Mortal Shell е Dark Souls инспирирана игра со уникатни механики

Што е Mortal Shell?

Акциона RPG игра која влече инспирација од Dark Souls серијалот. Играјќи во трето лице, истражувате мрачен и разрушен свет каде надежта за посветла иднина има отстапено место на сурови и предизвикувачки непријатели. Протагонистот може да навлегува во најразлични тела на веќе-починати воини. Секое поседување е пропратено со отклучување на уникатните способности на воините, но и на нивните сеќавања и мисии. Приказната се чини како да е фрлена во втор план, а примарниот фокус е на впивање на околините и битките со непријателите. Нападите со ладни оружја се директно врзани со кондиција, а наместо употреба на штит, се браните од силни ударци така што го скаменувате вашето тело. Ова исто така е пропратено со ограничувања во форма на времетраење и константни потреби на обнова.

Покрај Dark Souls, играта позајмува клучна борбена механика од Sekiro. Победата над непријателите е невозможна без темпирање и сервирање флуидни контра напади кои, за возврат, го обновуваат здравјето. На располагање имате благи RPG механики со кои суптилно ги зголемувате вашите статистички вредности, а употребата на двата меча, жезлото и чеканот допринесуваат до интересни комбинации.

Кои се Cold Symmetry?

Cold Symmetry започна како мало, четиричлено студио во 2017 година. Mortal Shell е нивната прва игра и за нејзините потреби го имаат проширено студиото на петнаесет члена, користејќи таленти на ААА ветерани одлично запознаени со игри од овој калибар.

Порабощённый Гриша бьет нежить клешнями в новом видео Mortal Shell | GameMAG

Што мисли светот за Mortal Shell?

На Metascore, играта гордо стои со 77 поени, што е ништо повеќе од импресивно, особено кога ќе се земе во предвид дека се работи за прва, релативно непозната игра од тазе формирано студио. Највисоката оценка од 90 поени доаѓа од Trusted Reviews. Според нив играта е едно од најголемите изненадувања годинава и нуди длабоко, фасцинатно патување во еден меланхоличен свет. Иако позајмува инспирација од Dark Souls и Bloodborne, играта сепак успева да се истакне како засебен производ на интерактивна забава.

Се чини дека и IGN (80 поени) се сложуваат со оваа мислење и додаваат дека играта има сосема доволно паметни и нови идеи за да направи да се исплати борењето низ преубавиот свет. Ни Gamespot (80) не се далеку од ова и признаваат дека тешко се игнорира оваа чудна и изнанадувачки длабока игра која ве наградува со истражување на најизвитоперените патишта и спротиставување со најсмртоносните непријатели.  За 5 поени подолу, God is a Geek жали за тоа што не се посветило повеќе внимание на приказната, но и покрај тоа не можат да ја игнорираат интригантната авантура и успешното приклучување на редовите на Soulslike жанрот.

Од друга страна, PCGamesN (70 поени) не се толку лесно импресионирани и објаснуваат дека играта не само што нема доволно алатки за екпериментирање, туку и нема ни солидна вештачка интелигенција. На Milenium им се допаднал солидниот гејмплеј и севкупната атмосфера, но тие сметаат дека излегувањето на Mortal Shell е избрзано. Како резултат, балансирањето е слабо, а недостасува креативна разновидност во воините, оружјата, и непријателите. Други критичари се имаат пожалено за дизајнот на сценариото и светот (IGN Spain), невпечатливи босови, осиромашени содржини (Everyeye.it) и разочарувачки систем за обнова на здравје (Critical Hit).

Што мислиме ние?

Нам ни се допадна атмосферата во Dark Souls и борбениот систем во Sekiro: Shadows Die Twice и секогаш сме расположени за продолжување на уникатната забава која ја пронајдовме во тие игри. Mortal Shell не копира туку прави успешна фузија на Dark Souls, Sekiro, и Bloodborn, па потоа органска надградба со неколку интересни и уникатни идеи. Во ниеден момент не држи за рака, а секој успех е целосно заслужен и само ваш. Ретки се игрите кои успеваат да направат да се чувствуваме вака и не можеме, а да не ја регистрираме огромната посвета и знаење вложено во финалниот продукт.

Иако разбираме дека многу повеќе ресурси и талент се потребни за длабока приказна, филмски моменти и впечатливи анимации, сметаме дека ова е примарната причина поради која играта нема повисока оценка на Metascore. Првите пет часа поминати со играта беа како гледање низ телескоп и сè што можевме да правиме е да бидеме вовлечени во моментите кои се одвиваа околу нас, но во наредните десет често се наоѓавме да посакуваме нови воини, повеќе лор, повеќе оружја и комбинации со нив, како и малку попаметни непријатели. Mortal Shell е тешка игра, но откако ќе разберете што ја прави тешка и ќе изнајдете начин за справување со предизвиците играта зазема нова димензија, а гладот за нешто повеќе станува сè посилен.   

Што мислите вие?

Кажете нѝ во коментарите, на друштвените мрежи или во гејминг секцијата на ИТ форум!

Развивач:  Cold Symmetry

Издавач: Playstack Ltd

Платформи: Microsoft Windows, Xbox One, PlayStation 4

Излезена на: 18 август 2020

Жанр: RPG

Режими на игра: едно лицe

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии