Кодот кој пред неколку недели беше искористен за најголемиот DDoS напад досега, сега е јавно достапен. Софтверот е достапен на Hackforum, пишува KrebsonSecurity.
Кодот овозможува милиони уреди поврзани како „интернет на нештата“ да креираат бот-мрежа која потоа се користи за напад. Мрежата беше искористена за сајбер-напад врз сајтот на безбедносниот експерт Брајан Кребс, јави Motherboard.
Кодот овозможува пронаоѓање и злоупотреба на уредите чие корисничко име и лозинка се непрoменети и се исти како денот кога излегле од фабрика, за што постои и интернет пребарувач. Бројот на вакви уреди е огромен, од веб-камери до паметни фрижидери, па обемот на DDoS нападите кој постојано расте не е изненадување.
„Кога прв пат влегов во DDoS индустријата, не планирав да останам долгo. Заработив. Сега има многу погледи свртени кон интернет на нештата и време е да се изгубам. Денес имам неверојатно издание за вас. Со Mirai вообичаено можам да повлечам 380.000 ботови само од телнет. Но, по неверојатниот напад врз Krebs, интернет-провајдерите ги затвораат и ја чистат мрежата. Денес максималниот опсег е околу 300.000 и паѓа.“, вели Anna-sepai, креаторот на малициозниот код.
Безбедносните експерти, постојано предупредуваат на опасноста од ненадградувањето на софтверот на уредите поврзани на интернет и неменувањето на основната поставена лозинка. Вообичаено опасностите се за сопствениците на овие уреди, но се почесто камери, телевизори или фрижидери се дел од бот-мрежи.







