Поради острата конкуренција T-Mobile има намалени приходи, а Vip го забележа својот прв профит

Конкуренцијата на мобилниот пазар во Македонија станува се подинамична, што е добро како за корисниците така и за мотивацијата на операторите да креираат иновативни понуди. Како што се одбиваше битката во 2012-та година, за T-mobile таа конкуренција е критична во намалување на бројот на корисници, додека за Vip таа конкуренција е благонаклонета и им го носи првиот профит. One сè уште не го објави својот финансиски извештај за 2012-та година.

Македонски Телеком има интересни резултати. На страна од T-Home кој забележа зголемени приходи од 3 отсто од интернет и дигитална телевизија, T-mobile Македонија лани забележа намалени приходи. Компанијата вели дека е лидер на пазарот на мобилната технологија со удел од 48 отсто, или 1,2 милиони претплатници. Но, компанијата исто така вели и дека „интензивната конкуренција [и острата ценовна војна] влијаеше во намалувањето на приходите, што е резултат на намалување на корисничката база“.

„Од финансиски аспект минатата година беше предизвикувачка. Нашите компании работеа во услови на остра конкуренција, во услови на ценовна војна и во услови на намалена економска активност на државата. Изминатиот период го одбележаа порастот на трошоците за живот и на намалената потрошувачка. Иако телекомуникациите се динамична и перспективна индустрија, сепак не останаа имуни на кризата.“, вели директорот за финансии во Телеком, Славко Пројкоски.

Што се однесува до конкуренцијата, во моментов Vip има 27,3 отсто од пазарот, или над 630.000 мобилни корисници. Но, тоа што е важно за Vip e што за прв пат во петте години колку што се во Македонија забележа профит. Компанијата забележа раст на приходи за 13 отсто на околу 60 милиони евра, а заработката пред камати, даноци, депресијација и амортизација (EBITDA) е двојно зголемена во споредба со лани и изнесува 12,1 милиони евра.

„Во услови на мошне тешко економско опкружување, Vip инвестираше во инфраструктурата и вложи околу 15 милиони евра за изградба на нашата модерна 3G HSPA+ мрежа со најголемата 3G покриеност во Македонија. Ќе продолжиме да инвестираме за да обезбедиме најдобро корисничко искуство.“, вели финансискиот директор на Vip, Питер Цидек.

Една интересна статистика која не смееме да ја пропуштиме, а која го дефинира развојот на мобилниот пазар, доаѓа од T-Mobile кои велат дека има зголемување на продажбата на паметни телефони за 80 отсто во однос на 2011 година. Според податоците, околу 45 отсто од корисниците на паметни телефони се и активни корисници на мобилен интернет. Прашање на време е кога сите претплатници ќе имаат паметен телефон. Можеби е време да размислуваме за развојот на македонскиот екосистем на мобилни апликации?

Што се однесува до пазарот на дигитална телевизија, го имаме извештајот само на Maкедонски Телеком, во кој се вели дека MaxTV услугата во 2012-та година забележала пораст од 66 отсто и сега се користи од 67.000 претплатници.

2 коментари на “Поради острата конкуренција T-Mobile има намалени приходи, а Vip го забележа својот прв профит

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии