До почисто Скопје со SkopjePulse од Netcetera

Најверојатно на никој не му е нов податок дека воздухот во неколку градови во Македонија е отровен. За среќа, благодарение на климатските промени воздухот сега е почист. За следните години да не продолжат да се повторуваат непосакуваните состојби, потребно е ново решение. SkopjePulse од Netcetera е едно вакво решение. IoT платформа која ќе помогне со повеќе податоци, а со тоа и со релевантни решенија.

SkopjePulse e IoT платформа и решение за сите климатски податоци. Платформата ги прибира и прикажува сите податоци кои се собираат со LoRaWAN сензорската мрежа. Дополнително платформата овозможува интеграција со трети сервиси за собирање и други релевантни показатели.

„Конечната цел на SkopjePulse е да служи како портал за мониторинг, кредибилен извор за решавање на проблемите со животната средина, но и како систем за рано предупредување.“

Која е вашата појдовна идеја? Зошто го направивтe SkopjePulse?

„Појдовната идеја е да направиме IoT платформа за цело Скопје и да ги покриеме сите технички аспекти за истата: поставување на отворена LoRaWAN мрежа, создавање на генерички back-end систем кој може да се интегрира со различни уреди поврзани на различен начин, кориснички интерфејс за менаџмент на уредите и проширување на мрежата, како и портал кој сето тоа ќе го направи корисно и визуелно атрактивно. Откако сите замислени технички функционалности од наша страна ќе бидат поставени, системот е замислен да еволуира со учество на корисниците: шемите и кодот за уредите ќе бидат отворени, платформата ќе биде документирана и ние ќе бидеме достапни и ќе помагаме со интегрирање на предлози и решенија од заедницата.
Поставената LoRaWAN мрежа (https://www.thethingsnetwork.org/community/skopje/) е дел од глобалната crowdsorced IoT мрежа TheThingsNetwork (https://www.thethingsnetwork.org/), која е отворена и комплетно слободна за користење. Секој може да се најави на истата, да си создаде своја апликација и да ги регистрира LoRaWAN уредите кои се дел од неа. Апликациите и уредите се исти за целиот свет, што значи дека нема никакви „роаминг“ услови: секоја апликација и секој уред може да се регистрира и користи било каде во светот каде има покриеност.“ – вели Панче Чавковски од Netcetera.

Како изгледа сервисот од страна на корисникот, дали во случај на загаден воздух или преголема бучава би пристигале нотификации преку апликации или можеби  друштвени мрежи?

Проектот е сеуште во рана фаза, и нови дополнителни функционалности ќе бидат вклучени и додавани со тек на време. Она што во моментот системот нуди јавно е прибирање на сите возможни податоци, адекватен визуелен приказ, оценка и предлози. Корисниците кои поседуваат сензор имаат пристап и до ‘dashboard’ делот кој им овозможува да имаат поголема контрола и увид врз истиот. Опцијата за активни нотификации кон корисниците, сопствениците на сензори како и до целата јавност преку друштвени мрежи е моментално во доработка. Она што ни е поважно во моментот е да прибереме што е можно повеќе податоци и на база на нив да заклучиме кој е правилниот пристап и конкретните информации и известувања кои би им биле потребни на корисниците.

Како функционираат сензорите, што може да мерат, дали освен аудио загадување, загадување на воздухот и влажност се добиваат и некои други податоци. Што е потребно за да функционира сензорот? Се напојува од батерија или од мрежа, WiFi, или нешто друго можеби?

Системот е генерички, што значи дека може да прима информации од секаков карактер. Сензорите кои ги направивме и кои ги шириме во моментов (загадување, бучава, температура, влажност на воздух) се своевиден зачеток на мрежата, но и битен дел од истата бидејќи адресираат еден од најголемите проблеми на градот. Од останатите типови на сензори кои ги планираме во иднина, може да издвоиме: ниво на површинска вода (замислени за критични подвозници и ниски точки во градот), релативна густина на сообраќај и искористеност на контејнери за ѓубре. Секако, секој граѓанин може да ни предложи и некаква друга опција, а ние би излегле во пресрет да тоа стане реалност.
Условите за да функционира некој сензор, многу зависат од параметрите кои треба да се мерат. Пример, мерењето на PM честички во воздух бара релативно поголема моќност, па уредите треба да бидат напојувани од електричен адаптер, или мобилна батерија со висок капацитет и со соларен панел. Од друга страна, мерењето на површинска вода користи сензор со многу мала моќност, и во тој случај целиот уред би се напојувал од една обична батерија со век на траење од неколку години. За поврзување со мрежата уредите може да ја користат TheThingsNetwork LoRaWAN мрежата или ако немаат домет, тогаш може да се поврзат преку WiFi.

Дали некои од градските власти се понудиле да ви излезат во пресрет, ако не, со што или како би можеле да ви помогнат?

До сега немаме контактирано никој од градските власти бидејќи сме немале реална потреба. Сензорите кои ги користиме ги даваме на граѓани кои се заинтересирани за проектот и истите ги монтираат на тераси или во дворови.

Дали и како може да помогнат граѓаните?

Секако. Клучен аспект на проектот е да биде што е можно повеќе воден од граѓаните. Поддршка ни треба не само за ширење на мрежата, туку и за давање идеи, предлози за подобрување и критики за системот, со што истиот би еволуирал со тек на време. Дополнително, податоците кои се складираат се од отворен карактер и секој може да ги користи за експериментирање, учење или за правење на други апликации на база на SkopjePulse.

1 коментар на “До почисто Скопје со SkopjePulse од Netcetera

  1. А на која публика ѝ се обраќаат на англиски јазик? Колку што сум последно информиран, во Македонија живеат Македонци, а не Англичани.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии