Потресните сведоштва на текстилните работници за прекршувањата на нивните права на работното место беа главен мотив за изработка на апликацијата Гласен Текстилец. На почетокот на ноември, Горјан Јовановски, огорчен од состојбата со работничките права во текстилната индустрија, повика да се изработи апликација која ќе им помогне на текстилните работнички да ги пријават проблемите. Во краток рок се собраа сите потребни позиции за развој, а од оваа недела веќе и платформата Гласен Текстилец е готова.

„Супер тимот е составен од Мери Маркова која работеше на frontend делот, Филип Ванчевски backend, Кристијан Трајковски UX/UI Design, Вилдан Дрпљанин и Влатко Токарев правна помош и Кристина Ампева од Гласен Текстилец која ни помогна околу собирањето на потребните информации и секако да не го заборавиме Горјан Јовановски без кој овој проект немаше да биде остварен кој беше дел од секое поле кога работата ќе згуснеше.“

За проектот разговаравме со Филип Ванчевски.

Што значи овој проект за тебе и дали беше изненадување што супер брзо го наполни тимот што работи на платформата?

Самиот проект претставува наш мал придонест кон подигање на свеста во Македонија за правата на работниците. Секојдневно сме буквално опкружени со информации за нивно прекршување. Искрено се надевам дека проектот воедно ќе ги охрабри, и ќе им овозможи на текстилните работници да го пријават било кое прекршување на нивните права без страв од било какви последици или репресии од страна на работодавците.

Во однос на тимот, супер е чувството кога во еден ден ќе осознаеш дека не си единствен кој има желба да помогне, самата брзина со која тимот беше составен беше дополнителен мотив дека во Македонија сеуште има луѓе кој сакаат да ги искористат своите знаења и вештини за да помогнат.

Кој технологии ги користевте, за развој на платформата?

Уште во самиот старт при првите разговори со тимот во однос на технологиите одлучивме да искористиме технологии кои би ни помогнале во најркаток можен рок да извадиме готов производ и да може тоа да се претстави на јавноста пред новата година. При консултации со невладината „Гласен Текстилец“ добивме информации дека овој дел од годината имаат зголемен број на пријави, најчесто околу неисплата на к-15 и слично.

Како резултат на тоа одлучивме да одиме со едноставен backend сервис од Google односно да го искористиме Firebase заедно со NodeJS.

Во однос на frontend делот бидејќи самиот Firebase има вградена поддршка за JavaScript одлучивме да не комплицираме и направиме custom решение користејќи HTML/CSS и стариот добар JS.

Што бараше посебно внимание во развојот? Како се прави анонимизирањето на пријавите?

Еден од проблемите околу кој имаше дебата беше како да обезбедиме дека нема да има злоупотреба на апликацијата, а сепак пријавите да останат анонимни. Моравме да бидеме внимателни при изборот на автентикација, што значи дека моравме да ги минимизираме нашите барања за лични податоци од корисниците, а сепак да не дозволиме некој да испраќа лажни пријави.

Со таа цел одлучивме дека наједноставен пристап би било автентикацијата да се врши преку мобилен телефон така што на корисникот му испраќаме код за верификација пред да ја зачуваме неговата пријава. Тука би сакал да напоменам дека мобилниот број не се испраќа заедно со пријавата, но доколку утврдиме дека истиот број прави некаква злоупотреба на апликацијата како на пример испраќање на пријави кон различни компании, или праќање на „spam“ пријави истото ќе биде утврдено и спречено.

Што се случува откако некој ќе пополни пријава.

Откако корисникот ќе ја пополни пријавата потребно е да се верифицира со кодот кој му го испраќаме на мобилниот број, при успешна верификација пријавата се зачувува и потоа се испраќа до надлежните институции кои треба понатаму да постапат согласно законските прописи при добивање на анонимна пријава за прекршување на работничките права. Воедно при креирање на нова пријава правниците кој се дел од тимот вршат контрола на пријавите за да утврдат нерегуларности или потенцијални проблеми.

Што понатаму?

За во иднина концептот и идејата се константно надоградување и подобрување, се надеваме дека доколку апликацијата се покаже како успешна и е користена од страна на работниците да додадеме статистички приказ на пријавите по градови и дејности со цел да се има транспарентен приказ за состојбата со кршењето на правата во Македонија.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии