Побезбедна е работа во пилана отколку во „центрите за остварување“ на Amazon

Оваа недела е „Црниот петок“ ден со кој започнува периодот на божиќните празници, главно бидејќи „Денот на благодарноста“ е последниот празник пред Божиќ. Овој ден се поврзува и со почнување на купување на подароци за празниците, а во поново време тоа се повеќе се префрла онлајн. Овој заедно со уште неколку денови во годината е еден од најактивните периоди за вработените во Amazon.

Работата со квоти, заморот и превисоките барања од работниците за време на празниците ги прават магацините на Amazon опасно место за работа. Автоматизацијата, брзината и ефикасноста во Amazon не значат и поголема безбедност, па според податоците до кои дојде Atlantic, Amazon e поопасен за работа од пилана или челичарница.

Ова не е прва кошмарна приказна која излегува за работата во „центрите за остварување“, но она што помалку изненадува е што делува како ништо да не е менува. Кендис Диксон работи во автоматизиран склад на Amazon во кој дел од работата ја завршуваат роботи. Во текот на работата презема куп работи ги скенира и ги релоцира на ново место во магацинот. Предметите се различни од хималајска сол, па се до храна за миленичиња која тежи десетина килограми. За само еден час г-ѓа Диксон скенирала над 300 производи или за секој производ на располагање и биле 11 секунди. Ако не ја исполнува нормата секако ќе биде отпуштена. Ако ја исполнува нормата го ризикува своето здравје, и по повредата веројатно ќе биде отпуштена.

За жал токму ова и се случи по 2 месеци и над 100 000 производи се здоби со хронична повреда на грбот. Лекарот не остави простор за сомнеж, причина за повредите на Дикинсон е нејзината работа. Медицинските наоди велат дека нема изгледи за подобрување на состојбата…

Ризикот од повреди при работа во Amazon е превисок и ова го признава и компанијата, иако не без да додадат дека причина за големиот број на повреди е нивното ригорозно документирање. Без сомневање најголема, ако не и единствена причина за бројот на повреди не е ригорозната документација, туку ригорозните квоти кои треба да ги исполнат работниците во компанијата. Иако Amazon има совети за начин на движење подигање на предмети и работа во магацините, придржувањето до овие правила е ограничено со исполнување на квотите. Па наместо да користат скали за да земат некој пакет, работниците често рипаат или се тегнат за да го дофатат пакетот. Како последица на ова доаѓа до повреди кои можеби и ќе можат да се избегнат со побавна работа.

Но бавната работа не е баш во склад со културата во компанијата која брои секунди до секој испратен пакет и време на испораки. Ова најмногу важи токму во овој период кога квотите се луди, а од вработените се бараат и задолжителни прекувремени часови. Во овој период вработените во компанијата работат по 12 часа во денот. Повредите покрај „Black Friday“, се повисоки и за „Cyber Monday“ и „Prime Day“.

Она што е причина за дополнителна загриженост се обидите на Amazon систематски да ги скрие повредите на вработените. До 2015 компанијата се обидувала да ги избегне правилата за безбедност на работа, а во еден случај луѓето задолжени за истрага се обиделе да ја скријат вината на компанијата, вели Verge. Еден од начините со  кој Amazon ги крие овие податоци е давање на парцијални извештаи. Компанија на вработените кои ги бараат извештаите за повреди им ги споделува единствено податоците за периодот во кој тие работеле иако се должни да ги споделат сите податоци. Дополнително и кога ги споделувале податоците со вработените во компанијата им се заканувале со тужба, велејќи дека станува збор за доверливи податоци.

A Chinese employee prepares books for online orders at a fulfillment center of Amazon in Meishan city, southwest China’s Sichuan province, 10 March 2015 – Stock Editorial Photography / https://depositphotos.com/239733954/stock-photo-chinese-employee-prepares-books-online.html

Еден од најновите магацини JFK8 Во Њујорк е еден од поопасните за работа. Според бројките „индексот на опасност“ за овој магацин е 64. Овој индекс е пресметка на вкупниот број на загубени денови поделен со бројот на пријавени повреди. За споредба оваа бројка изнесува 6,1 во пиланите и 10,8 во челичарниците во САД. Она што треба да ги загрижи во Amazon е дека овој индекс е трипати повисок од просекот на сите останати магацини во САД.  Бројките се веројатно и полоши со оглед на тоа дека ако некој се повреди му се пружи помош и се врати на работа, повредите остануваат неевидентирани.

„Ни велат да работиме екстремно брзо, па ќе се сопнев од скалите. Имав модринки по нозете.“, вели вработена во магацините која се жали и на кутии кои паѓаат и дехидрирање.

Ова не е првпат условите за работа во Amazon да бидат критикувани. Новинарот Алан Селби од Mirror во 2017 помина шест недели скришум работејќи во магацин во Есекс.

„Сам во заклучен метален кафез, 3 метри од најблискиот колега, се приближува робот кој ги бутка полиците кон мене. Имам 9 секунди да процесирам производ и да го испратам на пакување – да ја исполнам целта од 300 производи на час“, раскажува г. Селби.

И ако помислите дека автоматизацијата ќе придонесе за побезбедна работа ова за жал не е точно. Можеби причината за ова е што луѓето засега не се навикнати на работа со роботи, но податоците покажуваат дека по започнување на користење на роботи во секој од центрите бројот на повреди во компанијата расте. На пример, по воведувањето роботи во Трејси, Калифорнија, бројот на повреди се зголемил од 2,9 на 100 вработени на 11,3 на 100 вработени во 2018. Причината за ова е што луѓето не можат да го издржат темпото на роботите, и брзината потребна за квотите не соодветствува со брзината потребна за безбедна работа.

Еден од најавтоматизираните магацини, и магацинот кој е единствено кој успеал да испорача 1 милион пратки во ден, магацинот од Кент, Вашингтон, минатата година имал 292 сериозни повреди или 13 сериозни повреди на 100 вработени. На национално ниво состојбата не е многу подобра во 2018 компанијата на 100 вработени имала 9.8 сериозни повреди. Ова сè уште е многу над просекот во оваа гранка кој изнесува 4.

Одговорот на Amazon на сторијата на Atlantic e следниот:

„Не е точно да се кажете дека магацините на Amazon се небезбедни и напорите да го направите ова единствено врз бројот на повреди е непотполно со оглед на бројката на вработени. Толку многу веруваме во условите за работа во нашите магацини, вклучувајќи ја тука и безбедноста, што нудиме отворени тури каде што секој може да дојде и да се увери со сопствени очи.

Безбедноста на соработниците во нашата зграда е наш најголем приоритет и многу инвестираме во безбедноста. Оперативните состаноци, ориентација на новите вработени, обуката за процесите и развојот на нови процеси започнуваат со безбедност и имаат безбедносни метрика и проверки интегрирани во секоја програма. Безбедноста е константна, и во тоа што обезбедуваме вработените да знаат како најдобро да работат со технологијата во објектот и како да спречат повреди. Има драматично ниво на неодговорно документирање на безбедносните инциденти низ целата индустрија – овој проблем го препознавме во 2016 година и почнавме поагресивно да ги евидентираме повреди без разлика колку се голем или мали“.

Причината за пречестите повреди е брзината, но по се изгледа ова не е единствена причина. На пример по истекување на гас во магацинот во Иствејл, работата продолжила нормално, иако вработените се жалеле на повраќање и вртоглавици. Условите за работа се далеку од идеални, но Amazon е највредна компанија во светот, до не толку одамна платите на вработените не беа на задоволително ново. Решение на овој проблем е најден во наметнување на минимална плата од 15 долари на час.

И оваа година Amazon има нови понуди за своите корисници. Бесплатна испорака за 1 ден за сите претплатници на Prime. Вработените веќе знаат дека ги чекаат 12 часовни смени. Да се надеваме дека како овие празници ќе бидат празници за сите, и дека повредите во центрите на Amazon ќе бидат минимални.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии