Се чини дека љубовта помеѓу пиратите и креаторите на хит серијата Game of Thrones е взаемна. Откако во 2012 година беше прогласена за најпиратирана серија, режисерот само што не им се заблагодари на пиратите, а сега, поддршката за пиратите доаѓа од најнеочекуваното место – од извршниот директор на компанијата која го издава шоуто.
„HBO добива се повеќе претплатници и тоа пред се по препораките. Порано ова вклучуваше одење кај соседите за да ги гледате HBO-сериите, но и случаи кога луѓето крадеа кабловска само за да гледаат HBO. Во нашето 30 годишно искуство, крадењето на содржина секогаш ни помагало да добиеме нови претплатници и да креираме уште подобра содржина. Game of Thrones е најпиратирано шоу во светот. Ова е подобро од Emmy награда.“, вели извршниот директор на Time Warner, Џеф Бифкс.
Иако квалитетот на серијата е главната причина за големата гледаност, сепак и пиратеријата индиректно води до поголемата популарност на серијата, повеќе претплати, и повеќе реклами. Но, останува нејасно како HBO планира да ги освои можните фанови кои живеат во региони каде сериите пристигаат единствено со помош на пиратеријата.