По две успешни Kickstarter кампањи, кои се следните планови на Final Frontier Games?

По втората успешна Kickstarter кампања и собрани над 500.000 долари, Final Frontier Games финансиски се еден од најуспешните стартапи. Секако по завршувањето на кампањата моравме да ги прашаме кои се следните нивни планови.

Собравте $370.000 на KickStarter… Кои ви беа првите очекувања? И секако, која ви е реакцијата сега?

Охрабрени по успехот од лани со Cavern Tavern, секако нашите очекувања беа поголеми, односно очекувавме дека ќе ја надминеме бројката од претходната кампања. Но, со опасност ова да звучи како клише, ни на крај памет не ни беше дека ќе собереме 370.000 долари од гејмери ширум светот кои сакаат нашиот производ да го види светлото на денот.

Почестени сме за довербата, свесни сме за успехот, но и за одговорноста. Колку за контекст, игри кои се движат од 300-400.000 долари на Кикстартер (а се без минијатури) оваа година можат да се избројат на рака. Тоа е плафонот за игрите како Rise to Nobility. Истиот случај беше и лани. А има 2.000-3.000 проекти за board games секоја година на оваа платформа. Да имате успешен проект на Кикстартер е огромна чест. Да имате проект со кој ретко кој може да се пофали на планетава е нешто што долго време ќе го процесираме.

Последниве 1 – 2 години се зголеми интересот за игри на табла, дури и во Македонија. На што се должи овој интерес? Земајќи го во предвид фактот дека секој има мобилен уред и мобилни апликации има за сè…

Интересот за игри на табла е во постојан подем последниве 10 години. Индустријата секоја година е во подем. Во 2015 година надмина 1.19 милијарди долари. Раст од 20% во однос на 2014, раст кој се случува секоја година изминатава декада. Ретко која индустрија во светот може да се пофали со ваков континуиран раст во проценти.

Во Македонија, како и во се нели, ефектите од тоа доаѓаат подоцна, и како што спомнавте, највеќе се чувствува изминативе 1-2 години. Постојат доста објаснувања на што се должи ова. Секако влијание има што гик културата сега е поп култура. The Big Bang Theory најмалку во 5-6 епизоди во секоја сезона играат или зборат за некој борд гејм и тоа секако влијае на сево ова.

Вториот фактор е Кикстартер. За разлика од пред 10 години, беше ужасно тешко да издадеш игра и да ја пласираш на светскиот пазар. Требаше да му пријдеш на некој од издавачите, да ја пласираш твојата идеја за игра и да се надеваш дека ќе склучи договор со тебе и ќе ја издаде играта. Сега со Kickstarter е полесно. Доколку имаш добра идеја, и доколку доволно долго работиш на неа, шансите за издавање на игра се доста поголеми.

Благодарeние на тоа, многу игри од анонимни дизајнери излегоа кои се ултра-иновативни, но и комплицирани за изработка. Таквите игри преку традиционалниот канал никогаш не би би биле издадени. Ниеден издавач не би се нафатил да вложи стотици илјади долари во игра полна со пластични минијатури, со десетици различни табли за играње, илјадници карти и во кутија која би тежела 7-8 килограми. Тоа е логистички кошмар кој може да ги банкротира и најголемите издавачи во светот.

Со Кикстартер ја немате таа опасност. Го претставувате проектот, доколку има интерес ги собирате средствата и преминувате во производство. Точно знаете пазарот колку бара и колку е спремен да плати за истата. Благодарение на овој модел, многу добри игри се сега реалност кои допринесуваат за зголемениот интерес за игрите на табла.

Но, клучниот фактор за зголемениот интерес за друштвените игри е човековата потреба за лична интеракција. Во ова време кога сме преплавени со дигитализацијата, екрани на сите страни, социјални мрежи, нотификации и меилови, луѓето се повеќе бараат причина барем одреден период од денот да се „исклучат од мрежата“ и да поминат квалитетно време со најблиските на маса, односно да повратат барем мал дел од она што порано беше дружење. Тука се друштвените игри да го пополнат тој простор. Ги зближуваат семејствата на корисен начин.

Споредба на кампањата на Cavern Tavern и Rise to Nobility? Ми се чини дека сега имаше повеќе труд за да се прошири кампањата на друштвените мрежи, преку дополнителни цели кои се отклучуваа паралелно со „главната“ кампања… Каква ви беше стратегијата и колку време посветивте на неа?

Од маркетиншки аспект го правевме речиси истото како и за кампањата на Cavern Tavern. Промоцијата на играта започна речиси 4 месеци пред да започне Кикстартер кампањата, но секако името кое го изградивме со Cavern Tavern помогна да тоа делува помоќно овој пат. Можевме да си дозволиме поголем маркетинг буџет, закуп на рекламен простор на светски медиуми кои се занимаваат со оваа тематика и веројатно затоа нашето присуство беше повидливо.

Инаку текот на самата кампања, во однос на дополнителни работи кои се отклучуваа, беше речиси ист како и претходно. Имавме неколку работи кои ги тестиравме, но не ги вклучивме во основната игра бидејќи сакавме да ги чуваме за подоцна, а и за воља на вистината ја креваа цената на играта до ниво кое не бевме удобни, па моравме да ги префрлиме како stretch goals. За среќа, се што имавме испланирано за играта на крајот и го вклучивме.

Единствениот новитет кој го воведовме во оваа кампања е продажба на дополнителни работи кои ги надополнуваат игрите, односно самото искуство околу играта. Морам да напоменам дека Rise to Nobility, беше продолжеток на Cavern Tavern во однос на приказната. Па така, покрај Rise to Nobility, за време на оваа Кикстартер кампања, поддржувачите можеа да ги порачаат и двете книги кои треба да излезат наредниот период и кој ги врзуваат приказните на Cavern Tavern и Rise to Nobility, односно раскажуваат за случувањата во The Five Realms, светот каде што овие 2 игри се сместени.

Покрај игрите, нудевме метални парички кои можат да се искористат во самата игра, додатни дрвени компоненти, коцки итн.

Кој е планот сега, по добивањето на $370к? Кои се следните чекори?

Сега треба да се одработат парите :) Во моментов ги довршуваме фајловите, односно припремата пред да се прати кај нашиот производител во Кина, и со тоа да навлеземе во фазата производство која поради обемот на тиражот кој сега ќе го правиме, ќе одземе малку повеќе време одошто беше тоа со Cavern Tavern. Очекуваме производството да заврши на есен, и да започнеме со достава на игрите некаде во ноември.

Исто така, привршуваме и со втората книга. Првата е веќе завршена и лекторирана, во моментов е во фаза на дизајн бидејќи ќе бидат фул-колор, а втората е во фаза на лектура.

Постојат доста работи и луѓе, внатре и надвор од земјата кои работат на различни делови од целиов проект, па нивната координација е главниот предизвик овој период бидејќи си поставивме строги рокови кои мора да се испочитуваат за да го доставиме на време тоа што го ветивме.

Што е следно за Final Frontier Games по Rise to Nobility? Сигурно сте охрабрени по овој успех уште повеќе, дали може да ни откриете во кој правец размислува тимот?

12 месеци по стартот на нашата прва кампања и половина милион долари до сега собрани од Kickstarter ни даваат за право малку посериозно да размислуваме за што понатаму.

Мора да признаеме, планот за до 2020 е исцртан. Но, за да стигнеме до оваа фаза моравме да одговориме на 2 прашања изминативе 12 месеци.

  • Дали знаеме да направиме игра, да ја произведеме и доставиме и сето тоа да биде финансиски исплатливо за нас? Cavern Tavern тоа ни го одговори.
  • Второто прашање е дали Cavern Tavern беше one hit wonder, дали беше игра на случајност што Cavern Tavern доживеа таков успех на светскиот пазар или пак можеме да очекуваме дека и следниот наш производ би бил добро прифатен и би можеле да се занимаваме со издаваштво и дизајн на друштвени игри долгорочно? Rise to Nobility и тоа како ни одговори на ова прашање :)

Имаме повеќе игри кои се во различна фаза од изработка. Склучивме договор со надежен дизајнер од Англија и со него соработуваме на еден од проектите. Исто така, со задоволство можам да кажам дека започнавме да навлегуваме полека и во дигиталниот свет. Cavern Tavern од скоро можете да ја играте на вашиот прелистувач, сам или со други играчи од светот. Rise to Nobility, исто така ќе биде пренесена на оваа платформа.

Започнавме соработка и со едни многу кул дечки од Македонија, на кои многу наскоро започнуваме да работиме на игра специјализирани за мобилни телефони. Тоа ќе биде сосем нов производ, игра сместена во нашиот The Five Realms свет, со арт на Тхе Мичо, која сме сигурни ќе наиде на добар одзив кај гејмерите ширум светот.

Имаме многу планови со The Five Realms франшизата. Благодарение на успесите на нашите претходни игри, имаме средства и знаење тие планови и да ги оствариме.

Секако, во план е и доекипирање на нашата компанија со луѓе од Македонија, но и со дизајнери и креативци ширум светот во нашето претставништво во САД.

1 коментар на “По две успешни Kickstarter кампањи, кои се следните планови на Final Frontier Games?

  1. Колку што знам на Кикстартер може да отвоти кампања само некој од редица земји меѓу кои не е Македонија! Дали се користи некој кој е од Америка и кој во име ваше ја отвора кампањата или има некој друг бајпас па цела работа се брка од Македонија?

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии