По 25 години од основањето, пред Neocom е уште еден голем предизвик

Стартувана во 1990-та година кога немаше такво нешто како Веб, кога Microsoft сè уште немаше добар Windows, компјутерите се бутираа на DOS; кога беше период на Apple без отпуштениот Стив Џобс; во Македонија шестмина ентузијасти ја основаа Макпетрол компјутери со намера да ја донесат ИТ револуцијата и тука. Започнаа со продажба на хардвер, но подоцна во 1997-ма година се ребрендираат во Neocom, име кое одговараше на новите возбудливи времиња кога софтверот и интернетот станаа исто толку важни како хардверот, кога ИТ индустријата беше во огромен подем со намера да стави персонален компјутер на секоја маса. Денес, поточно во јуни, Neocom го прослави 25-ти роденден како една од најуспешните ИТ компаниии во Македонија. Денес, компанијата се наоѓа пред уште една голема ИТ (р)еволуција кога хардверот се заменува со нешто што го нарекуваме „облак“.

Oвие предизвици на ново доба не се непознати за компанијата. Даме Цветковски, директорот за продажба и маркетинг, се сеќава дека во 90-тите компанијата мораше да се справува со достава преку пошта. „Најтешкиот дел беше достапот до техничките материјали од производителите: телефаксот има големи ограничувања и главен маркетиншки материјал беа печатени каталози и брошури, а тие доаѓаа по класична пошта – спорооо“. Но, тоа што остана важно, што не зависеше толку од технологијата, е одржување контакти со клиентите. Ако на почетокот беше потребно да се убедат компаниите да ги користат попродуктивните компјутери, денес таа недоверба се одразува и на „облакот“ или cloud computing, што е релативно нов концепт на обработка на податоци на интернет, наместо на локална машина.

„Беше потребен голем напор и умешност да се убедат раководните лица дека воопшто им се потребни ИТ решенија за подобрување на работењето“, вели г. Цветковски. Дополнителен проблем беше што главната технологија во 90-тите беше хардверот кој некако мораше да биде донесен во земјата. „Во рамки на СФРЈ голем проблем претставуваше обезбедување на квоти за увоз на ‘процесорски единици’ и девизни средства за плаќање кон странство. Но, нашиот почеток се совпаѓа со процесот на осамостојување на Македонија како посебна држава и тоа е поврзано и со логистички проблеми околу авионскиот транспорт“.

Како што напредуваше технологијата, така Neocom започна сè повеќе да се фокусира на софтверските решенија како виртуелизација на ИТ инфраструктурата, безбедносни решенија итн. Денес го промовираат Neocloud, напредно решение за инфраструктура преку облак. Во теорија облакот е совршена платформа бидејќи корисниците не мора да се грижат за безбедност, бекапи и надградби; тоа е оставено на професионалците; тие можат да пристапат до своите податоци од било каде, на сервис кој може да се персонализира според потребите.

Но, облакот има голем проблем, а тоа е недовербата во неговата безбедност. Има куп примери на кражби на податоци, приватни и на компании, од сервиси кои не се доволно добро заштитени. Во теорија облакот е совршено решение, но во реалноста до него и податоците складирани во него може да дојде секој кој ќе ја отвори задната врата. „Да, приватноста и безбедноста се најголемата грижа кај потенцијалните корисници, но кога ќе им го објасниме концептот и техничкото решение дилемите се разрешуваат лесно. Впрочем, како секоја јавна услуга од јавен карактер и оваа подлежи на надзор од страна на соодветни институции, кои се грижат за заштита на корисниците“, вели Јане Антов, менаџер за системска интеграција.

„Светските трендови покажуваат дека влегуваме во нова ера на ИТ каде ресурсите се сместени кај операторите, а корисницие ги користат услугите по потреба и плаќаат по единица искористен ресурс – нешто слично како што ја користиме електричната енергија или телекомуникациските услуги. Овој начин е далеку порационален за корисниците, без големи капитални вложувања, со можност за избор на најдобра понуда во даден момент; секој стопански субјект секогаш се стреми да ги намали трошоците и во следниов период cloud computing-от е решение за намалување на трошоците“, вели тој.

Интересно е што облакот може да му попречи на другиот бизнис на Neocom, бидејќи со облак се намалува потребата од хардвер. Компанијата ја промовира својата облак платформа Neocloud како сервис за кој „нема потреба од инвестирање во голема капитална инвестиција на нова опрема и опрема за висока достапност“. Но, г. Антов вели дека компанијата ќе продолжи со продажбите на хардвер бидејќи „сè уште постои потреба за личен хардвер, додека некои работи, едноставно се прескапи да се прилагодат или користат во облакот”. Засега тоа што им ги оддржува двата бизниси е што некои компании сè уште купуваат хардвер бидејќи немаат доверба или знаење за нови технологии; но истовремено сè повеќе компании се учат да работат со облакот. Предизвикот, вели г. Цветковски, е да се надмине недовербата и „да се стекнат одредени искуства или референци. Денес сите имаат одредено знаење и искуство за ИТ решенија и полесно ги прифаќаат новините, но преодот кон cloud computing не е тривијален и затоа одлуките не се носат преку ноќ“.

„Неблагодарно е да се прават долгорочни предвидувања во областа на ИТ, особено што се наоѓаме на самиот почеток на ерата на cloud computing; на некој начин и во одредена мера ние сме веќе сите во облакот, барем тие што се поврзани на интернет  и кои станаа зависници од интернетот, било како стопански субјект или поединец. Сепак некои работи ќе останат надвор од “облакот”. Предвидувањата се дека околу 10% од системите и апликациите никогаш нема да отидат во облак”.

Среќен 25-ти роденден Neocom!

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии