Паметните градови доаѓаат, Скопје и Велес започнаа со првите чекори

Минатата недела два градови во Македонија најавија дека започнуваат со различни чекори за креирање на градот во паметен центар. Град Скопје го објави тендерот за паметен град, а Советот на Општина Велес ја усвои нацрт-стратегијата за „Велес – паметен град“.

Тендерот кој треба да го направи Скопје паметен град е „тежок“ 5,5 милиони евра. Побарувањата доаѓаат со неколку различни функционалности. Паметниот град треба да опфати: систем за паметно осветлување; паметен паркинг систем; систем за надзор на квалитетот на воздухот; систем за следење на јавно мислење и задоволство на граѓаните; систем за паметно мерење на потрошувачка на вода; и изработка на градски портал.

Што се однесува до системот за електрично осветлување, градот ќе треба да може да управува со работата на светилките и да креира неколку различни светлосни сценарија. Предвидено е „интернет на нештата“ решение кое треба да обезбеди заштеда на енергија без притоа да се предизвика поголема опасност во сообраќајот. Светилките ќе бидат споени со систем кој ќе креира различно осветлување во различни временски услови. Во услови на намалена видливост ќе биде поосветлено, а во подобри метеоролошки и сообраќајни услови осветлувањето ќе биде помало. Дополнително, системот ќе треба да детектира и да известува за дефекти или проблеми при работата.

Другите два проекти, паметниот паркинг и системот за следење на квалитетот на воздухот се пилот проект. Паркинг решението ќе биде поставено на 100 паркинг места. Како сензори ќе се користат вградени батериски сензори под земја и ќе се активираат кога има слободен паркинг простор. Со оглед на тоа дека во неколку делови на градот дел од гужвата во сообраќајот е предизвикана од возачи кои бараат паркинг место ваков систем би можел да ги доведува возачите до следното слободно паркинг место. Со ова сообраќајниот метеж во делови на градот би можел значително да се намали. Предвидена е и изработка на мобилна апликација која ќе ја користат возачите.

Градот предвидува и додавање на мрежа за мерење на квалитетот за воздухот и веб-апликација. Интересно, ваков сервис веќе постои. Сензори за мерење на квалитетот на воздухот во Скопје има на неколку локации, но засега е нејасно дали новата мрежа ќе биде надополнување на постоечката. Дополнително, ќе биде изработена веб и мобилна апликација. Двете веќе постојат,  и иако веб апликацијата која е под министерството за екологија не се користи, мобилната апликација МојВоздух не само што постои туку и се користи од голем дел од граѓаните.

Велес пак има поинакво и постудизно решение. Советот на Велес усвои нацрт стратегијата за „Велес-паметен град 2019 – 2030“, а веќе започна и јавната расправа за ова решение.

Предвидени се платформи за изнајмување велосипеди, инфраструктура, управување и менаџмент со отпад – паметни контејнери, паметно јавно осветлување кое ќе се вклучува кога  ќе забележи движење и ќе се затемни кога нема да има движење. Дополнително, предвидена е и изработка на платформа која ќе треба на граѓаните да им овозможи пријавување на проблем, по што општината треба да го реши за 48 часа. Прва локација каде ќе започне имплементацијата на проектот е езерото Младост, каде ќе се започне со паметен паркинг, паметни патеки, паметни велосипеди и паметни клупи. На клупите посетителите ќе може да ги полнат своите уреди, а интересното решение е со велосипедите, кои може да се користат во околина на езерото, но ако корисникот ја напушти оваа зона велосипедот ќе се закочи.

„Стратегијата Велес паметен град 2019 – 2030 година е многу важен стратешки документ со кој ќе го трасираме развојот на Велес во следниот период и максимално ќе ги искористиме предностите кои ги дава информациско – комуникациската технологија. Стратегијата е ориентирана пред сѐ кон потребите на граѓаните и планирањето оди од пристапот од доле кон горе затоа што сите услови се креираат врз основа на потребите на граѓаните. Нашиот концепт опфаќа паметно управување со енергија и зачувување на животната средина, развој на дигитална инфраструктура, ефикасно и транспаренто управување со градот и паметно живеење и социјални услови “ вели Аце Коцевски градоначалник на Велес.

Овие системи, и многу други се веќе достапни во неколку поголеми светски градови и што е најважно веќе успешно се применуваат.

Што е паметен град?

Вообичаено под паметен град се подразбира, урбан центар во кој со различни сензори или други уреди се собираат податоци. По обработка на овие податоци се носат одлуки и се преземаат дејства. Како сензори се користат традиционални сензори, камери, или уреди на граѓаните, најчесто паметни телефони. Предностите на користењето на овие системи се различни. Од поефикасно управување со ресурси, до помали или поголеми удопства.

Веројатно очекувано, лидери во секторот се градовите во државите кои се отворени за нови технологии и законите се либерални во овој сектор. Ова секако значи Сингапур и Дубаи, но тука се и Лондон, Барселона, Сеул и Њујорк.

Решенијата кои ги користат се разновидни. Можеби причината за ова е што иако градовите имаат навидум исти проблеми не постојат исти решенија за проблемите. Решението на секој проблем за градовите е уникатно.

Не е баш сè идеално

Сепак не се сите воодушевени од паметните градови. Дел од критичарите сметаат дека посоодветно име за технологијата е “технологија за следење насекаде“. Секако главна причина за критиките е намалување на приватноста на граѓаните кои секако ќе добијат попаметна средина која веројатно и повеќе соодветствува на нивните потреби, но за ова жртва повторно е приватноста. Овој пат во многу поголем дел.

На пример, Дубаи користи автоматизирано решение за казни при сообраќајни прекршоци. Станува збор за интеграција од неколку решенија. Камерите го следат сообраќајот и реагираат кога се прави прекршок. Праќаат податок до системот кој проверува кој возач прави прекршок и преку апликација им се испраќа на возачите известување на казната. Од истата апликација може и да се плати казната. Оваа апликација се користи за куп различни потреби од плаќање на сметки до следење на поштенски пратки. Секако ова значи дека паметниот град може да ги лоцира и постојано ги следи граѓаните.

Слично и во Сингапур, со технологија се следат граѓаните кои фрлаат ѓубре од тераса, кои пушат на забрането место. Ова секако значи дека се следат сите граѓани, не само оние кои го прекршуваат законот, иако и ова секако е проблематично.

Веројатно Барселона е најдобар пример на паметен град и технологија интегрирани на едно место. Од штедливо јавно светило кое се вклучува единствено кога има потреба од него; до паметни паркинзи кои преку светлосна сигнализација на патот го водат возачот до следното празно паркинг место, до речиси автономен систем за собирање на смет, кој не само што автоматски го собира ѓубрето туку и спречува распространување на мирис.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии