Подемот и падот на Myspace

Една од најголемите друштвени мрежи во минатото Myspace оваа недела повторно беше во фокусот на вниманието. И повторно може многу да се научи од мрежата, но овојпат тоа е негативен пример, како не се прави миграција.

„Поради миграција на серверите сите фотографии, видеа и аудио фајлови објавени пред 3 години повеќе не се достапни на Myspace. Се извинуваме за непријатностите“, објави компанијата.

Поради грешка при миграцијата целата содржина, видеа, слики и аудио објавени пред 2016 се изгубени. Станува збор за содржина која во период од 12 години корисниците ја објавувале на платформата. Со оглед на тоа колкава е популарноста на Myspace последниве години, веројатно е дека е останат многу мал дел од содржините.

Во избришаните аудио фајлови има над 50 милиони песни од 14 милиони различни артисти. Еден дел од оваа музика е на автори кои не се прославиле. локални диџеи и музички ѕвезди на почетокот на својата кариера. На MySpace својата популарност му ја должат артистите: Calvin Harris, Lily Allen, the Arctic Monkeys, Kate Nash и Owl City, потсети People.

MySpace немал бекап на содржините и тие се загубени. Сепак дел од експертите не се убедени во техничка грешка. Експертот Енди Бео смета дека иако звучи лошо, неспособноста е подобар изговор од негрижата за содржината.

Секако ова е прилично глупав потег на MySpace, во период кога дел од зајадливите коментари се со право „А имало ли содржина објавена по 2016?“, платформата покажува негрижа кон единствената причина поради која имаше каква, таква, релевантност.

MySpace

MySpace е основан од неколку вработени во eUniverse кои благодарение на Friendster го забележале потенцијалот на платформа за споделување на различна содржина. Сајтот го основаа Бред Гринспон, Крис Девулф, Џош Берман и Том Андерсон. Основите на MySpace се поставени за десетина дена и сајтот започна да функционира во август 2003 година.

Во почетокот е копија на најпопуларните функционалности на Friendster. Благодарение на корисниците на eUniverse мрежата брзо растеше. Од 2005 до 2009 година немаше друштвена мрежа со поголема популарност.

Интересно, гледано од денешен аспект во овој период MySpace  во овој период ја прави и најголемата грешка. На почетокот на 2005 година, во февруари ја одбиле понудата на Марк Закерберг да го купат Facebook за 75 милиони долари. Следната година News Corporation на Руперт Мардок, го купи MySpace. Цената која News Corporation ја плати беше 580 милиони долари.

Ова беа златните годни на MySpace милиони корисници ги посетуваа своите и профилите на своите пријатели секојдневно. Платформата беше одлично место за споделување и пронаоѓање на музика. Иако персонализацијата на страните беше поскромна од она што го имаме денес, MySpace долго време беше една од главните онлајн локации.

Ова траеше се до 2007, 2008 кога се појави нова повозбудлива мрежа. Ако до овие години можеа да се справат со останатите платформи, Facebook набрзина ги замени кај студентите, а потоа следеа и сите останати. Во врвот на популарноста MySpace беше проценет на 12 милијарди долари. За само 2 или 3 години компанијата изгуби најголем дел од својата вредност. Во 2011 година Specific Media и Џастин Тимберлејк заеднички ја купија платформата за непозната сума, иако вестите велат дека станува збор за цена пониска од 35 милиони долари.

Иако основната причина за падот е растот на Facebook, My Space добар дел и сам е виновен за својата пропаст. Веројатно главна причина за губење на популарноста кај тинејџерите беа рекламите, и тоа купишта реклами. Беше тешко да се пронајде ќоше на платформата на која немаше реклами, а во потрага по заработка се бараа и нови „дупки“

Почетокот на падот на MySpace беше одбележан со губење на корисниците тинејџери. Тие брзо го прифатија Facebook како нова и популарна платформа и брзо, брзо, ја напуштија старата.

Bo 2013 година MySpace се обиде да се спаси преку пренамена. Наместо друштвена мрежа се фокусираа на забавна содржина. Иако еден од сопствениците беше и музичката ѕвезда Џастин Тимберлејк ова не помогна баш многу на платформата.

Загубена и македонска музика

Во периодот пред YouTube, или барем додека не беше се толку едноставно „тон“ македонска музика беше достапна на MySpace. Секако и овие песни се загубени, и иако за добар дел од музичарите надвор, но и оние кои имаат посериозна кариера во Македонија ова не е проблем, ниту за дел од помалите локални бендови кои одамна се распаднале и не се присутни на другите понови платформи.

Бендовите кои престанале да постојат пред Bandcamp, YouTube, Soundcloud со губењето на MySpace ја изгубија и музиката. Веројатно добар показател за тоа колку македонските музичари го заборавиле онлајн присуството се веб-страниците. Со чест на исклучоците, најголем дел од нив се непостоечки. Секако присутноста на другите платформи е тука, но на овие сервиси како и во случајот со MySpace немаат контрола врз платформата, ниту за чувањето на содржините.

Каде се денес?

Денес MySpace по неколку премени на сопственоста е под Meredith Corporation, откако компанијата ги купи Time Inc кој претходно го купи Specific Media.

Бришењето на музиката секако е најголем пропуст на мрежата, но не е и единствен. Во мај 2016 година податоци од 360 милиони профили на MySpace се појавија на продажба на „темниот интернет“. Споделените податоци содржеа имејл адреси, SHA1 хаш на првите 10 карактери од лозинките, адреси и кориснички имиња.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии