Пет средношколци од Скопје ја претставија Македонија на натпреварот по роботика во Дубаи

Од 24 до 27 октомври во Дубаи се одржи натпреварот во роботика FIRST Global. Средношколците Ајла Кецап, Емилија Митовска, Ања Кузевска, Кирил Спироски и Никола Јанковиќ и нивните ментори Алма Кецап и Кристијан Гроздановски беа втори по постигнатиот успех во споредба со врсниците од регионот.

FIRST Global Challenge е натпревар  во кој се натпреваруваат тимови од средношколци на возраст од 14 до 18 години. Наcтанот се одржува трета година. Претходните натпревари биле во Вашингтон и во Мексико Сити. Со оглед на времето кое го имаа за подготовки, а и самиот факт дека ова  прво учество, резултатот на средношколците од Македонија е одличен.

Секако сите сакаме роботи, но натпреварот е уште поинтересн ако знаете дека учесниците на FIRST Global Challenge се обидуваат да пронајдат решенија за најголемите проблеми во светот денес. Менторот на тимот Алма Кецап, ни одговори на неколку прашања за натпреварот.

Кажете ни нешто повеќе за натпреварот во роботика FIRST Global.

FIRST Global е јавна добротворна организација со мисија да гo инспирира научното и технолошкото лидерство и идеите за иновации кај младите луѓе од сите нации, да го прошират разбирањето, да ја разберат важноста на соработката, да ги адресираат најитните прашања во светот, со цел да се подобри квалитетот на животот за сите. Организацијата се стреми да ги убеди владите и организациите во светот да го прифатат STEM (Science Тechnology Engineering Mathematics) образованието и да инвестираат во нивната младина.

FIRST Global Challenge се занимава и ги истакнува најголемите предизвици со кои се соочува нашата планета и ги охрабрува следнати генерации да изгради СТЕМ-вештините потребни за нивно решавање.

FIRST Global Challenge е годишен настан за роботика во стилот на Олимпијада на кој оваа година учествуваат 191 земјa од светот со тимови од средношколци(од 3 – 5, на возраст од 14 до 18 год.) предводени од по два ментори секој тим односно земја учесничка. Наcтанот се одржa трета година, секоја година во различна земја, а оваа година FIRST Global Challenge се одржa во Дубаи од 24-27 Октомври (2017 година во Вашингтон, ДЦ и 2018 година во Мексико Сити).

Повеќе детали за настанот и минатогодишните настани и земји учесници можете да погледнете на следниов линк: https://first.global/fgc/

Како се пласиравте и како го одбравте тимот кој се натпреваруваше на FIRST Global?

Со оглед на тоа дека овој настан се одржа по трет пат и сите балкански земји до сега имаат учествувано, нашата земја до сега немаше тим, така самите организатори на FIRST Global пројавија интерест за нас. Официјалната покана ми беше проследена преку менторите на тимот од Црна Гора и така всушност јас станав организатор и ментор за тим Македонија. Изборот, т.е. основањето на тимот не беше никаков проблем затоа што нашата земја може да се пофали со многу паметни млади умови со афинитети кон информатичките науки. Нашиот тим брои 7 члена, јас како главен организатор и ментор, Кристијан Гроздановски-програмер/ментор и 5 средношколци, Ајла Кецап, Ања Кузевска, Кирил Спироски и Никола Јанковиќ од скопската гимназија “Георги Димитров” и Емилија Митовска од скопската гимназија “Орце Николов”.

Овој настан не беше со чисто натпреварувачки дух, главната идеја беше зближување на различни народи кои имаат иста цел – грижа за околината во која живееме, прочистување на нашиот “дом” преку инженерско размислување за тој проблем.

Нашиот тим и обезбеди на Македонија 65 место на глобално ниво (од 191 земји учеснички) и второ место на Балканот.

Од каде желбата кај тимот за равој на роботи?

Тимот беше составен од средношколци кои беа заинтересирани за СТЕМ едукација. Главен поттик и желба ни беше да покажеме дека ние сепак како мала земја имаме големи умови.

Принципот на работа на правењето на роботот беше навистина интересен, тимската работа беше клучна, секоја идеја беше добродојдена. Како екипа добивме комплет делови од кои требаше да го склопиме роботот, кој со одредени сетирања и програмирање од наша страна требаше да биде способен да изврши серија задачи во игра тематизирана околу прашање од глобално значење. Оваа година фокусот е ставен на околината и особено на чистењето на океаните. Интересот кон роботиката и љубовта кон планетата Земја беа доволни причини за нашата мотивација.

Раскажи ни повеќе за задачите и предизвиците во Дубаи

Секој тим имаше задача да го склопи роботот и да го донесе во Дубаи. Нашиот тим имаше само еден месец за подготовка, но успеавме!

Интересен е фактот што сите земји добија ист сет делови а имаше толку различни роботи со различни механизми за работа но сепак сите беа со иста цел. Целта на натпреварот беше да од фиктивен океан се соберат што е можно повеќе полутанти, микро и макро топчиња, каде што истите асоцираат на отпадот во океаните, и да се исфрлат во посебни контејнери кои што беа поставени на три нивоа. Првото ниво носеше 2 поени, второто ниво 3 и третото ниво носеше 6 поени.

Натпреварот се одвиваше помеѓу две алијанси, секоја алијанса беше составена од 3 тима. Секоја земја имаше по 9 натпревари во 9 различни алијанси. Целта со алијансите беше да средношколците развијат комуникација со останатите тимови, да осмислат стратегија и тактика, да направат договор а најважно да споделат ставови и мислења кон истиот проблем.

Нашиот робот беше главно насочен кон собирањето на микро полутантите и исфрлањето на истите на највисокото, односно на третото ниво. Роботот беше составен од 4 дела: основа, собирач на полутанти, лифт за нивно складирање и шутер што ги испукува на последното ниво. Имавме и механизам за макро полутантите кои ги носевме на првото ниво.

Кој е вашиот впечаток што „научивте“ вие од овој настан?

Од овој настан научивме дека најважната работа е меѓусебната поддршка, колегијалноста и безрезервната помош помеѓу тимовите. Овој пат помалите ни покажаа како се однесуваат зрели луѓе, ни покажаа дека не постои ни една поделба и дека сите сме луѓе со иста цел на овој настан. Искуството доживеано таму е навистина непроценливо, самата атмосфера на настанот беше пријатна со доза на возбудливост.

Колку се важни овие натпревари за образованието и кои се најголемите придобивки?

Вакови типови на натпревари сметам дека се важни затоа што пред сè се интересни и го привлекуваат вниманието на младите а преку тоа ги насочуваат кон информатичките (природните) науки. Друга придобивка од нив е тоа што младите имаат можност да прошетаат и да запознаат нивни врсници кои се насочени кон истата насока, односно правец на размислување.