Паметниот дом пристигна со Македонски Телеком и Вип

Речиси истовремено Македонски Телеком и Vip објавија дека воведуваат нова понуда – паметен дом. Двете компании нудат слични производи, па веројатно и самите корисници нема да мораат да прават избор ако веќе се со некој од овие два провајдери.

Уредите кои ги нуди Македонски Телеком доаѓаат од кинескиот производител Xiaomi. Производите кои ги нуди VIP се од Fibaro, Foscam и Aeotec. Двете компании нудат основни уреди, а центар на секој паметен дом секако е контролниот центар. Vip се чини дека управувањето го прават преку уред специјализиран за оваа намена. Контролниот центар на Македонски Телеком е повеќе уреди во еден, функционира и како ноќна светилка, аларм и ѕвонче, а ја управува и работата на сите други паметни уреди.

Останати уреди

И Vip и Македонски Телеком на своите корисници им нудат повеќе различни уреди кои би требале да ги исполнат сите нивни потреби.

Сензори за врати и прозорци

Овие уреди баш и не се дел од палета за паметен дом, иако несомнено помагаат во креирањето на целиот систем. Сензорите им помагаат на сопствениците преку информирање за тоа дали вратите и прозорците се затворени да не се грижат или да се грижат ако заборавиле да затворат. Дополнително, во целиот систем помагаат на пример да не се вклучува греење или ладење ако се отворени прозорците.

Камери

Двете продавници во листата на производи нудат паметна камера. Генерално нема преголема разлика иако перформансите се различни. Она што е клучно е дека камерата може да се активира со повеќе сензори и да започне да снима кога ќе се активира некој сензор. Видеото кое го снима камерата може веднаш да се испрати до паметниот телефон.

Сензори

Сензорите очекувано го прават она што мислите дека го прават. Станува збор за повеќенаменски сензор кој се активира на движење или на недостиг од движење. Може да се користат за активирање на камерата, за вклучување на светилка или да се активираат ако подолго време нема никакво движење. Дополнително, можат да измерат температура и интензитет на светлина.

Во својата понуда Vip нуди и засилувач кој овозможува и најоддалечените сензори да работат оптимално.

Паметна светилка

Македонски Телеком во својот избор на производи нуди и паметна светилка. Станува збор за помошна светилка која не може да ја замени главната светилка во домот, но пригодна е за креирање на попријатна атмосфера во домот.

Паметен прекинувач (копче)

И ова е дел од производите кои се достапни во Македонски Телеком. Станува збор за едноставен прекинувач, што доаѓа со три програмабилни команди: притискање, двојно притискање и продолжено притискање. Секоја од овие команди може да се искористи за различен сигнал од гасење на сите уреди во домот и вклучување на сите безбедносни сензори, до активирање на посебни уреди или групи уреди.

Паметен приклучок

Овој уред се поставува помеѓу штекерот и уредот. Овозможува прекин на напојувањето до уредот преку паметен уред, своевиден прекинувач што се управува преку паметен уред, таблет или телефон. Ова веројатно е најкорисниот уред од сите, но од некоја причина не е достапен во понудата на Македонски Телеком. Секако можеби уредот само не прикажан во листата.

Паметен дом, што е тоа?

Паметен дом е термин кој често се користи, иако „синонимот“ автоматизиран дом е поточен опис. Вообичаено под ова се подразбира и дом во кој најголем дел од уредите се поврзани со еден центар и може да се управуваат од таму.

Главна причина за брзиот развој е падот на цената потребен за поврзување на уредите, но и напредокот на интернетот. Широкопојасниот интернет е достапен и брз како никогаш досега, па може да си дозволиме повеќе уреди кои истовремено се поврзани на интернет. Напредокот на сензорите и на WiFi предавателите овозможи речиси и да не постои дел од домот кој може да остане непокриен. Дополнително и цената на опремата потребна за вмрежување е пониска.

Сепак кога зборуваме за навистина паметен дом подразбираме дека не баш се мора да се внесе преку притискање на виртуелно копче на телефонот. На пример, навистина паметен дом би можел да препознае кога домот е празен и да го исклучи греењето и светилките. Или паметното огледало подолу би можело секое утро да ја покажува најавата за временска прогноза и агендата за денот. Штом корисникот излезе од купатилото огледалото би можело самото да се исклучи.

Современите решенија овозможуваат или барем треба да овозможат поштедлив дом. На пример, паметните термостати и управувањето со клима уредите можат значително да ја намалат сметката поради греење и ладење. Дополнително, управувањето со работата на светилките, телевизорот, системот за музика исто може да заштеди енергија ако автоматски се исклучуваат штом нема никој во собите.

Секако тука е и поголемата безбедност во домот. Мрежа од камери и сензори може автоматски да вклучува камера, да покажува ако некој прозорец или врата се отворени и слично. Дополнително, видеото од камерите сега може да се стрима не само на таблет компјутер или телефон, туку и на часовник.

Предноста е и во неколку технологии кои овозможуваат поинаква помош. Постојат уреди кои можат да го следат примањето на лекови или да ги следат повозрасните луѓе и децата.

Веројатно најголемиот напредок во ова поле доаѓа во иднина. Две од најголемите компании, Google и Amazon, се влезени на пазарот, а и Apple полека им се приклучува. Веројатно следниот исчекор е комбинација на вештачка интелигенција со паметниот дом.

Засега веројатно сè уште најинтересна е работата која ја прават ентузијастите кои експериментираат со технологијата креирајќи паметен дом за своите потреби.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии