Microsoft го представи Windows 1.0 визуелна надградба над MS-DOS.

Во 1986 година Microsoft го промени своето седиште од Ново Мексико во Редмонд, Вашингтон. Веројатно подеднакво значење имаше и излегувањето на берза, кое се случи неколку месеци подоцна, на 13 март. Компанијата заработи 61 милиони долари.

Година подоцна, во јули 1987 година, Microsoft ја купи првата софтверска компанија – Forethought. Компанијата работеше на PowerPoint. Microsoft наскоро започна да ги преставува деловите на Office пакетот, тогаш под името Microsoft Works. Сепак сѐ до 1989 година компанијата не го пронајде вистинскиот пакет. Тогаш ги спои Word и Excel во Office пакетот. Веројатно до денес ова е најуспешниот и најдобриот пакет за канцелариско работење.

Windows 95 и Internet Explorer

Веќе во 1995 година компанијата имаше значаен исчекор со визуелниот приказ на оперативниот систем. Оперативниот систем имаше нов интерфејс значително поблизок до денешната верзија на Windows отколку до претходната. Оваа е првата верзија на оперативниот систем на која е присутно „Start“-копчето. Во првите четири дена компанијата продаде над 1 милион копии.

Оваа верзија на оперативниот систем доаѓаше без прелистувач. Microsoft не беше подготвен со оперативниот систем за новата веб ера, па компанијата мораше да „гасне пожар“. Наскоро од Spyglass ја купија лиценцата за Internet Explorer. Истата година започна „војната“ со Netscape Navigator. Ако со Windows 95 не беа подготвени, Windows 97 доаѓаше со инсталиран Internet Explorer. Ова ќе биде причина за судски процеси против Microsoft, но до крајот на овие спорови Netscape пропадна.

Во овој период, околу 1995 година, компанијата ја претстави и мултимедијалната енциклопедија Encarta.

Стив Балмер, .NET и Xbox

Во 1998 Microsoft се подготвуваше да продолжи без Бил Гејтс. Тој му го остави претседателското место на Стив Балмер, но остана на чело на одборот и директор на компанијата. Во 2000 година Стив Балмер го замени Бил Гејтс од местото директор на компанијата. Балмер беше речиси потполно различен од Бил Гејтс на оваа позиција и компанијата имаше турбулентен период пред себе.

По неколку не баш добри верзии на Windows (Windows 2000 и Windows Millennium), компанијата во 2001 година го претстави Windows XP.

Оваа година Microsoft со Xbox влезе во гејминг индустријата. Xbox се продаде во 24 милиони копии, пет пати помалку од PlatStation 2, но ова звучи полошо отколку што навистина беше. Microsoft продолжи со производство на конзоли и набрзо го презема второто место од Nintendo.

Во овој период компанијата ја претстави и .NET иницијативата. Заедно с0 Visual Studio во 2002 година, Microsoft го претстави новиот програмски јазик C#, но и Windows Server 2003.

Во следните неколку години следеа полоши верзии на Windows. Излезе Windows Vista; Microsoft претстави нова верзија на Xbox конзолата и работеше на сопствен пребарувач – Bing.

Со излегувањето на Windows 7 во 2009 година започна и период на поголема активност. Оперативниот систем беше толку добар што следните 2 надградби – 8 и 8.1 не успеаја да го заменат. Во 2007 година Apple го претстави првиот iPhone, и иако мобилните телефони беа веќе во употреба некаде до овој период не се гледаше колку брзо ќе биде направена промената.

Светот започна да се фокусира кон мобилните платформи, а Microsoft како да беше изненаден.

Во мај 2011 година Microsoft го купи Skype за 8,5 милијарди долари. Софтверот за разговор во овој период беше веќе популарен, а на дел од дотогашните корисници не им се допаднаа промените кои ги правеше Microsoft.

Во овој период Microsoft започна да ја претставува мобилната верзија на оперативниот систем. Команијата во нешто што наликуваше на очајнички потег, во септември 2013 година го купи производителот на телефони Nokia. Од 2010 година до неодамна, се мачеа со Windows Mobile. Но, во декември 2019 завршува и поддршката која компанијата ја нуди за телефоните. Windows Phone уредите всушност не беа воопшто лоши, но за жал дојдоа предоцна на пазарот кој веќе беше поделен помеѓу iOS и Android.

Назад кон корените, Сатја Надела и бесплатен Windows

Се чини дека токму купувањето на Nokia беше пресудно во менувањето на Стив Балмер од местото на директор на Microsoft. На негово место дојде Сатја Надела и речиси веднаш се почувствува промените.

„Бидете страсни и храбри. Секогаш учете. Ако не учите прекинувате да правите корисни работи“ – Сатја Надела.

Microsoft се фокусираше на софтвер, услугите и на платформите како Azure. Хардверот кој беше во фокус во времето на Балмер, полека се враќаше во втор план. Дел од хардверот како Surface таблетите или Microsoft HoloLens се присутни и понатаму, но се чини дека се повеќе прототип за другите производители отколку главен производ.

Речиси веднаш со доаѓањето на г. Недела на AppStore и на Google Play се појавија апликациите на Microsoft. Речиси моменталниот успех на овие апликации, веројатно и го олесни изборот за полесно откажување од Windows телефоните.

На 13 јуни 2016 се случи засега најголемата аквизиција под Сатја Надела. Microsoft за 26,2 милијарди долари ја купи друштвената мрежа за професионалци LinkedIn.

„Се обидувате да направите нешто за чие објаснување се потребни многу, многу страници проза, но може да го претворите во неколку реда поезија и да ја добиете суштината, а тоа е компресија. Најдобриот код е поезија“ – Сатја Надела.

Една од клучните промени под г. Надела е начинот на кој компанијата започна да го дистрибуира Windows. Windows 10 e прва бесплатна верзија на оперативниот систем. Иако беше потребно корисникот да поседува валидна Windows 7, Windows 8 или Windows 8.1 верзија, надградбата беше бесплатна.

Колку е подобар курсот на Microsoft сега кога го прави она што најдобро го знае покажува податокот дека во јануари Microsoft го надмина Apple и стана највредна технолошка компанија. Компанијата беше кратко на првото место, бидејќи Amazon многу брзо ги помина.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии