Преку врски до Paypal во Македонија!?

Дамјан Дано

во Блог

Напис во Време најавува дека нашиот министер за информатичко општество Иво Ивановски, со "интервенции преку нашата дијаспора" успеал да воспостави контакт со првиот човек на Paypal, кој најверојатно пресреќен од "интервенцијата" преку пријателите на нашето министерство, туку така дал "согласност Македонија од наредната година да влезе во нивниот список." Во текстот се вели и дека се планирани измени во Законот за банки со цел овој систем да профункционира како што треба кај нас.

Па зошто трпевме толку долго без Paypal ако решението беше во пријателот на нашиот пријател?

Во текстот министерот Ивановски вели и дека "влезот на Paypal како најголем бренд е сигнал за другите земји дека Македонија е развиена земја бидејќи овој систем не влегува во секоја земја".

Не ми е јасно пред кого си удараме во груди кога јасно си пишува дека Paypal ќе заврши во Македонија преку нечии "интервенции". Paypal е присутен во некаде околу 190 "развиени земји" (според Иво Ивановски) и баш ме интересира дали и во тие земји владата морала да ургира кај некого за да го донесе овој гигант кој со самото навлегување во една земја автоматски ја прави "развиена"?

Не е дека не сум среќен за најавите за користење Paypal во Македонија, несомнено ќе ни помогне, но едноставно се прашувам што се случи со оние изјави дека Македонија е ризична земја со голем степен на сајбер криминал, извештајот на VeriSign од 2006 година кој вели дека скоро
сите трансакции кои доаѓаат од Македонија се ризични и означени како можни измами и сл. Како исчезна тој сајбер криминал кој според сите анализи досега требаше да биде дуплиран заради зголемениот број на интернет корисници и продолжената државна (не)политика за борба против сајбер криминал и не преземање никакви акции или пак унапредување на службите за компјутерски криминал на МВР или ДБК.

Дали ургирањето кое некој може да го нарече и лобирање кај пријателот на нашиот пријател не прави развиена земја? Дали заслужено ќе го користиме Paypal во Македонија или пак начинот на кој системот е овозможен во нашата земја и не е толку важен? Зошто наместо на трошење време во бркање на врски и пријатели кои ќе "интервенираат" кај некого, не развиеме национална стратегија за борба против сајбер криминал, тим за одговор
при компјутерски напади, не донесеме соодветни законски измени за промоција на е-бизнисот и намалување на сајбер криминалот па тогаш компаниите да фаќаат врски за влез во Македонија наместо нашата влада?

П.С. Ако некој знае кај кого во Paypal е ургирано нека ја сподели информацијата. И јас би фатил врски само за да го прашам човекот на Paypal како занемарувајќи ги сите црни факти дал зелено светло за Paypal во Македонија?

Дополнително: Следново е дел од интервјуто на министерот Ивановски за IT.com.mk, направено во Април, 2008:
Прашање: Македонија недостасува на листата на PayPal кој е еден од
најпознатите сервиси за трансфер на пари преку електронски пат бидеќи е
класифицирана како земја со висок степен на ризик од сајбер криминал и
измами. Дали Владата има стратегија за регулирање на сајбер криминалот
во земјата?

Одговор: Веќе се предвидени измени во кривичниот
законик со кои што ќе се опфатат санкционите мерки при сајбер криминал.
Во МВР постои одделение задолжено за сајбер криминалот, кое што ќе
продолжи да се надградува со капацитети за борба против сајбер
криминалот.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии