Modular е македонски стартап за кој првпат слушнав на Demo Day на NewMаn’s Business Accelerator. На прв поглед нивната презентација ми беше малку нејасна бидејќи зборуваа за емоции и љубов. Но, откако го открија демото и креациите кои ги прават, можам да кажам дека Modular е еден од покреативните македонски стартапи. Modular е хибрид на софтверска платформа и хардверски стартап кој креира фантастични објекти со 3Д принтање.

„Идејата за Modular произлезе како резултат на одговорноста што ја стекнав низ долгогодишната практика на себе спознавањето, љубовта да го мотивирам, охрабрам другото битие да живее исполнет среќен живот и начинот на кој ги правам уметничките дела“, вели Нина Нинеска, основач на Modular.


Modular не е стартап креиран од програмери, туку невообичаен стартап кој е основан од уметник што ја користи уметноста за да претстави нешто креативно и филозофско, нешто кое ќе го „охрабри другото битие да живее исполнет среќен живот“. Нина е дипломиран скулптор, и затоа прво размислува од аспект на уметност и дизајнот, користејќи ја „тајната геометрија која резултира со хармонично унапредување на материјалниот свет, што е идејата да се модулира во емотивниот свет на човекот низ воведување во вистинските вредности и чувства“.

Но, ако концептот е комплексен, Modular е всушност едноставен и ефективен продукт. Се работи за платформа преку која корисниците можат сами да си креираат хармонични светилки или скулптура во различна геометриска форма, која одговара на нивното расположение. Овие виртуелни форми потоа се произведуваат со 3Д принтер, станувајќи реални објекти кои можат да ги користите како украс или како подарок. Според презентацијата на Demo Day, Modular е на пат да ја усоврши својата платформа со над 300 виртуелни форми што ќе се претворат потоа во вистински фасцинантни светилки, будилници, накит и статуи, кои може да се изработат за цена од пет до неколку стотици долари.

Мodular започнува како идеја која пред три месеци стана дел од стартап програмата на NewMаn’s Business Accelerator. Во акселераторот Нина го составува својот тим од Марија Предарска која се специјализира во роботиката; Христина Младеновска која ја направи креативна презентација за да го претстават Modular во Mинхен во ноември 2014-та; Сања Toшевска која е одговорна за материјалите; Валерија Ѓекиќ која е одговорна за индустрискиот дизајн; и Дона Мицковска која е веб дизајнер. Покрај тимот одговорен за промоција и работа со стартапот, удел во Modular имаат и партнерите Newmаn’s Business Accelerator и Grafikoprint, како и софтверската компанија Haselt која ја изработи платформата.

„Мodular е компанија за современа уметност и дизајн. Продукт со потенцијана способност да ја трансформира свеста и може да се употребува за медитација. Будилник за потсетување на високо енергетски вибрации-чувстава. Мodular ги претвара емоциите во светлина, преку креативната веб продажна платформа“.

Тоа што го прави Modular интересен проект е што нуди персонализација. Корисникот е вклучен во креацијата на продуктот преку платформата, преку која има избор на форми, материјали и испорака. Идејата може да биде привлечна во САД и Европа, кои се првите таргетирани пазари од Modular. Но, пред да го освојат светот, Modular мора да поработи на својот бизнис план за да ја претстави идејата на потенцијалните инвеститори.

„Продолжуваме со тековна работни активности на платформата, припремањето на прототиповите и нивно тестирање на пазарот, креирањето на одредени продажни кампањи за готовите производи и развој на брендот. Веруваме во производот и дејствуваме за негова реализација со целосна љубов и посветеност. Платформата планираме да биде достапна за употреба веднаш по нејзиното завршување“, вели Нина.

2 коментари на “Персонализираната уметност на македонскиoт стартап Modular

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии