ИТ настан: Преглед на регионалната конференција за друштвени мрежи Твитоманија

Во текот на претходните три денови во Нови Винодолски во Хрватска се одржа регионалната конференција за друштвени мрежи Твитоманија. На конференцијата се разговараше за правилно користење на друштвените мрежи, и пред се нивното разбирање за да се биде прв во креирањето на содржина, како и за нивното влијание во ПР индустријата и новинарството. Првата тема беше „Имаме ли иднина или веќе сме осудени на пропаст?“ на Милош Чариќ од Словенија кој зборуваше за тоа каква е реалноста и кои вредности ги стекнуваме преку социјализацијата и како таа влијае на денешницата и иднината. Александра Петровски, новинарка во Мондо, зборуваше за граѓанското новинарство и како новите технологии и пристапот до Интернет им овозможуваат на сите корисници за брзо време да креираат и генерираат новости и известувања од секаков вид на настани. Таа во својата презентација наведе неколку примери од регионот, особено истакнувајќи го тој со проблемите што се случуваа на границата помеѓу Косово и Србија.

На конференцијата имаше и работилницата за фотографија и друштвените мрежи во која неколку фотографи го споделија своето искуство и совети. Имено, на работилницата фотографите го споделија тоа што секојдневно го работат – Марио Поје зборуваше за Twitter фотографијата и како тој ја користи платформата за споделување на фотографии. Марина Филиповиќ која веќе 11 години работи како професионален фотограф напомена дека е невозможно да ги замисли своите фотографии без интернетот. Таа зборуваше и дека водењето на фотоблог стана една од најважните алатки за фотографите. Свои излагања на фото работилницата имаа и Дејан Данаилов, Ивана Бубај, Небојша Углешиќ, Владан Филиповиќ и Стефан Џаковиќ кои зборуваа на темите од Instagram па се до фото репортерство.

Некое поосновно предавање имаше Владимир Лелиќанин кој зборуваше за како да го поврзите вашиот WordPress блог/сајт со друштвените мрежи, дали е потребно да бидете присутни на сите друштвени мрежи и додатоци кои би можеле да ги користите. Еден совет кој Владимир го сподели, а со сигурност и многумина развивачи би го рекле тоа, е колку што е можно да се избегнува користењето на додатоци за WordPress, особено за тие работи што е лесно директно да се вметнат во кодот. Како едни од додатоците кои тој ги спомна се All-in-One SEO, WordPress SEO by Yoast, Jetpack и WP4FB.

Еве што вели Дарко Булдиоски од New Media MK за Твитоманија.

[youtube]0lhLklPhJ4g[/youtube]

И за крај на првиот ден, „синот од Америка“, Небојша Радовиќ на присутните им зборуваше за иднината на друштвените мрежи. Небојша избегна да зборува за тоа како мисли дека би било во иднината, поради тоа дека може да погреши, но истакна дека сѐ што се случува денес, веќе се случило во минатото.

„Доколку сакате да бидете први, морате да размислувате за иднината“.

Најважно е денес да бидете дел од „раните развивачи“ и внимателно да се следат и анализираат трендовите, со цел вие да бидете тие што ќе го превземат првиот чекор. Компаниите како Amazon, eBay, локалните Burek.rs и Index.hr се број еден само затоа што биле први во својата област.

„Изградете позиција и зачувајте ја. Така, кога нешто ќе стане популарно, вие ќе бидете во најдобра позиција тоа да го искористите“. Сепак денес да се стигне во таква позиција е потешко со оглед на тоа дека секојдневно се појавуваат нови работи. За да ги препознаете трендовите, потребно е да бидете квалитетни, аутентични и страствени кон тоа што го работите.

Вториот ден на конференцијата го отвори Драган Варагич, ОПИС, кој на присутните им зборуваше за влијателноста на друштвените мрежи и како тие влијателни луѓе да ја искористат својата репутација за некоја акција.

„Потребно е да сфатите дека поединците и компаниите не може да бидат влијателни насекаде, туку само во одредена област. Сепак, поединец како единка не е влијателен, тоа зависи од бројката колку ќе ја споделат таа вест.“, вели г. Варагич кој истакна и дека популарноста не значи и дека некоја личност е влијателна.

Во текот на својата презентација, свој збор имаше и Дарко Булдиоски од New Media MK за тоа дека соработката помеѓу луѓето во регионот е клучна за регионот да може да се спротистави на европските и светските пазари.

[youtube]gvH8d_C0gBk[/youtube]

Варагич својата презентација ја заврши со Klout листи од регионот и напоменувајќи дека е важно да се мери интеракцијата. Добриот старт на денот го продлжи Исток Павловиќ кој зборуваше за креирање на вирална содржина на друштвените мрежи, односно анализа на работите што ги научил од корпоративните профили што ги прати.

„Друштвените мрежи се како коктел. Не сакате да бидете таа личност која ги малтретира останатите со своите приказни и им дели визит карти“. На тоа, додавајќи дека емпатијата е клучна за водење на корпоративни профили.

Tој ги искритикува корпоративните профили за објавување на генерички постови, односно нивната мрза малку повеќе да пребарувааат. Како пример го зема денот на Никола Тесла, на кој сите објавиле скоро идентични фотографии и собрале само неколку лајкови, додека лично тој отишол малку подалеку во пребарувањата, ја објавил фотографијата, а притоа не напишал никаков опис околу тоа… и сето тоа резултирало со околу 250-300 лајкови.

За крај, г. Павловиќ истакна дека најважно е да се создава уникатен и квалитетна содржина која ќе ги привлече посетителите, и само така може да се дојде до голем број на лајкови и прегледување на таа содржина.

Крешимир Доминич од PR агенцијата Абракадабра зборуваше за Facebook кампањата на Памперс Хрватска и како изградиле блиски односи со огромен дел од нивните фанови. Успешната кампања на друштвените мрежи станува уште поуспешна кога ќе се префрли во вистинскиот свет. Никола Сологуб, директор на компанијата HomePage, ја сподели приказната за NIKE We Run Belgrade, настан што се одржа во септември 2012-та година во Белград. На трката учествувале околу 6.500 луѓе, а целата трка била дигитализирана така што учесниците автоматски ги споделувале своите резултати на друштвените мрежи. #WeRunBGD ја доби WebFest.me наградата за најдобра интернет кампања за 2012-та година.

Третиот ден започна со панел на кој можеби беше и најдискутирано на целиот овој настан. Имено, на дискусијата за новинарство и друштвените мрежи на која учествуваа луѓе од медиумите од Србија, Хрватска и Словенија, најмногу се зборуваше за Twitter во новинарската професија. Од сите панелисти, сите имаа поделени мислења околу користењето на друштвените мрежи како новинари, но мислењето на Антонија Мандиќ од RTL Хрвтска, објасни дека напишале дека тоа што го споделува е нејзин личен поглед, а не на нејзиниот работодавец. Како дел од оваа панел дискусија се зборуваше и за вториот екран, воведување на хаштагови во емисиите. Иако има барања од самите водители да воведат такво нешто во своите емисии, сепак медиумските куќи не го посакуваат тоа. Сепак, некои од панелистите не се сложија дека Twitter медиум, а Зоран Станојевиќ пак изјави дека се чека да се пронајде нов уредник на вестите на Twitter. Сепак, после час дискутирање, останаа уште многу нерешени теми и каков ќе биде односот помеѓу професионалното новинарство и твитовите објавени од обични корисници.

Денот после првата презентација продолжи со неколку презентации за следење на активностата на друштвените мрежи како една од најважните работи за онлајн PR-от. Како една од неколкуте ќе ја издвојам таа на Игор Манјечиќ од Peek Medio кој зборуваше за нивниот сервис за следење на друштвените мрежи. PeekMedio нуди следење на активностите на Twitter, Facebook, блогови и форуми, додека на презентацијата беше претставен „Твитосфера“ преку кој може да се види кога некој корисник е најактивен, со кои луѓе најмногу комуницира и како се разделуваат сите тие јазли на комуницирање и ретвитање. Како заклучок од оваа панел дискусија се донесе тоа дека принтот, реално, има два медиуми (интернет и печатено), додека интернет порталите се таму каде што се во моментот. Душко Вукајовиќ од Alo! истакна како тие се справувале и менаџирале кои содржини ќе се објавуваат на нивниот интернет портал и во кое време.

„Содржината корисниците ја поистоветуваат со тој портал кој прв ја објавил“.

Конференцијата ја затвори Аарон Ардири, BlackBerry евангелист, кој го претстави BlackBerry 10 и новите опции кои доаѓаат со овој оперативен систем. Во прилог е видео од неговото презентирање на BB10 камерата. На настанот беше доделен и BlackBerry PlayBook таблет.

[youtube]uJtG9iZ-eQE[/youtube]

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии