Ова е ера на информатичката технологија кога треба да се искористат сите придобивки, вели проф. др. Трајковски, кој покрај што е професор, е претседател на Македонското научно здружение за аутизам, консултант на уредникот на списанието “Journal of Policy and Practice in Intellectual Disabilities”, има објавувано научни трудови… a има и своја страна на Википедија.

Преку блогот и Facebook објавувате слики, информации за предавања, информации за испити. Зошто одбравте дигитални медиуми за информирање на студетите? Како тие помагаат?

Токму така, одлично сте забележале. Блогот го користам како алатка во високото образование повеќе од 4-5 години, а Facebook профилот 2 години. Новиот милениум е ера на информатичка технологија каде што треба да се искористат сите придобивки на новото време. Таблата и кредата се зад нас во 20-от век. Во време кога правилната и навремена информација чини многу пари ако останете на старите методологии тогаш во најмала рака сте декадентен професор. Блогерајот и Facebook ги користам како одлични средства за комуникација со моите драги студенти. Тоа е еден вид огласна табла каде што студентот не мора да дојде до факултетот, да потроши и време и пари за такси или автобус за да си ги види резултатите од испитот. Воопшто и да не ви говорам за можноста на линкување на видеоклипови од Youtube на разни синдроми и болести кои кај нас во Македонија студентите не можат да ги видат никогаш.

Значи, тоа е од непроценлива вредност за предметите што ги предавам, а тоа се: хумана генетика, физиологија со функционална анатомија и медицински основи на инвалидноста; каде што студентите добиваат одлични визуелни информации кои ќе им овозможат полесно подготвување на испитот и стекнување компетенции. Во однос на предавањата, вежбите и испитите студентите секогаш ја добиваат точната и навремена информација и потоа не можат да се пожалат дека нешто не им било кажано или дека не биле информирани. Во последните 4-5 години тоа е мој востановен систем кој сметам дека одлично функционира. На блогот и Facebook профилот младите колешки и колеги можат да слушнат и убава музика која пак укажува на втората димензија на овие медиуми, а тоа е нивната употреба како средство за релаксација. Како човек што ја обожува музиката од време на време знам да линкувам евергрин и популарна музика што претпоставувам дека им се допаѓа на посетителите.

Имате над 675 фанови на Facebook страната. Дали добивање информации за факултет преку друштвената мрежа им се допаѓа на студентите бидејќи и тие се на неа? Или пак тоа го сваќаат како обврска, навлегување во нивното слободно време?

Друштвената мрежа која брои неколку стотини милиони членови низ цел свет секако дека претставува право на избор и никој не е задолжен дека мора да биде мој фан. Мислам дека им се допаѓа на студентите, а тоа може да се увиди од нивните кликања на копчето „ми се допаѓа“. Да бидам искрен со вашите читатели, можеби и има и некои кои сметаат дека тоа е обврска, дека тоа им одзема од времето, но ќе повторам ако сакаат да ја добијат потребната информација и да научат повеќе тогаш не претставува проблем во текот на денот барем еднаш да влезат на овие веб страници и да потрошат 5-10 минути од слободното време. Сметам дека тие трошат многу повеќе време на Facebook, така што времето што треба да го одвојат за оваа цел е минорно. Facebook претставува голем бум во ИТ светот и секое негово игнорирање претставува немање на сенс за можноста за искористување на новите технологии во високото образование.

Приметив дека има пораки од други други професори на вашиот блог и Facebook страна? Дали е ова еден групен проект кој го носи вашето име и зошто самите не се инволвираат во друштвените медиуми?

Други професори не го користат мојот блог и Facebook страна, туку јас кога ќе проценам дека нешто е доста важно и информативно ја преземам нивната информација и ја ставам на увид на јавноста. Тоа обично го правам со информациите што пристигнуваат од Деканат или Ректорат. Не би сакал да звучам самобендисано, но понекогаш во деновите на најголема посетеност на мојот блог, мојот sitemeter покажувал поголема посетеност отколку официјалните веб страници на ФЗФ или УКИМ. Тоа го оправдува моето преземање на информацијата и нормално дека морам да го цитирам изворот на информација.

Значи, да заклучам тоа не е групен проект, а мене навистина не ми е јасно зашто колегите не сакаат да се вклучат во друштвените медиуми. Многу е мал бројот на тие кои ја користат оваа привилегија. Можеби тие немаат доволно време, можеби се плашат од новите предизвици, а повозрасните професори и не се едуцирани за овие медиуми.

Образованието се модернизира, тоа е сигурно. Но дали овие друштвени медиуми, блогови и други сервиси можеби го одвлекуваат вниманието, го прават образованието позабавно кога треба да биде посериозно?

Високото образование со крупни чекори се модернизира и 21-от век е одлична можност за надминување на некои застарени предрасуди. Мултимедијалниот пристап кој јас го користам на сите предавања е нужна неминовност доколку сакате да бидете квалитетен професор, во спротивно ве прегазило времето. Социјалните медиуми секако дека го одвлекуваат вниманието и во позитивна конотација го прават образованието позабавно, поинтересно и попривлечно за студентите. Во никој случај не сметам дека тоа е одраз на некаков несериозен пристап. Доколку би го мислел тоа сигурно дека не би се нафатил на оваа макотрпна работа која одзема доста од моето слободно време.

Што ќе ги советувате другите професори, и студенти, при користењето дигитални медиуми?

Јас би ги советувал другите професори дека треба малку похрабро да пристапат на благодетите што ги нуди информатичката технологија и несебично да одвојат од своето време во давањето на корисни информации. Тие мора да се носат со времето, а ова е век на информатичка револуција. Студентите мораат да го следат овој тренд. Тие едноставно треба да знаат каде и во секое време како да ја пронајдат потребната информација на Интернет. Доколку останат инертни и пасивни тогаш на нашето општество не му се пишува добро.

2 коментари на “Ова е информатичка револуција, вели проф. др. Владимир Трајковски

  1. Секоја чест за професорот!

    Не сакајќи да го навредам професорот, но не ли е ова нормално однесување на модерен професор во 21-ви век?
    Тогаш кога нашите жолтоклунци-министри ќе ги натераат сите професори да се однесуваат вака, ќе почнам да им верувам кога дробат нешто во микрофоните и се маваат во гради, модри од патриотски занес и докажување колку се грижат …

Коментирај

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

You may use these HTML tags and attributes: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <s> <strike> <strong>

*

Слични статии