Патувајте и борете се со глобалното затополување и загадувањето со Treebanks

Дејан Соколоски

во ИТ.МК

Treebanks е платформа преку која може да си организирате патување и истовремено да помогнете за почист воздух. Стартапот е креиран од Михаил, Митко и Невен Стевчеви и на некој начин ги спојува различните пасии кои ги имаат различните членови во семејството.

Таткото Митко е инженер агроном и екологијата е негова пасија целиот негов живот, Михаил пак е стартап ентузијаст кој досега беше дел во неколку стартапи. Тројцата го креираа Treebanks во декември 2018.

Како функционира сервисот?

Секогаш кога некој корисник ќе резервира патување преку овој сервис, иствремено ќе „засади“ и дрво. Секако корисникот нема сам да го сади дрвото, на благодарение на партнерите на Treеbanks се помага за почиста околина. Партнери на стартапот се Booking, Kiwi и Pagoda. Корисниците на платформата за ваквото закажување на патувањето не плаќаат ниту денар повеќе, а дрвјата се обезбедуваат преку средства од партнерите.

Сè што корисникот треба да направи е наместо директно да ја посети страницата на пример на Booking тоа да го направи преку Treebanks, понатаму целиот процес е ист како да сте да дошле на страницата преку Google пребарувачот или како директно да сте дошле на страницата. За секој корисник кој на овој начин ќе направи регистрација партнерите ќе „донираат“ по едно дрво.

„Нашата цел е да засадиме милион дрвја, да го документираме целиот процес и да креираме рамка која ќе може да се користи и на други локации. Секоја година ќе има две акции за садење, една на пролет и една во зима.“

На почеток сакале да садат тип на дрво кое брзо расте, но за жал ова дрво не смее да се сади на јавни површини во Македонија, па и тие морале да го променат типот на дрвото кое ќе го садат. Treebanks соработува и со претставници на Македонски Шуми и ентитети од општините што се одговорни за општинскиот хортикултурен план. Со помош на овие претставници се бираат и локациите на кои ќе се пошумува.

„До сега имаме донирано 73 дрвја во ЗОО Скопје. А, 400 дрвја засадивме во првата официјална акција. Локацијата е со деградирана шума од пожар, а беше предложена од Македонски Шуми – Радовиш. Целта на првата акција беше да димензионираме колкава ќе биде големината на следните акции што ќе ги правиме“, вели Михаил Стевчев.

Повеќе за Treebanks може да прочитате тука.