Приказна за тоа како Zinio нѝ понуди бесплатни списанија, а нѝ зема 2500 денари

Zinio е една од најпознатите платформи за читање дигитални списанија. Со години наназад, продава годишни претлати и го дозволува нивното читање или преку апликација за телефон, или преку прелистувач. Поодамна, авторот на овој текст често го користеше Zinio но, поради високите претплати, кои обично се движат околу 2000 денари, мораше да се направат одредени компромиси.

Моментно, Zinio има одлична кампања која се вика: „Седи дома и бесплатно читај списанија“. Според кампањата, можете бесплатно да се претплатите на неколку броеви од над 200 списанија. Изборот дефинитивно не е за потценување и се нудат списанија како MaximumPC, Reader’s Digest, T3, Mac Life, и многу други. Нам највеќе нѝ го привлече вниманието списанието Astronomy.

Двомесечна претплата за 0 долари. Или, барем, така мислевме.

За да може бесплатно да се претплатиме на списанието, моравме да оставиме податоци од кредитна картичка. Ништо страшно, помисливме, Zinio постои повеќе од деценија и воопшто не се сомневавме дека нешто може да тргне наопаку. Откако ги прикачивме списанијата на акаунтот, ја симнавме апликацијата, го преземавме најновото списание и почнавме да го читаме. После четири часа, добивме порака од Стопанска банка дека од нашата сметка се повлечени 2520 денари. Проверивме на Paypal.

Поднесовме пријава преку PayPal, а, во меѓувреме им пишавме и на Zinio. Нивниот одговор беше затрупан во претходно подготвен текст, заедно со цела страна објаснувања за тоа што е претплата и упатства како да се најдат сите претплати на акаунтот. Нашиот проблем беше регистриран само со една реченица.

Иако ветија поврат на парите, работите станаа дополнително искомплицирани, најверојатно поради пријавата што авторот на овој текст претходно ја поднел преку PayPal.

Во нивниот имејл стои дека треба да се почека 1 ден за да се процесира враќањето на парите. Ние чекавме два дена за да добиеме известување од PayPal дека парите ќе нѝ бидат вратени. Но, на сметката парите легнуваат за времетраење од една до четири недели. Тие 2500 денари беа директно извлечени од минус што значи, за целото тоа време, банката ќе влече и дополнителна камата која, точно, не е голема, но сепак е трошок кој ќе биде направен. Само затоа што сакавме да бесплатно да прочитаме две списанија.

Го искажавме нашето незадоволство и прашавме како е можно вакво нешто да се случи на прво место. Ова е одговорот што го добивме:

Доколку погледнете внимателно, ќе забележите дека главната реченица е во боја која сигнализира дека само е копирана од претходната комуникација.

Повторно ги контактиравме Zinio, објаснувајќи дека сме од it.mk и дека планираме да напишеме текст за инцидентот, барајќи притоа да нѝ објаснат како можело ова да се случи и колкави се шансите истото да се случи и на некој друг. Ова е нивниот одговор:

Според нивната евиденција, авторот на овој текст повлекол една претплата, па, од некоја причина, повлекол уште една, за исти тие два броја. Иако се работи за бесплатна промоција, системот решил да го регистрира првиот обид како бесплатен, а за вториот автоматски да си наплати 2500 денари.

Има три проблеми со сето ова кои се поучни:

  1. Ако нешто е бесплатно и се рекламира како бесплатно, не е важно колку пати сте кликнале на промото. Никаде не пишува ако пробате уште еднаш да кликнете на понудата ќе ви наплатат за цела година.
  2. Авторот на текстот не памети од која причина би се претплатил еднаш, па потоа уште еднаш. И во вакви ситуации може треба да има самиот систем заштита од дупла претплата.
  3. Ако веќе се овозможи автоматска наплата, таа наплата треба да биде по два месеци, откако ќе бидат испорачани и двата броја од списанието, а не истиот ден и помеѓу испораката на првиот и вториот бесплатен број, особено во условите под кои се рекламира кампањата.

Најстрашното во целава оваа нивна кампања со над 200 бесплатни списанија е тоа што за да бесплатно се претплатите на неколку броеви, автоматски се ставате во нивниот систем за купување годишна претплата по истекот на бесплатниот број од списанија. Затоа и се барааат податоци од вашата картица.

Zinio имаат осмислено крајно подол начин за профитирање од моментната ситуација со коронавирусот и, зад нивното дарежливо промо, се крие мајсторска стратегија за профитирање. Имено, доколку се претплатите бесплатно на 10 различни списанија и не отидете во вашиот акаунт и да деактивирате автоматска претплата за сите нив, по месец-два Zinio ќе ви наплати за сите тие списанија годишна претплата, што, кога ќе се собере, излегува исклучително многу.

Бесплатно за четирите броеви, но подоцна стапува на сила автоматска наплата за цела година! Ваква е ситуацијата за секое списание кое бесплатно ќе го зграпчите за време на промото.

Тоа беше нашето искуство, се надеваме дека вашето, доколку се одлучите да ја искористите промоцијата, ќе биде значително попријатно. Сево ова можеби не би ескалирало до тој степен доколку авторот на овој текст би ги земал во предвид следниве пет совети:

  1. Да не се верува веднаш на промо кампањи за бесплатни периоди и внимателно да се прочитаат условите и
  2. Доколку е можно, да се направат претходни истражувања со слични искуства, особено во ситуации кога се бара оставање кредитна картичка.
  3. Ако се бара кредитна картичка, да се запраша зошто е тоа така и дали би можела да се искористи за понатамошна наплата
  4. Да се практикува внимателност онлајн и
  5. Да се користат сите ресурси за побезбедно купување, надгледување на трансакции, и заштита. Ситуацијата можеби би била поразлична доколку не добивме порака од Стопанска Банка или доколку не користевме PayPal. Во ниеден момент не добивме и-мејл од Zinio дека е активирана претплата од 43 долари.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии