Следете ги пиновите со Web Analytics на Pinterest

Pinterest – друштвената мрежа за се што е кул – објави алатки за мерење на корисничката интеракција со пиновите, односно со споделените фотографии и линкови. Овие алатки навистина ќе им се најдат на многу брендови, блогери и корисници кои брзо сфатија дека Pinterest е навистина влијателна мрежа за потрошувачите, дури повлијателна и од Facebook. Со Web Analytics сите кои имаат свои страни на Pinterest ќе можат да си ја разберат подобро публиката (главно женска) и да им сервираат содржина која таа ја бара.

За да се користат Web Analytics на Pinterest првин ќе мора да имате верификуван сајт. Откако ќе го средите тоа, ќе добиете пристап до колку луѓе пинуваат од вашиот сајт, колку луѓе ги гледаат пиновите, и колку луѓе доаѓаат на вашиот сајт преку Pinterest. Ќе има и статистика за сите репинувања, најкликувана содржина и најновите пинови „за да имате идеја што е популарно“.

Но, освен што се корисни за креаторите на содржина, овие веб статистички алатки се добра почетна точка за Pinterest да почне да прави пари. Во моментот на мрежата нема визуелни реклами и покрај интересот. Но со неопходните алатки ќе им се дозволи на огласувачите полесно да си ги следат своите маркетинг капањи.