Подгответе се за седмиот Global Game Jam Macedonia

Image courtesy of МАГДА

Хакатоните се одлично место за развој и тестирање на нови идеи. Причините за ова се движат од временската рамка која ги „принудува“ учесниците да креираат концентрирано решение, па се до големиот број учесници кои може да дадат мислење. На хакатоните често има различни профили на луѓе кои на учесниците ќе им овозможат да слушнат различни перспективи.

Јануари вообичаено е период за еден од најзабавните хакатони во годината Global Game Jam. Оваа година по 7 пат, најмногу благодарение на напорите на Македонска асоцијација за развивање игри – МАГДА. Традиционално Global Game Jam се одржува во Битола и Скопје иако од година на година ќе се појави уште некоја локација која го организира настанот.

Настанот е наменет за ентузијасти, студенти, средношколци и професионалци од различни сфери кои имаат интерес во областа на игри и креирање на игри. Девелопери, гејм дизајнери, 2Д артисти, 3Д моделери, саунд дизајнери, продуценти, експерти за монетизација и социјални медиуми. Ова е совршено место каде може да остварите нови контакти со сите профили од индустријата, размените знаење и/или заедно да креирате игри.

Оваа година Global Game Jam се одржува од 25 до 27 јануари. Повторно на две локации, во Битола развивачите на видеоигри ќе се соберат во канцелариите на KAMAi Media, а во Скопје во бараките на кампусот на ФИНКИ.

Оваа година организаторите на хакатонот се подготвуваат за над 350 учесници кои активно ќе развиваат игри и над 5000 публика кои ќе ги посетат двете локации.

Сепак она што веројатно е најважно за Global Game Jam е различноста на „кадар“ која може да учествува. Ако вообичаено на хакатоните се гледа како на настан за девелопери, на Global Game Jam може да учествуваат сите: „Сите Вие кои сакате да креирате игри и знаете да цртате, моделирате, компонирате, програмирате, дизајнирате, мудрувате и продуцирате, па дури и само сакате игри, Вие сте за тука!“, велат организаторите.

Global Game Jam е глобален хакатон кој се одржува низ целиот свет. Креаторите на видео игри во неколку дена креираат сопствени видеоигри на дадена тема, на крајот од настанот учесниците имаат можност да ја претстават својата игра пред публиката. Во 2018 година на Global Game Jam се сретнаа 47.000 џемери, се одржа на 803 локации во 108 земји и беа создадени точно 8.606 игри.

Вообичаено Македонија е високо на листата на „број на игри по глава на жител“. Минатата година локациите од Македонија беа на импресивното петто место.

Сите кои сакаат да учествуваат ќе мора да се регистрираат. За повеќе податоци посетете ги facebook страниците за настанот во Скопје и Битола.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии