Паметни часовници – кој оперативен систем е вистинскиот за вас?

Иако многумина сметаат дека ваквите уреди не се нешто што би го користеле во секојдневниот живот, несомнено е дека паметните часовници можат и тоа како да ни го олеснат животот. Многу од нас носат часовник, па фактот што истиот можат да го заменат со компјутер со истата големина отвара многу можности.

И додека пред некое време не беше таков случајот, во моментов пазарот е прилично голем. Имаме многу производители кои се борат за парче од колачот, и се обидуваат да ги придобијат корисниците со иновативни функционалности. Имајќи го тоа на ум, доколку сакате да одберете паметен часовник, одлуката може да биде потешка отколку што очекувате. Многу од моделите доаѓаат со функционалности кои ги прават специфични за одредена намена, додека има други кои можат да направат се и сешто. За да ви помогнеме да го одберете вистинскиот за вас, ќе ги разгледаме неколкуте најпопуларни опции во моментов.

Паметен часовник или фитнес тракер?

Пред да навлеземе во оперативните системи кои ќе ги најдете кај модерните паметни часовници, битно е да ја направиме разликата помеѓу паметен часовник и фитнес тракер. Додека тракерите се некогаш и сé што ви треба од гледна точка на функционалност, нивната употребливост често завршува тука.

Selective Focus Photography of Man in Bubble Jacket Wearing Xiaomi Mi Band 2 Fitness Band While Holding Bridge Rails

Од друга страна пак, паметните часовници неретко имаат функционалности на фитнес тракер, покрај сите други работи кои ќе ги добиете. Фитнес тракерите обично се помали, полесни, и главната намена им е да соберат податоци за вашите активности, додека паметните часовници се користат и за комуникација.

Доколку се што ви треба е уред кој ќе ви ги брои чекорите и ќе ви каже колку километри сте поминале со велосипедот денес, фитнес тракер ви е и повеќе од доволен. Но ако сакате повеќе, продолжете со читање.

Кои се најголемите играчи во индустријата?

Како и во многу други сфери, и кај паметните часовници има неколку компании кои навидум доминираат на пазарот. Најголемата таква компанија е Apple, и како што многу го поистоветуваат терминот ‘таблет’ со iPad, има и многу корисници кои сметаат дека Apple Watch, кој користи watchOS, е синоним за паметен часовник. Покрај нив, секако тука се и Samsung со нивната серија на паметни часовници кои користат Tizen OS, и додека Google немаат свој модел да понудат, нивниот оперативен систем Wear OS е присутен на многу паметни часовници од најразлични производители. И за крај, ги имаме и Garmin кои имаат цела серија модели кои се најмногу наменети за активните корисници.

Apple и Apple watchOS

Првично пуштен во употреба во април, 2015та година, watchOS е оперативниот систем кој ќе го најдете на било која генерација на Apple Watch. Базиран е на iOS и дели многу со него, што го прави најдобриот оперативен систем за било кој корисник кој има iPhone.

Корисничкиот интерфејс е прилично едноставен и интересен за користење, и екосистемот на апликации е солиден со оглед на тоа дека оперативниот систем во моментов е достапен само на Apple Watch.

shallow focus photography of silver Apple Watch with black Sport Band

Една од најважните работи кај овој оперативен систем е интеграцијата со HealthKit, софтверот на Apple кој го следи вашето здравје и преку сензорите во часовникот има можност да открие болести од типот на хипертензија и дијабетес.

Samsung и Tizen

Tizen, како оперативен систем е всушност базиран на Linux, и проектот е првично најавен како производ на Linux Foundation. Сепак, Samsung се оние кои го развиваат оперативниот систем и го користат на своите производи. Истиот ќе го најдете не само на паметните часовници на компанијата, туку и на некои апарати за домаќинство, како и некои паметни телевизори и камери.

Во моментов истиот е присутен на сите паметни часовници на Samsung, од постарите Gear 2 модели, до најновите Galaxy Watch и Galaxy Watch Active 2. Иако во 2013та година имаше најави дека Samsung ќе понудат и мобилни телефони со Tizen, сепак одлучија да останат на Android и ги видовме само неколкуте Samsung Z Уреди со истиот.

Black Samsung Gear Displaying 05:55 on White Surface

Да се навратиме на паметните часовници, оперативниот систем е многу интуитивен. Апликациите се подредени во круг, а навигацијата е олеснета со ротирачкиот прстен, кој е физички кај Galaxy Watch, и на допир кај Active моделите. Иако има многу можности за персонализација, за жал екосистемот на апликации не е баш најдобар, посебно ако се спореди со оној на watchOS.

Додека Tizen го има само на Samsung паметни часовници, истиот е компатибилен со било кој Android уред, како и iOS уредите. Сепак, со Samsung уреди ќе го извадите максимумот, што го прави овој оперативен систем идеален за било кој корисник кој има Samsung смартфон, но и не е лоша опција за корисници на поинакви Android уреди.

Google и Wear OS

Иако Google нема свој хардвер, како што спомнавме, сепак Wear OS е присутен на голем број уреди. Веројатно најпознати се паметните часовници на Fossil, како и Moto360 на Motorola. Претставен беше во март, 2014та година како Android Wear, и во истата година беа претставени и неколку од уредите кои го користат истиот – Asus ZenWatch, Sony SmartWatch3, LG G Watch R и Samsung Gear Live.

Додека од корисничка гледна точка оперативниот систем е релативно едноставен, за жал многу корисници бегаат од него. Во моментов е преплавен со проблеми, и функционалностите кои ги нуди се многу поназад од оние на конкуренцијата. Дел од овие работи се должат и на фактот што една компанија го развива софтверот, а други хардверот, па дел од проблемите и недостатоците се за очекување. За жал, во моменталнава состојба, овој оперативен систем не може баш да се препорача. Уредите како Fossil Carlyle HR (Gen 5) се навистина примамливи од хардверска гледна точка, но софтверот е она што ги турка корисниците накај Tizen.

Garmin и Garmin Watch OS

Garmin е исто така еден од поголемите играчи во оваа индустрија, но нивните паметни часовници се со малку поспецифична намена. И покрај тоа што и со нив ќе добиете функционалности од типот на повици, пораки и нотификации, нивната најголема предност се фитнес функционалностите.

man typing on keyboard

Часовниците како Garmin fenix 6S, иако скапи, доаѓаат со карактеристики кои нема да ги најдете кај уредите на Samsung и Apple, ниту кај оние кои користат Wear OS. Покрај можноста за мерење на пулс и одличната навигација, паметните часовници на Garmin ќе ви дадат на располагање информации за вашите физички активности кои не сте ни знаеле дека можат да се измерат со часовник. Оперативниот систем работи добро и со iOS и со Android уреди, што значи дека е дефинитивно најдобра опција за оние кои времето го поминуваат надвор од дома и животот им е исполнет со физички активности како трчање, пливање, возење велосипед или планинарење.

Кој оперативен систем е вистинскиот за вас?

Иако и хардверот не треба да се занемари, кога станува збор за оперативниот систем кај паметните часовници, вашиот избор е всушност прилично едноставен. Доколку сте корисник на Apple уреди и ви одговара нивниот екосистем, watchOS е решението за вас. Ако имате Android уреди, а ова е посебно точно за оние кои користат Samsung смартфон, Tizen е оперативниот систем кој го барате.

Секако, може да се разгледа и некој Wear OS часовник, но во тој случај губите многу и треба да сте спремни на проблеми и недостатоци. И за крај, доколку барате паметен часовник со напредни функционалности за следење на физички активности, Garmin Watch OS, во комбинација со хардверот кој ќе го најдете на Garmin уредите е вистинскиот избор за вас.

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии